Директорот за Европа во УНХЦР Винсент Кошетел по посетата на грчките острови Кос и Лезбос во минатата недела упати остри критики спрема односот на членките на Европската унија спрема мигрантите.
„Триесет години работам во УНХЦР и посетив многу земји во Африка и Азија, но досега не сум видел ваква ситуација. Ова е целосно срамно за Европската унија“, рече тој.
Невладините организации потпомогнати од доброволци тешко се справуваат во емигрантските кампови на Лезбос кој е блиску до границата со Турција и претставува вообичаена рута за мигрантите кои преку Азија се обидуваат да стигнат до Европа.
„Тие живеат на отворено, во паркови и на улици и на места кои воопшто не се одбележани за нив. На островот владее целосен хаос“, рече Кошетел.
Триесет години работам во УНХЦР и посетив многу земји во Африка и Азија но досега не сум видел ваква ситуација. Ова е целосно срамно за Европската унија.Винсент Кошетел, директор за Европа во УНХЦР
Со слична судбина се соочуваат и мигрантите кои со гумени чамци пристигнуваат на брегот на Италија, но и оние во францускиот град Кале кои чекаат добра можност да се качат на воз или камион и низ тунелот под Ла Манш да стигнат во Британија.
Тоа доведе дo сė погласни критики во светот против досегашниот третман на мигрантите од страна на Европската унија.
Притоа се наведува дека Унијата прави многу малку за решавање на проблемот кој поради досегашната нејзина нехуманост само ќе ја зголеми оваа и онака тешка хуманитарна катастрофа.
Само од почетокот на оваа година досега преку Медитеранот дошле над 200 илјади мигранти од кои повеќе од две илјади загинале во овој нивен обид.
Она што најпрвин треба да направи Европската унија е да признае дека станува збор за бегалска, а не за мигрантска криза. Тие сакаат со тоа што ја викаат мигрантска криза да ја тргнат одговорноста за овие луѓе.Бабар Балоч, портпаролот на УНХЦР за средна Европа.
„Европа може многу повеќе да направи, а и кога прави нешто тоа е малку и предоцна. Тоа е евидентно во случајот со Грција во која дошле над 100 илјади луѓе“, вели за Радио Слободна Европа портпаролот на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци за средна Европа Бабар Балоч.
Според него, Унијата мора да им понуди заштита која ја немаат во нивните земји и поради што бегаат од Сирија, Ирак, Авганистан, Пакистан, Либија.
„Она што најпрвин треба да направи Европската унија е да признае дека станува збор за бегалска, а не за мигрантска криза. Тие сакаат со тоа што ја викаат мигрантска криза да ја тргнат одговорноста за овие луѓе“, вели Балоч, додавајќи:
„Тоа се жени, деца, семејства кои бегаат од војни и прогони. За нив овој пат е очајнички бидејќи изборот им бил или да останат и да бидат жртви или да избегаат и да се надеваат да останат живи.“
Балоч вели дека Европската унија може да обезбеди механизам за прифаќање на мигрантите и да покаже вистинска солидарност со земјите како Грција, Унгарија, Италија, Македонија и Србија.
„Европа е голем ентитет, но проблемот со кои сме соочени е земјите кои располагаат со најмногу ресурси се всушност оние што наметнуваат рестриктивна политика спрема бегалците“, заклучува за Радио Слободна Европа портпаролот на Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци за средна Европа Бабар Балоч.