МРТВ треба да биде јавен, а не партиски сервис

Власта и опозицијата преговараат, опозицијата да добие некакво влијание врз јавниот сервис. Новинарите се одлучно против делење на владини и опозициски канали, бараат МРТВ да стане сервис на граѓаните.

Едно од клучните барања на СДСМ, смена на раководството на Македонската радио телевизија не е предвидено во договорот од 2 јуни, ниту во таканаречениот протокол од 15 јули, но партискиот портпарол Петре Шилегов во неделното интервју на Радио Слободна Европа тврди дека за тоа ќе се договора работната група. На прашањето, пак, што би направиле тие за подобрување на слободата на медиумите, тој вели дека постојат повеќе модалитети за кои може да се разговара.

Постојат механизми за кои што можеме да разговараме, од тоа дека може во уредувачката политика на јавниот сервис да се обезбеди определена дневна саатнина или да се отвори канал со кој ќе располага опозицијата во Македонија, без разлика која и да е.
Петре Шилегов, СДСМ.

„Постојат механизми за кои што можеме да разговараме, од тоа дека може во уредувачката политика на јавниот сервис да се обезбеди определена дневна саатнина или да се отвори канал со кој ќе располага опозицијата во Македонија, без разлика која и да е. Значи постојат модалитети и начини. До тие решенија секогаш доаѓаме заеднички или би сакале да дојдеме во разговор со новинарите, меѓутоа со оние кои навистина ја обавуваат новинарската дејност, а не со оние кои се очајно сервилни кон владејачката структура“, вели Шилегов.

На неодамнешната дебата за реформи во јавниот сервис, и претседателката на МАН Слаѓана Димишкова предложи воведување на нов канал на македонската телевизија каде уредниците ќе биле предложени од опозицијата.

Не постои јавен интерес на ВМРО-ДПМНЕ или јавен интерес на опозицијата или јавен интерес на власта. Значи постои само еден единствен јавен интерес на сите граѓани во Република Македонија и тоа мора да остане така.
Зоран Бојаровски, новинар.

Но, ваквите идеи за дел од новинарската заедница се крајно неприфатливи. Кој и да го смислил тоа се впуштил во нешто најбесмислено и најапсурдно кога станува збор за јавен радиодифузен сервис, оценува новинарот Зоран Бојаровски, кој е и поранешен член на Советот на МТВ.

„Ако така се спроведуваат реформите во Македонската радио телевизија, тоа е само чекор понатаму кон поделбите во македонското општество. Ако се делат каналите во Македонската радио телевизија, се дели општеството, општественото ткиво, јавниот интерес во Република Македонија. Не постои јавен интерес на ВМРО-ДПМНЕ или јавен интерес на опозицијата или јавен интерес на власта. Значи постои само еден единствен јавен интерес на сите граѓани во Република Македонија и тоа мора да остане така, а дополнително тоа е во спротивност со сите принципи на јавните радиодифузни сервиси во Европа“, смета Бојаровски.

И поранешната новинарка во јавниот сервис и долгогодишен уредник на неделникот Фокус Јадранка Костова вели дека е одлучно против идејата за два сервиса на Македонската радио телевизија. Суштината на враќање на Македонската радио телевизија на вистински колосек на јавен сервис е да се држи до професионалните стандарди за еден јавен сервис и да биде во служба на граѓаните, а не на партиите, вели таа.

„Јас знам дека партиите предлагаат за сè и сешто кадровски решенија, но тоа ќе доведе до уште поголеми поделби и етикети кои ќе си ги носат луѓето и таквите канали зависно од тоа кој стои зад нив. Според мене, основно кон она што треба да тежнееме сите да го постигнеме и како граѓани, а и вработените во МТВ, но и сите граѓански организации и партии, е како МРТВ да стане вистински јавен сервис во служба на граѓаните, а не во служба на партиите“, вели Костова.

Во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела, што се однесува до приватните телевизии, Шилегов вели дека рекламирањето ќе било забрането со закон, односно владата ќе можела да се тоа да го прави само на јавниот сервис.