Стружани протестираат за зачувување на Јабланица

Со цел подигнување на свеста за уништувањето на шумскиот фонд на Јабланица, еколозите организираа протестен марш низ струшките улици кој заврши пред зградата на општината.

Да се стави крај на уништувањето на планината Јабланица и таа да биде прогласена за Национален парк, бараат стружани, активисти на еколошките здруженија од градот. Со цел подигнување на свеста за уништувањето на шумскиот фонд на Јабланица, тие организираа протестен марш низ струшките улици кој заврши пред зградата на општината.

Исечен е голем дел од шумата како по патот од селата Вишни до Горна Белица каде секој може да види дека има исечено многу шума
Андреј Бандоск, Планинарско еколошко друштво Закамен од Струга.

Учесниците на маршот упатија порака до сите граѓани и институции за важноста од зачувување на природното богатство на планината Јабланица и последиците од неконтролираната сеча, која, како што велат, заземала сè поголем интензитет.

Планината Јабланица, гледана од селото Горна Белица.

„Крајно време е да се направи нешто од страна на надлежните институции за заштита на планината Јабланица и за прогласување на планината за Национален парк. Овој марш има за цел да ја покрене еколошката свест кај граѓаните. Локалното население ни кажува дека има многу гола сеча и дека е исечен голем дел од шумата како по патот од селата Вишни до Горна Белица каде секој може да види дека има исечено многу шума“, рече Андреј Бандоски од Планинарското еколошко друштво Закамен од Струга.

Состојбата е полоша од тоа што младите ја прикажуваат. Се сече вистина многу, а тоа е на штета на сите нас кој живееме овде. Еколошкиот сектор од Струга уште во 2009 година донесе декларација за прогласување на Јабланица за Национален парк и тој материјал е доставен до Владата на Македонија, но од таму досега нема никакви преземања и информации што мислат и што е досега сторено.
Мате Гогоски, претседател на Еколошкото друштво Енхалон од Струга.

Мате Гогоски, претседател на Еколошкото друштво Енхалон од Струга, вели дека на Јабланица се сече многу со цел само за лично богатење.

„Состојбата е полоша од тоа што младите ја прикажуваат. Се сече вистина многу, а тоа е на штета на сите нас кој живееме овде. Еколошкиот сектор од Струга уште во 2009 година донесе декларација за прогласување на Јабланица за Национален парк и тој материјал е доставен до Владата на Македонија, но од таму досега нема никакви преземања и информации што мислат и што е досега сторено“, рече Гогоски.

Дејан Крстески, велосипедист од Струга, вели дека Јабланица треба да биде Национален парк.

„Со тоа ќе добиеме и повеќе велосипедски патеки. Има и доста добри терени на Јабланица. Со тоа би привлекле многу туристи во Македонија, но и на Јабланица“, рече Крстески.

„Делот на Јабланица кој се наоѓа во соседна Албанија веќе е прогласен за национален парк што укажува дека нашата соседна држава веќе одамна ги согледала природните вредности на Јабланица. Преку овој марш апелираме и нашите институции да бидат поажурни и конечно Јабланица да добие статус на Национален парк“, рече еко-активистката Јована Мојсоска.

Еко-маршот беше завршна активност од проектот „Младите во движење“ кој во изминатите месеци го спроведе ПЕД „Закамен“.