Ердоган ќе ја пушта Исак џамијата во Битола

Исак џамијата во Битола.

Комплетно е реставрирана Исак џамијата. Во ек е обновување на Хајдар Кади џамијата, а треба да се започне со реставрација на Хаџи Махмуд Беј џамијата. Џамиите се обновуваат со средства на фондации од Турција, на Исак џамијата се очекува да биде пуштена во употреба деновиве во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во Битола се спроведува голем реставраторски зафат на најголемите џамии. Деновиве заврши комплетната реставрација на Исак џамијата која се смета дека е највисока на Балканот, а во ек се активностите за обновување на Хајдар Кади џамијата, која се вбројува меѓу најубавите на Балканот. По овие две џамии, наскоро треба да се започне со реставрација на Хаџи Махмуд Беј џамијата. Со ова, на најголемите исламски верски објекти во Битола им се враќа првобитниот изглед што го имале пред пет века. Џамиите се обновуваат со средства на фондации од Турција.

Хајдар Кади Џамијата со нејзините посебности е принцеза на Балканот. Цената која ќе се потроши е 2,5 милиони евра, тоа во бројки можеби значи многу, но доколку се земи во предвид вредноста на објектот кој е споменик од прва категорија, тој износ скоро и не претставува ништо, зашто добиваме многу повеќе.
Плуми Велиу, битолски муфтија.

Со реставраторскиот зафат во последен момент од распаѓање ќе се спаси Хајдар Кади Џамија која со децении беше руинирана. Објектот датира од 1561 година и е едно од ремек делата на отоманскиот архитект Мимар Синан, нарекуван уште и Микеланџело на Блискиот Исток поради градниозноста на неговите други џамии, Сулејмановата во Истанбул и Селимовата во Едрене.

„Хајдар Кади Џамијата со нејзините посебности е принцеза на Балканот. Цената која ќе се потроши е 2,5 милиони евра, тоа во бројки можеби значи многу, но доколку се земи во предвид вредноста на објектот кој е споменик од прва категорија, тој износ скоро и не претставува ништо, зашто добиваме многу повеќе“, рече битолскиот муфтија Плуми Велиу.

Исак џамијата е веќе реставрирана и се очекува да биде пуштена во употреба деновиве во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. На објектот реставрирано е и 25-метарското кубе. Како реставратори се ангажирани агенции од Турција.

„При реставрацијата на џамиите се обидуваме да ги пронајдеме сите природни материјали што биле користени пред 500 години и да го вратиме споменикот во оригиналната состојба. Веруваме дека за кратко време тоа и ќе го завршиме зашто ги најдовме сите потребни материјали“, вели Онур Атар, директор на градежна фирма од Анкара.

Инаку во Битола има 11 џамии од кои четири се активни. Сепак, централната џамија, позната како Јени, остана во сопственост на државата која со години ја користеше камо уметничка галерија. Наскоро Министерството за култура ќе финансира реставраторски зафат со кој џамијата ќе добие лик на Аја Софија од Истанбул, односно ќе се гледаат ископувањата од христијански храм откриен во темелите и околните ѕидови од џамијата.