Сточниот фонд во Македонија во последниве десет години се намалува, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Сточарите се жалат дека ниските откупни цени на млекото и скапата сточна храна се главна причина што стоката наместо во штала „оди во кланица“.
Еве колку штали има уништено, поминете по селата ќе видите. Едно камионче ги врти сите села, не може два тона да собере, а порано собирало два тона од две села, на пример.Зоран Ангеловски, сточар.
Според државната статистика, бројот на говеда од 2004 до 2014 се намалил од 255 на 242 илјади грла. Бројот на овци е преполовен, па од 1,4 милиони во 2004 минатата година имало околу 740 илјади.
Земјоделци од битолско кои порано чувале крави, но ги продале, велат дека станало толку неисплатливо, што не само што приходите се намалиле, туку оти почнале да одат и во зијан, оти со парите од млекото не можеле да ја покријат сточната храна.
Сточарот Зоран Ангеловски од скопско Јурумлери чувал 12 крави, но сега тој број го намалил на 4-5. Вели дека сега откупната цена на млекото е 16 денари, а треба да биде над 20 денари за литар. Со толку ниска откупна цена, чувањето говеда стана неисплатливо, вели тој.
„На пример еве јас сум сточар, не сум питач некој да ми помага, да ми дава милост. Нека ми даде реална цена на млекото, нека биде откупната цена колку што би требало да биде и мене не ми треба милостиња.“
РСЕ: На субвенциите гледате како на милостиња?
„Па да. Еве колку штали има уништено, поминете по селата ќе видите. Едно камионче ги врти сите села, не може два тона да собере, а порано собирало два тона од две села, на пример“, вели тој.
Професор Борис Анакиев, пак, вели дека главни причини за намалување на сточниот фонд се тоа што сточарството е посложен процес кој бара поголеми знаење и поголема инвестиција од земјоделството од една страна и погрешната земјоделска политика од друга страна.
Државната поддршка не ги разликува тие работи, нема осет за системот за сточарство и не знам од кои побуди се прави поддршката, така што и поддршката за сточарството не е како што треба и затоа е такво.Борис Анакиев, универзитетски професор.
„Државната поддршка не ги разликува тие работи, нема осет за системот за сточарство и не знам од кои побуди се прави поддршката, така што и поддршката за сточарството не е како што треба и затоа е такво“, вели Анакиев.
Пред точно две години, контроверзниот индиски милијардер Субрата Рој, на прес-конференција во присуство на премиерот Никола Груевски и тогашниот министер за земјоделство Љупчо Димовски, најави 300 милиони евра инвестиции во агрокомбинатот Џумајлија, во кој рече дека ќе донесе 20 илјади крави, ќе отвори фабрика за добиточна храна, модерна млекарница и ќе вработи две илјади луѓе. По затворањето на бизнисменот поради измами во Индија, таа инвестиција пропадна, но експертите уште претходно беа скептични дека таа може да се реализира, зашто нема инфраструктура за толку голема фарма.
Владата секоја година издвојува по над сто милиони евра за субвенции во земјоделството. Во програмата за годинава се предвидени 140 милиони евра финансиска поддршка за земјоделско производство. Од нив, за сточарство се предвидени 34,1 милиони евра.
Во Министерството за земјоделство велат дека субвенциите практично го спасиле сточарството, зашто без нив тоа практично ќе замрело.
„Со транзициските промени во Република Македонија бројот на овците константно се намалуваше сè до 2007 година од кога се започна со реализацијата на политиките на Владата за финансиска поддршка на секторот. Со тоа трендот на намалување е сопрен и последниве години постепено се зголемува, освен минатата година кога е евидентиран падот од 4 отсто што се должи на појавата на болеста Син јазик. Сепак, радува фактот што во 2014 има зголемено производство на овчо млеко за 4,1 отсто споредено со 2013 година или вкупно околу 35 милиони литри“, велат во Министерството за земјоделство.
Сепак, и покрај тоа, земјоделското производство се намалува, а Македонија троши стотици милиони евра за увоз на храна. Според државниот завод за статистика, Македонија лани извезла храна и живи животни во вредност од 388 милиони долари, а увезла 684 милиони долари. Тоа значи дека трговскиот дефицит со странство само при трговија со храна и живи животни лани бил 297 милиони американски долари.