Гуру Харе - Рокенролот сè уште носи порака

„Заситен од блузот“ е насловот на деби албумот на гитаристот Гуру Харе или Игор Атанасовски што се појави неодамна и зад кој застана Издавачкиот центар „Три“. На него се поместени 12 теми кои отскокнуваат далеку од вообичаената понуда на домашната музичка сцена и кои на виделина наново го вадат музичарот кој низ годиниве секогаш беше тука, но дури сега се осмели да ја сподели својата модерна визија и умешност со широката публика. Едно големо добредојде за него.

На неодамнешната промоција на своето првенче каде е потпишан како Гуру Харе, гитаристот и автор Игор Атанасовски најави дека би сакал со албумот „Заситен од блузот“ да ја помине цела Македонија. Да свири секаде каде што постојат најелементарните услови за една пристојна средба со публиката. Со оние преостанати правоверници во рокенролот и блузот кои настојчиво веруваат дека битките не се изгубени. Дека урбаните пораки не се залудни.

Од поголемите градови остануваат Битола, Струмица, Гевгелија, меѓутоа бидејќи сам си ги бркам работите оди споро. Барам контакти и сакам да свирам, не во големи, туку во места каде што сè уште се има желба и вкус да се чуе енергетски набиена рокенрол музика.
Игор Атанасовски - Гуру Харе, музичар.

И, како што ќе рече во пресрет на концертната промоција во Штип, досега свирел во Куманово, Прилеп, Велес, Охрид, Скопје и дека на 7 и 8 август планира по жиците да пребира и да го ткае блузот во Кичево и во Струга.

„Од поголемите градови остануваат Битола, Струмица, Гевгелија, меѓутоа бидејќи сам си ги бркам работите оди споро. Барам контакти и сакам да свирам, не во големи, туку во места каде што сè уште се има желба и вкус да се чуе енергетски набиена рокенрол музика“, вели гитаристот.

Рокенролот сè уште носи порака, меѓутоа луѓево се малку мрзливи да ги слушаат текстовите. Тоа е онака генерално кажано, иако морам да се пофалам дека од неколкумина слушнав убави зборови за она што сум го напишал, што, пак, би значело дека ете некој и тоа го сторил. Ако внимателно ги слушнат, тоа е суштината на албумот. Говорам за оние општи човечки теми што нè допираат сите. Тоа го правам на единствениот начин кој го знам. А тоа е рокенрол јазикот. Мислам дека секој ќе може да си се најде себе во текстовите.
Игор Атанасовски - Гуру Харе, музичар.

Говорејќи за албумот, за неговиот наслов, Харе вели дека, иако можеби ќе звучи контрадикторно, тој самиот нималку не е „презаситен од блузот“ музички, туку од „блузот“ кој ние овде во Македонија подолго го живееме. Вели дека произлегол од песната во којашто гостин му е неговиот пријател и соборец Игор Џамбазов. Дека го извлекол како заеднички содржател на сето она што како поетика, како чувство, го има на изданието.

„Рокенролот сè уште носи порака, меѓутоа луѓево се малку мрзливи да ги слушаат текстовите. Тоа е онака генерално кажано, иако морам да се пофалам дека од неколкумина слушнав убави зборови за она што сум го напишал, што, пак, би значело дека ете некој и тоа го сторил. Ако внимателно ги слушнат, тоа е суштината на албумот. Говорам за оние општи човечки теми што нè допираат сите. Тоа го правам на единствениот начин кој го знам. А тоа е рокенрол јазикот. Мислам дека секој ќе може да си се најде себе во текстовите“, вели Гуру Харе.

На студиските сесии за „Презаситен од блузот“ на Атанасовски од голема помош му биле неговите долгогодишни музички собеседници и пријатели како Жарко Пејковски Жба, басистот Трајко Симоновски Таци, тапанарот Златко Михајловски Бумбар, потем тромбонистот Сашко Николовски, Иван Бејков на контрабас, Кире Кузманов кој свири саксофон и флејта, трубачот Трајче Велков, Дамир Имери на Хемонд органа и конечно ПУКА КОЗМЕТИКА, Ѓоко Максимовски и ко-продуцентот и инструменталист Мите Димовски.

„Среќен сум што сите нив ги имам на албумот. Тоа се пријатели музички стекнати и спечалени низ годиниве. Низ разно-разни соработки и проекти и ете беа тука кога ми требаа“, вели музичарот.

На овој носач на звук се наоѓа и веројатно последната студиска снимка на кубанско-американскиот перкусионист Оскар Салас, кој последните години од својот богат творечки живот ги мина во Скопје и со кого Атанасовски остварил соработка непосредно пред неговата смрт.

„За жал ова е негова последна студиска снимка. За уште поголема жал не дочека да ја чуе песната готова. Јас за него дознав случајно. Ми кажаа дека имаме во Скопје музичар од голем калибар. Човек кој растел со Џеко Пасториус, кој свирел со Дејвид Брн од ТОКИНГ ХЕДС и сето тоа силно ме заинтригира. Го најдов. Пиевме кафе. Го прашав дали би сакал да гостува на една песна од мојот албум. Ја снимивме песната „Пријател“ која како да го опишува неговиот живот. Случајно испадна така. Мене Оскар ми беше малку мистериозен. И, уште ова, тој сакаше на песната, бидејќи навистина му се допадна, да ѝ ставиме текст на шпански што би го напишала една негова пријателка. Ќе беше убаво доколку тоа се случеше, но ете, остана „Пријател“ ваква каква што е и гледам дека луѓево одлично ја прифаќаат. Јас сум среќен што го имам и големиот Оскар Салас на една од песните на албумот. Неговиот дух, таа специфична изведба на конги, силно се чувствува“, вели Атансовски.

Инаку, ова е втор носач на звук на гитаристот ако се земе предвид дека тој со Пејковски и вокалистката Калина Велкова стојат зад електронскиот проект АУТМАЈНД. Но, познат како врвен мајстор, како еден од еснафите кој не одбива да подаде рака и како инструменталист кој има искинато многу патики по македонските друмови, Харе знае да каже дека тие два проекти му се малку. Дека би сакал барем уште два – еден со фјужн музика, а друг експериментален.

„Како автор и како музичар навистина имам широк дијапазон на интереси. Имам направено многу музика која би прилегала да речеме за филм, многу амбиентална музика која допрва треба да се најде на некое издание. Таа си го чека моментот. Едноставно така ми доаѓа. Песните си се раѓаат, а потоа ги селектирам која за кој кош ќе биде. Сепак сме мал музички пазар и морам да признам дека се чувствувам неискористено. Неизработено. Би сакал многу повеќе да свирам и да соработувам со најразлични музичари. Имам купишта музика. Во моментов има уште еден спремен албум за Гуру Харе. Готов е и новиот албум на АУТМАЈНД кој ќе се појави некаде наесен. Јас сум таква личност. Дури и кога растев, кога слушав музика, кога се подготвував професионално да се бавам со ова едноставно не можев да се скрасам во еден жанр. Ги слушав Мајлс Дејвис, Пет Метини, потоа РАМОУНС, КЛЕШ, па Хендрикс, толку добра музика има што не можам да застанам на едно нешто“, вели Харе.