Јовковска - Просторот е толкав колку што самите ќе го освоиме

Ана Јовковска, новинарка. Фото: Томислав Георгиев.

По средбите со читателите и собеседниците во Скопје, Тетово, Штип и Велес, новинарката и активистка Ана Јовковска, во деновите од претстојниот викенд, своето првенче – книгата „Пулсот и времето“, ќе ја промовира на југот од земјата. Најнапред в петок, на 24 јули, во 20 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга во рамките на третото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримOn“, а ден потоа во истиот термин и во охридскиот клуб „Аквариус“. Овојпат гости ќе ѝ бидат писателот, литературен критичар и музичар, професор Владимир Мартиновски и културниот работник и истражувач Билјана Тануровска Ќулафковски.

Решив и летово да брануваме со книга и мислам дека обидот да се развива таа културна продукција или таа книжевна сцена наспроти меинстримот, поп културата и целата дигитализација е како битката меѓу Давид и Голијат. Денес младите одат со таблет на плажа, а не со книга во раце, ама еве јас се обидувам да ја туркам некако таа културна продукција и таа книжевна сцена, а на тој начин и книгата „Пулсот и времето“ да дојде до поголем број на читатели.

Еве конкретно за промоциите во Струга и во Охрид, низ разговор, низ еден некласичен формат ќе ја претставиме и книгата, а ќе отвориме и многу теми - од човекови права, емпатија, солидарност и активизам, па сè до култура, уметност, филм и што и да е.
Ана Јовковска, новинарка.

Ова ќе го забележи Ана Јовковска во пресрет на промоциите на нејзиното првенче „Пулсот и времето“ во Струга и во Охрид. Овој петок, на 24 јули, во 20 часот, делото најнапред ќе биде претставено во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ како дел од програмата на третото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримOn“, а веќе наредниот ден и во несекојдневниот амбиент на култниот крајезерски клуб „Аквариус“ во градот под Самоиловата тврдина.

Книгата сама по себе претендира да биде некаква културна меморија на едно време или некаков документ, но на крајот на краиштата таа е огледало на секој од нас и секој човек и поединец со своите проблеми и дилеми се препознава во ова четиво.
Ана Јовковска, новинарка.

Говорејќи за активностите планирани во рамките на оваа своја „летна книжевна авантура“, како што милува да каже, таа потенцира дека „сака да го избегне тој класичен елитистички пристап кој многу луѓе го практикуваат во културата и да ја размрда таа хиерархиски вертикална поставена матрица од горе надолу во комуникацијата“. Дополнува дека токму поради тоа промоциите ги прави на поинаков начин. Не како некаков класичен книжевен настан, туку смета дека тие се еден вид на хибрид меѓу интерактивна, отворена, жива и вибрантна дискусија со луѓе коишто се дел од книгата, луѓе коишто ги интервјуирала во изминатава декада во телевизискиот проект „Пулс“.

„Еве конкретно за промоциите во Струга и во Охрид, низ разговор, низ еден некласичен формат ќе ја претставиме и книгата, а ќе отвориме и многу теми - од човекови права, емпатија, солидарност и активизам, па сè до култура, уметност, филм и што и да е, со двајца прекрасни луѓе со професорот, поетот и музичар Владимир Мартиновски и со Билјана Тануровска Ќулафковски која е културен работник, истражувач, активистка, собеседници со коишто ќе се обидеме да поставиме еден широк тематски спектар, како и да ја поддржиме децентрализацијата на културата затоа што овие ентузијасти и културни дејци од иницијативата ИНКА, коишто практично го потпишуваат „ДримOn“, сето тоа го прават „на мускули“, вели таа.

Јовковска верува во тоа дека „просторот е толкав колку што самите ќе си го освоиме“. Затоа смета дека дури и во овие писателски води каде што „сè уште доминира некаква возрасна матрица“, младите автори, особено жените авторки коишто се во малцинство во Македонија, се тие коишто треба да се обидат со една поинаква, креативна, луцидна и смела пропагандна или комуникациска стратегија, затоа што целта на секое, па и на ова книжевно дело, на „Пулсот и времето“, е да допре до што поголем број на читатели.

„Книгата сама по себе претендира да биде некаква културна меморија на едно време или некаков документ, но на крајот на краиштата таа е огледало на секој од нас и секој човек и поединец со своите проблеми и дилеми се препознава во ова четиво“, вели Јовковска.

Авторката знае да каже дека секоја идна промоција отвора нови прашања и нови дилеми. Вели дека за неа тоа е нова инспирација и нова мотивација. Особено кога таа притоа е во директен контакт со публиката и кога човек има можност да запознае многу луѓе и на терен да бидат мапирани нивните потреби.

И колку за потсетување, „Пулсот и времето“ на Ана Јовковска е монографска збирка од 50 интервјуа со афирмирани јавни личности, писатели, професори, уметници, активисти, актери, политичари и дипломати. Тоа е креативно разиграна и разновидна селекција на 50 од вкупно 500 интервјуа реализирани низ авторскиот проект „Пулс“ на новинарката кој во изминатава декада се емитуваше на неколку национални телевизии. Низ ова книжевно дело, таа, како што ќе забележат, рецензентите, прави вивисекција на македонската интелектуална мисла, расветлувајќи прашања од интердисциплинарен карактер и анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината, како културен документ на едно време.

Книгата е публикувана од издавачката куќа „Силсонс“ – читачки клуб при Матица македонска, има 500 страници, и покрај интервјуата содржи и биографии и фотографии.