Политичарите главни уредници на медиумите

Во Скопје се одржа регионалната конференција „Медиумите и јавниот интерес – ризици и предизвици“, во организација на Центарот за развој на медиуми.

Елитите преку корумпирање на медиумите ги наметнуваат своите агенди, се согласија учесниците на регионалната конференција насловена „Медиумите и јавниот интерес“ во организација на Центарот за развој на медиуми.

Во Македонија јавниот интерес е корумпиран преку жестока пропаганда и криење на цели општествени процеси и настани во поголем дел од поголемите медиуми, изјави Петрит Сарачини од Македонскиот институт за медиуми на конференцијата за тоа кои се ефектите од политичкиот притисок врз медиумите во земјите во кои има тенденции кон авторитарно владеење.

Јавниот интерес бива киднапиран преку криење на цели општествени процеси и настани. Кај нас имаме случај, се објавуваат политичките „бомби“ од страна на опозицијата, а на голем дел од меинстрим медиумите, на националните телевизии воопшто не можете да слушнете дека нешто такво се случува.
Петрит Сарачини, Македонски институт за медиуми.

На разговорите на кои учествуваа и соговорници од Србија, Босна и Херцеговина и од Унгарија беше кажано дека главни карактеристики на овој тип на владеење се обидот за узурпација на сите општествени сегменти, бришење на поделбата на власта и наметнување на авторитетот кој знае подобро што му треба на народот во која било сфера, било да се работи за архитектура, политика или право.

Сарачини изјави дека ситуацијата во Македонија е слична со онаа во Србија, Босна и Унгарија, каде елитите преку корумпирање на медиумите ги наметнуваат своите агенди.

„Јавниот интерес бива киднапиран преку криење на цели општествени процеси и настани. Кај нас имаме случај, се објавуваат политичките „бомби“ од страна на опозицијата, а на голем дел од меинстрим медиумите, на националните телевизии воопшто не можете да слушнете дека нешто такво се случува“, вели Сарачини.

Во истражувањето на еден портал во Србија каде се истражувани насловните страница на 10 најчитани весници во Србија. Дошле до многу интересен податок дека премиерот Александар Вучиќ во 2014 се појавил на насловната страна 887 пати. И од тоа само 6 пати во негативен контекст.
Јелена Васиќ, Мрежата за истражување на криминал и корупција од Белград.

Јелена Васиќ од Мрежата за истражување на криминал и корупција од Белград вели дека во Србија многу е изместена светата идеја дека новинарот има право да прашува, а оти функционерот има обврска да одговара. Таа истакна дека односот кон новинарите во Србија се гледа според начинот на кој функционерите на прес-конференциите, наместо да одговараат на прашања поставуваат контра прашања.

„Политичкиот притисок врз медиумите може да се види и преку информацијата до која е дојдено во истражувањето на еден портал во Србија каде се истражувани насловните страница на 10 најчитани весници во Србија. Дошле до многу интересен податок дека премиерот Александар Вучиќ во 2014 се појавил на насловната страна 887 пати. И од тоа само 6 пати во негативен контекст“, вели Јелена Васиќ.

Во Србија исто така индикативен е примерот на БИРН кога објавиле текст за проблематични набавки и ден потоа премиерот зборувал дека лажат и дека се знае дека ги финансира ЕУ да зборуваат против владата.

„Недозволиво е такво негативно маркирање на медиумите дека се странски платеници, само затоа што зборувале за проблематични јавни набавки“, рече Васиќ.

Герго Салин од Унгарија го посочи неговиот пример дека пред една година добил отказ од медиумот во кој бил уредник откако била објавена статија за скапите патувања на некој владин функционер, а Боро Контиќ од Босна и Херцеговина нагласи дека спасот нема да дојде однадвор, туку треба да се пронајде внатре во земјата преку сè што може да придонесе медиумскиот квалитет да расте.

Мухамед Зекири од Алсат констатира дека граѓанскиот сектор е сè погласен и дека постојат сериозни показатели за обединување наспроти начинот на владеење со кој земјата се соочува. Тој се осврна и на начинот на кој јавноста кај нас стана повеќе свесна за спрегата власт-медиуми.

„За среќа преку објавувањето на „бомбите“ и прислушуваните материјали сега тоа може да го види и пошироката јавност,која била спрегата меѓу сопствениците на медиумите со политиката и дека вистинските главни и одговорни уредници во тие медиуми, кои за жал во нашата земја се во мнозинство, биле шефот на тајната полиција, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинет на нашиот премиер Мартин Протоѓер, а зависно по потребите и по некој министер се ставал во улога на уредник“, вели Зекири.