Величковска: Книжевните средби – цивилизациски мостови

Поетесата и писателка Јулијана Величковска, во деновите од изминатиот викенд, беше македонски претставник на 28-от меѓународен книжевен фестивал „Барски летопис“, кој до 21 август се одржува во Црна Гора. Деновиве излезе од печат и второто издание на нејзиниот роман „Годишни времиња“, а Величковска во последно време е фокусирана и на 27-то издание на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово.

Не многу по патувањата во Загреб и во Софија, младата поетеса и писателка Јулијана Величковска учествуваше на уште една меѓународна книжевна манифестација. Таа во деновите од изминатиот викенд беше македонски претставник на 28-от меѓународен книжевен фестивал „Барски летопис“, кој во периодот од 14 јули до 21 август, се одржува во најјужниот црногорски град.

За мене тоа е нова територија, иако обично авторите прво ја освојуваат домашната публика, па соседите и дури потоа пошироко, мојот книжевен пат беше поинаков. Со поезијата прво бев присутна на неколку европски фестивали, а дури потоа еве остварувам нови контакти и се стекнувам со пријателства на книжевна основа со земјите од регионот.
Јулијана Величковска.

​Непосредно по враќањето од таму, од нејзиното успешно претставување во Бар, таа вели дека тоа за неа е нова територија и дека нејзиниот книжевен пат е малку поинаков.

„За мене тоа е нова територија, иако обично авторите прво ја освојуваат домашната публика, па соседите и дури потоа пошироко, мојот книжевен пат беше поинаков. Со поезијата прво бев присутна на неколку европски фестивали, а дури потоа еве остварувам нови контакти и се стекнувам со пријателства на книжевна основа со земјите од регионот. Ваквите средби го облагородуваат книжевното творештво во секоја земја, оти претставуваат културни и цивилизациски мостови меѓу учесниците автори и оти единствено така се случува вистинска културна размена. Овие средби се секогаш иницијални каписли за многу други од ваков тип во иднина, средби кои овозможуваат да дознаеме каква е актуелната современа книжевна сцена надвор од нашите граници и нашето говорно подрачје, но и македонската книжевна сцена да добие свое место и признанија надвор, во еден општ културен и книжевен контекст.“

Некако безмалку наедно со ваквите меѓународни книжевни патешествија на Величковска се случи и публикувањето на второто издание на нејзиниот роман

„Годишни времиња“ (ПНВ Публикации, 2014). Авторката не крие дека тоа за неа било пријатно изненадување и неочекуван исход кој дошол само половина година по неговата книжевна промоција.

„За мене тоа е уште еден доказ, за она што постојано се обидувам да го предочам, а тоа е дека сепак, во Македонија има сосема доволен број на читатели, соодветно на бројот на говорители на нашиот јазик. За мене ова значи дека мојата книга иако претставува едно посебно гледање на светот, во кое паралелно се прикажани неколку човечки судбини, дело коешто иако е нетипично по форма и структура, во кое минатото и сегашноста, реалноста и фикцијата се подеднакво застапени, сепак, се стекна со навистина голем број читатели, коишто се препознаваат во текстот и коишто несебично ги поддржуваат македонските автори.

Она што навистина многу ме радува се меиловите и пораките од читателите, коишто редовно ги добивам и во кои тие ги споделуваат со мене нивните впечатоци од книгата и како истата делувала како еден вид тригер, кој главно извлекува и среќни и тажни слики од нивното детство и дека книгата ги засмева и растажува во исто време.“

Родена 1982 година, Јулијана Величковска е автор на стихозбирката „Комарци“ (ПНВ, 2010) и на романот „Годишни времиња“, како и на неколку преводи на проза и поезија од англиски на македонски јазик. Нејзината поезија е преведена на повеќе светски јазици, меѓу кои: англиски, кинески, чешки, италијански, албански, српско-хрватски, холандски и други. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија објавени во земјава, во Србија, Чешка и Италија, а застапена е и во една антологија на светската современа поезија печатена во Кина.

Од друга страна, Величковска во последниве години својата младешка енергија, ентузијазам и силната потреба за градба на нови културни хоризонти ја има вткаено во замавот и опстојбата на книжевната манифестација Поетска ноќ во Велестово. Во пресрет на годинешното 27-мо издание, кое патем ќе се одржи на 14-ти август, таа вели дека во случајов програмата ќе почива на претставувањето на севкупното творештво на македонскиот поет Веле Смилески, за кого ќе говорат неговите колеги Раде Силјан и Санде Стојчевски.

„Традиционално, ќе се отвори и изложба на слики, овој пат од почесниот конзул на Монголија во Македонија, неговата екселенција Летив Намагланчивин, а потоа, на 15ти август ќе се одржи промоција, односно поетско читање на песни напишани од учесници на Поетска ноќ во Велестово, песни инспирирани од Велестово низ годините, а содржани во зборникот „Песни за Велестово“ којшто во соработка со Издавачката куќа ПНВ Публикации го издадовме неодамна. Вечерта ќе бидат присутни дел од авторите застапени во овој зборник, тоа се автори од Македонија и странство.“