Неопходно е што поскоро да се започне со процес на деметрополизација во државата, зашто одделни региони како пелагониските општини се соочуваат со пад на наталитетот и иселување. Ова го изјави Владо Камбовски, претседател на Македонската академија на науките и уметнoстите деновиве, откако престојуваше на симпозиум во Демир Хисар, општина која е силно погодена од намалениот наталитет. Според него, неопходно е сите сегменти на општественото живеење да се развиваат и во другите делови на државата, а не да се централизирани во најголем дел во Скопје.
Дојдовме до една точка каде што мора брзо да започне процесот на деметрополизација. Тука е животот на народот и во другите општини. Не е животот на народот само во Скопје, во некои институции во кои сами себе се лажеме дека емитираме уметност, култура, наука, политика итн.Владо Камбовски, претседател на МАНУ.
„Дојдовме до една точка каде што мора брзо да започне процесот на деметрополизација. Тука е животот на народот и во другите општини. Не е животот на народот само во Скопје, во некои институции во кои сами себе се лажеме дека емитираме уметност, култура, наука, политика итн. Тука, каде само што ќе стапнете сте вдахновени веднаш да размислувате за работите на еден поинаков начин, не дневен или сo затворен видик, туку со некои мерила кои се бројат со векови, а не само со денови или недели“, рече Камбовски.
Од Општина Демир Хисар информираат дека порано броела 20 илјади жители, а денес бројот е преполовен. Годишно се раѓаат околу 50 деца, а умираат 100 до 150 лица. Градоначалникот Љупчо Блажевски проблемот го лоцира во примената на погрешните стратегии на демографскиот рaзвој од поранешните политички структури. Но, и во погрешната политика на нерамномерен развој меѓу селата и урбаните центри. Со цел да се стимулира нагорен тренд на наталитетот, Општина Демир Хисар доделува 5000 денари за секое новороденче.
Освен Демир Хисар, со намален наталитет се соочуваат другите помали пелагониски општини. Во Новаци годишно се раѓаат по 30 бебиња, исто толку во Могила, стотина во Ресен. Дел од селата во овие општини се иселени или се со старо население. За состојбата е загрижена и црквата.
„Да сториме нешто за ревитализација на нашето сеопшто опстојување во овие напуштени краеви како што е демирхисарско. За тоа познатиот академик од овие простори Петре М. Андреевски говори во неговото дело „Последните селани“. Јас би рекол и за последните баби од Бабино зашто ете на пример во селото Бабино има само две баби. Нема друго решение освен да се отпочне со ново раѓање, со нови семејства, со деца, џагор“, рече преспанско-пелагонискиот владика Петар.