Урбанизација на крајбрежјето на Дебарско Езеро

Изградбата на објекти во овој дел од периферијата на Дебар ќе овозможи развој на туризмот, но и нови вработувања.

Локалната власт во Дебар во својот развој особено внимание посветува на туризмот. Покрај бањскиот туризам, кој сега е мошне развиен, се прават напори да се забрза и езерскиот туризам. Деновиве заврши јавната дебата за урбанизирање на градот околу Дебарското Езеро. Интересот за инвестирање во овој дел на градот е многу голем.

Инаку со Планот се предвидува дел од комплексот на местото Венец да се изградат хотелски комплекси со придружни објекти, базени и игралишта за мали спортови, потоа објекти за угостителски дејности како што се кафе барови, ресторани како и 40 до 60 викенд куќички.
Петрит Пачуку, Сектор за урбанизам во Општина Дебар.

„Заврши постапката на јавна презентација, дебата и собирање на анкетните листови. Оваа активност ќе се проследи до Министерствата за транспорт и врски и животна средина, за да се добие согласност. Инаку во дебатата се покажа дека најмногу интерес има за изградба на хотели, угостителски објекти, како и викенд куќички“, објаснува раководителот на единицата на Секторот за урбанизам во Општина Дебар, Петрит Пачуку. Според него, крајбрежјето на Дебарското Езеро има убава природа и одлични услови за изградба на објекти.

„Инаку со Планот се предвидува дел од комплексот на местото Венец да се изградат хотелски комплекси со придружни објекти, базени и игралишта за мали спортови, потоа објекти за угостителски дејности како што се кафе барови, ресторани како и 40 до 60 викенд куќички. Инаку најголем интерес за инвестирање има од страна на нашите иселеници во САД и нашите печалбари во земјите на Европската унија“, додава Пачуку.

Се верува дека изградбата на објекти во овој дел од периферијата на Дебар ќе овозможи развој на туризмот, но и нови вработувања, бидејќи бројот на невработените е многу голем. Инаку во непосредна близина на езерото се изградени неколку угостителски објекти без дозвола, кои работат мошне добро, бидејќи Дебарското Езеро е атрактивно и за голем број спортски риболовци, не само од нашава земја туку и од Албанија и Косово.