Стопени 285 милиони евра девизни резерви за половина година

Во Народната банка објаснуваат дека падот на девизните резерви годинава во најголем дел се должи на отплатите на државата кон странство. Раскалашана држава или навистина нема место за паника.

Македонските девизни резерви од почетокот на годината досега се намалени за 238 милиони евра, а од крајот на јануари до крајот на јули за 285 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија. Само изминатиот месец девизните резерви се намалени за 56,5 милиони евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека девизните резерви на крајот на јануари изнесувале 2,483 милијарди евра, а на крајот на јули изнесувале 2,198 милијарди евра.

Имајќи предвид дека од средината на јули започна сезонскиот откуп на девизи на домашниот меѓубанкарски пазар, којашто продолжува и во август, се очекува овој фактор во наредниот период да влијае во насока на раст на девизните резерви.
Народна банка на Република Македонија.

Во Народната банка објаснуваат дека падот на девизните резерви годинава во најголем дел се должи на отплатите на државата кон странство, пред сè предвремената отплата на кредитот за претпазливост кон ММФ од 153 милиони евра во февруари и достасаниот купон од македонската евро-обврзница во јули.

Девизните резерви се намалени и поради „нето - интервенциите на Народната банка на девизниот пазар коишто имаат сезонски карактер, односно се поврзани со движењата на девизниот пазар и главно ги одразуваат отплатите на дивиденди кон странски инвеститори“.

Тоа е дефинитивно производ на раскалашната држава, државата која троши многу повеќе отколку што може да прибере даноци, многу повеќе троши на увозни компоненти истата таа држава во услови на голем трговски дефицит.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

„Сепак, имајќи предвид дека од средината на јули започна сезонскиот откуп на девизи на домашниот меѓубанкарски пазар, којашто продолжува и во август, се очекува овој фактор во наредниот период да влијае во насока на раст на девизните резерви“, велат во Народната банка.

Поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев, пак, вели дека ваквите податоци не би требало да ги остават рамнодушни креаторите на економските политики.

Во наредните месеци веројатно со откупот на девизи од приливот од нашите работници од странство ќе се надополни.
Љубе Трпески, поранешен гувернер на НБРМ.

„Тоа е дефинитивно производ на раскалашната држава, државата која троши многу повеќе отколку што може да прибере даноци, многу повеќе троши на увозни компоненти истата таа држава во услови на голем трговски дефицит. Втората причина е тоа што очигледно фалените компании во технолошките развојни зони не даваат толку добри резултати на страната на извозот како што државата сака да прикаже. Вообичаено таа зборува за растот на извозот под влијание на странските компании, но исто така вообичаено го прескокнува растот на увозот“, вели тој.

Гошев посочува дека неодговорното трошење на државата не може да се компензира со нето-извозот кој е прилично мал.

Поранешниот гувернер на НБРМ Љубе Трпески, пак, вели дека нема простор за голема загриженост затоа што и покрај намалувањето девизните резерви се на оптимално ниво, односно може да покријат четиримесечен увоз.

„И со ова намалување тој услов е исполнет, така што повеќе може да се смета за некое сезонско влијание. Веројатно и предвремената отплата на обврски спрема странство влијае на намалувањето, ама во наредните месеци веројатно со откупот на девизи од приливот од нашите работници од странство ќе се надополни“, вели Трпески.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трговскиот дефицит во првата половина од годинава бил 834 милиони евра. За увоз биле потрошени 2,8 милијарди евра, а извезени се производи во вредност од 1,95 милијарди евра.