Албумот се вика „Мис Слобода“ затоа што јас и не знам дали има некој што не размислува за тоа во последно време кај нас. Банален е мир без слобода. Не можеш да си го живееш животот без слобода. А „Мис Слобода“ е жена. Таа е карактер. Таа се појавува по неколку пати во некои песни, ја има , па ја нема. Исто како Зиги Стардаст или Аладин Сејн кај Дејвид Боуви да кажеме. Карактер кој што постои и канализира некоја приказна. Или конечно раскажува повеќе приказни кои што се дел од една поголема метареалност.
Имав некакво чувство дека ова си го должам на себе. Јас релативно доцна во животот почнав да се бавам со музика. И ќе може да се забележи дека сите приказни се лични – или мои или колективно лични.Драгана Заревска, уметница.
Вака Телемама ќе ја започне сторијата непосредно по промоцијата на своето првенче „Мис Слобода“, што како издание на „Ако никој не свири“ , беше промовирано во саботата во скопскиот клуб „Ла Кања“.
А Телемама, пак, на македонската публика и е позната „како музичка инкарнација“ на визуелната уметница Драгана Заревска. За нејзините навидум едноставни песни, отсвирени на акустична гитара и укулеле, се вели дека се „комбинација на лични приказни и социјална поезија, нежни и истовремено благо морничави, а во атмосферичноста на нејзиниот минималистички стил, до посебен израз доаѓа евокативниот и шепотлив вокал“.
И кон ова уште појаснувањето дека „Мис Слобода“ е всушност „збирка на домашни снимки создадени во интимниот простор, некаде помеѓу мали сипаници, граѓански протести и сопруг на службен пат“. Конечно „Мис Слобода“ содржи 10 нумери, од кои 9 авторски и една преработка на „Песна за песот“, класика од култниот скопски бенд „Ласт експедишн“.
Јас би свирела и би имала концерти, но тоа не ми е примарната работа. Ако ме канат и сакаат да ме слушаат луѓето супер, ако не... добро. Мене многу ми е битно што музички се отворив во животот за да така некако идентитески се докомплетирам. Сега се чувствувам задоволно и исполнето.Драгана Заревска, уметник.
Во понатамошната експликација уметницата вели дека станува збор за објава посветена на текстилни работнички, космонаутки, слобода, град, архитектура, јавен простор, неслобода, неград, неживот...
„Имав некакво чувство дека ова си го должам на себе. Јас релативно доцна во животот почнав да се бавам со музика. И ќе може да се забележи дека сите приказни се лични – или мои или колективно лични. Се изнамачивме во оваа наша реалност, во овој режим...Големи групи на луѓе знам дека споделуваат иста мака и гледав некако да ги насликам тие проблеми што не навјасаа последниве години или последнава година ако сакате уште поактивно.“
Телемама својата пројава на домашната сцена ја навести со „Вале Терешкова“. Песната првично се најде на одличната компилација „Некои девојки“ на продукцијата „Ако никој не свири“, а неодамна доби и видео-клип зад кој застана Љубица Манасиева, македонска архитектка која што живее и работи во Бристол, Англија.
„Тоа беше првата песна која што ја направив минатата година и во меѓувреме така се измотивирав, да не речам под влијание и делумно под притисок на некои блиски и драги луѓе...Ѓорѓи Јаневски е еден од нив, што излегоа уште девет нови. Морам да кажам и тоа дека луѓето од фестивалот „Поезика“ во Нови Сад ме поканија на манифестацијата кога имав само една единствена песна „Вале Терешкова“. Јас тоа никогаш нема да им го заборавам. Ќе го кажувам секогаш и на секого бидејќи се работи за случување на кое редовно се појавуваат навистина реномирани имиња како Заим Имамовиќ, Крис Екман...Тоа е фестивал од помала димензија, логистика и посетеност од еден „Егзит“ ...фестивал на испеан стих, на пеана поезија...ама организаторите уште од лани ме поканија и инсистираа да појдам макар останала со една и единствена песна. И заради нив сакав претставам авторски материјал и сето тоа некако се вклопи и ме навлече подлабоко во ова албумска приказна. “
Дополнува дека на самиот настап непотребно имала премногу трема, но дека сепак публиката одлично ја прифатила. Дека навистина имала големо разбирање оти е „тазе музичарка“ на која и е неопходно потребна нејзина подршка. Впрочем, како што вели, нејзе подршката никаде не и недостасува што и дава за право да се фокусира на она што најдобро го знае и умее да го прави. Убедена е дека можеби не е некој перформер, но дека нејзе примарен инструмент и е вокалот.
„Примарен инструмент мене ми е вокалот. Нема што да се лажеме. Тоа е вистината. И гледам таму најмногу да концентрирам емоција и моќ. Од таму да го извадам најдоброто. Да експериментирам и да се поигрувам со гласот.“
Кон ова само уште информацијата дека Драгана Заревска е автор и на идејното решение за дизајнот на изданието ( на промоцијата на лице место креираше неколку обвивки на изданието за првите купувачи), а прашана како ќе се одвиваат натамошните активности околу неговото претставување пред публиката таа појаснува дека нема сега да јури од концерт на концерт.
„Јас би свирела и би имала концерти, но тоа не ми е примарната работа. Ако ме канат и сакаат да ме слушаат луѓето супер, ако не... добро. Мене многу ми е битно што музички се отворив во животот за да така некако идентитески се докомплетирам. Сега се чувствувам задоволно и исполнето.“