Достапни линкови

Договорот го потпишаа, тактизираат со спроведувањето


Конкретните рокови предвидени во протоколот до кои треба да се направат реформите и смените во министерствата и другите институции течат, па и еврокомесарот Хан порача дека нема време за губење.

Средбата на работната група на која првпат требаше да присуствува и СДСМ не се одржа, па партиите влегоа во процес на меѓусебно обвинување за тоа кој бил виновен, кој пропуштал средби досега па се обидувал да спинува, кој бегал од избори, иако до договор постигнат минатата недела се дојде исто така тешко со одложувања на средбите и неговото спроведување почна со одложување.

Тоа е очекувано дека е можно да се случи, некогаш ВМРО-ДПМНЕ да биде настрана, некогаш СДСМ да биде настрана. Меѓутоа, за жал, како што тргнаа работите, ценам дека така ќе продолжат да се провлекуваат, сè до конечниот договор.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

Според професор Никола Дујоски, веќе се препознава дека нема искрена намера за спроведувањето на договореното.

„Тоа е очекувано дека е можно да се случи, некогаш ВМРО-ДПМНЕ да биде настрана, некогаш СДСМ да биде настрана. Меѓутоа, за жал, како што тргнаа работите, ценам дека така ќе продолжат да се провлекуваат, сè до конечниот договор. Вакви проблеми, иако тоа се ситни проблеми, средбата се одложила, белгискиот експерт е тука, Попоски е во Брисел, сите може да имаат изговори. Мислам дека во моментов реална волја од двете страни не постои, или таа е повеќе изразена на страна на ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам дека и понатаму ќе се случува ова, дека и понатаму ќе бегаат од одговорноста и роковите и сè некако ќе се завршува под притисок и во последен момент“, вели Дујоски.

ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА цело време беа против договорот и се разбира дека тие ќе се обидат тој и да се одложи и ако може дури и да се деформира во смисла на прецизно спроведување на дело на договореното.
Насер Зибери, поранешен пратеник.

Аналитичарот Насер Зибери, пак, смета дека одложувањето на средбата вчера било прв индикатор дека спроведувањето ќе наишло на потешкотии.

„ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА цело време беа против договорот и се разбира дека тие ќе се обидат тој и да се одложи и ако може дури и да се деформира во смисла на прецизно спроведување на дело на договореното“, вели Зибери.

Во меѓувреме, конкретните рокови предвидени во протоколот до кои треба да се направат реформите и смените во министерствата и другите институции течат, па и еврокомесарот Хан порача дека нема време за губење.

„Се разбира, секој има право на одмор, но институциите треба да бидат таму, а не на одмор, па треба да се продолжи со спроведување на договореното. На 15 септември треба да има специјален обвинител како што фиксиравме. Треба да ја почнеме имплементацијата на договореното со оглед на она што се треба да се направи“, вели Хан.

Зибери, пак, додава дека токму претставниците на Европската унија нема да дозволат да не се одржат изборите и да не се реализира договорот.

„Мислам дека меѓународниот фактор нема веќе трпение да ги гледа нашите политички актери како цело време наоѓаат изговори за да го изиграат договореното и истото да не се спроведе на дело. Напротив, тие ќе притискаат со сите инструменти што им се на располагање и ќе го изведат процесот до крај“, вели Зибери.

Според договореното, покрај специјалниот јавен обвинител, на први септември СДСМ треба да се врати во парламентот, а на 20 октомври да постават нови министри и заменици во неколку министерства. Во меѓувреме работните групи од четирите партии со помош на белгискиот експерт Петер Ван Хоуте треба да подготват сериозни реформи поврзани со Државната изборна комисија, антикорупциската комисија, МРТВ и други институции.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG