Достапни линкови

На неконкурентно стопанство му треба фиксен денарски курс


Народна банка на Република Македонија.
Народна банка на Република Македонија.

На Македонија и треба фиксен курс на денарот со еврото, пред се поради неконкурентното стопанство и слабиот извоз.

Неконкурентното стопанство и слабиот извоз се само дел од причините поради кои на Македонија и треба фиксен курс на денарот со еврото, велат економистите со кои разговаравме. Универзитетскиот професор Љубе Трпески вели дека со де-факто фиксен курс, не постои ризикот за промени на склучените договори во блиска иднина.
Не треба да заборавиме дека повеќе од 50 отсто од заштедите на населението се во странска валута, повеќе од 50 отсто од кредитите што банките му ги даваат на населението или на стопанството се или со девизна клаузула или со девизи, така што на сето тоа треба да се внимава какви последици би имало.
Љубе Трпески, универзитетски професор, поранешен гувернер на НБРМ.

„Понатаму не треба да заборавиме дека повеќе од 50 отсто од заштедите на населението се во странска валута, повеќе од 50 отсто од кредитите што банките му ги даваат на населението или на стопанството се или со девизна клаузула или со девизи, така што на сето тоа треба да се внимава какви последици би имало“, вели Трпески.

Сепак, фиксниот курс не може да се задржи засекогаш, вели поранешниот гувернер на централната банка.

„Еден ден ќе мора да се премине на некој друг режим затоа што науката кажува дека со либерализацијата на движењето на капиталот, а таа неминовно доаѓа како што се приближуваме кон Европа, дека е практично невозможно да се одржува фиксен курс, односно дека тој ќе влијае на загушување на економскиот раст“, вели Трпески.
Ако ние се исклучиме од тој фиксен режим и воведеме флексибилен девизен курс, тогаш би зависеле многу од флуктуациите на домашниот пазар, со тоа што нормално слабата конкуренција на македонските производи и компании би играла многу голема улога во губење на таа конкурентна позиција.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека засега фиксниот курс на денарот претставува поволност.

„Затоа што ако ние се исклучиме од тој фиксен режим и воведеме флексибилен девизен курс, тогаш би зависеле многу од флуктуациите на домашниот пазар, со тоа што нормално слабата конкуренција на македонските производи и компании би играла многу голема улога во губење на таа конкурентна позиција.“

Фиксниот девизен курс сè уште им помага на локалните моќници повеќе да заработуваат, со дополнителна помош од владините субвенции, вели Адеми.

„Градежништвото и прехранбената индустрија, посебно винарската индустрија, за тие кога ќе стигнат на некое ниво на конкурентност и ако преминат потоа на трети пазари, дури тогаш таа индустрија би ја повлекла и другата економија и дури тогаш би размислувале дали да воведеме флексибилен курс на денарот“, вели Адеми.

Како клучни предуслови за воведување на флуктуирачки девизен курс економистите ги посочуваат следниве предуслови: високи девизни резерви, пониски каматни стапки и многу пониски трговски и буџетски дефицити.
XS
SM
MD
LG