Достапни линкови

Афера „Пуч“ - потврдени дела или малку докази?


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Советот за оценка на обвинителниот акт треба во наредните денови да одлучи дали ќе има судење за аферата „Пуч“ или предметот ќе биде вратен во истрага.

Убеден сум дека обвинителниот акт за случајот „Пуч“ е преамбициозна креација со товарот на обвинението и е премногу сиромашно со докази, изјави денеска пред Советот на судии за оцена на обвинението, првообвинетиот во случајот, Зоран Верушевски. Тој истакна дека противправното прислушување е креација на 5-тата управа на УБК и дека тоа е проект којшто започнал во 2007-мата година во кој се инволвирани најголем дел од вработените во таа управа. Верушевски додаде дека во последниве неколку години имал 20 средби со вработени за кои, како што вели, верува дека ќе бидат сведоци што ќе зборуваат отворено за состојбите.

Делува запрепастувачки делот во обвинението каде мојата сопруга се става во улога на шпион. Ве уверувам дека никаде во свет, шпионажата не може да биде, ниту е семеен бизнис.
Зоран Верушевски, поранешен директор на УБК, првообвинет во аферата Пуч.

„Македонија има еден интегрален систем врз кој се темели националната безбедност, а тоа е 5-тата управа на УБК. Тоа не е систем само за прислушување, туку сложен систем кој со сите свои компоненти го сочинува оптималното ниво на безбедност. Номиналната вредност му е над 10 милиони евра, а Верушевски со ниту едно однесување не го нарушил овој интегриран безбедносен систем“, рече Верушевски пред судијата.

Илустрација.
Илустрација.

„Делува запрепастувачки делот во обвинението каде мојата сопруга се става во улога на шпион. Ве уверувам дека никаде во свет, шпионажата не може да биде, ниту е семеен бизнис“, истакна Верушевски, коментирајќи ги, како што вели, пропустите во истрагата.

Точно е дека во обвинението не е прецизирано за која странска држава, организација, или лице што им служи се прибирани тие податоци со намера да бидат предадени, ова е една од тие аномалии во обвинението кое што ние го истакнавме.
Филип Медарски, адвокат.

Тој посочи дека го зачудува тоа што во обвинителниот кат нема ниту една страница од истрагите на мобилните оператори.

Според одбраната обвинението е контрадикторно, нелогично, непрецизно и со елементи на чиста фикција, а описот на дејствијата е паушален и неоснован.

Основата забелешка на одбраната беше што во обвинението, освен што пишува дека се прислушувани материјали кои треба да се дадат на странски служби, никаде нема која е таа странска разузнавачка служба, кој, како и кога контактирал со неа. Во предметот пишува прислушувани разговори, а никаде не пишува кои се тие разговори.

„Точно е дека во обвинението не е прецизирано за која странска држава, организација, или лице што им служи се прибирани тие податоци со намера да бидат предадени, ова е една од тие аномалии во обвинението кое што ние го истакнавме“, вели еден од адвокатите на Верушевски и Заев, Филип Медарски.

Главниот аргумент на обвинителството за кривичното дело насилство врз претставници на државните органи за кои се терети лидерот на опозицијата Зоран Заев е дека тој се обидувал да изнуди техничка влада. Медарски посочи дека ова се политички барања кои не претставуваат закана за рушење на уставниот поредок и загрозување на безбедноста бидејќи барањата за техничка влада и предвремени парламентарни избори се во надлежност на Собранието, а не во надлежност на премиерот и дека тие се изнесени кон лидерот на најголемата владејачка партија.

Адвокатите побараа Советот за оценка на обвинителниот акт да ги отстрани од листата на докази снимките од средбите на премиерот Никола Груевски и Зоран Заев направени во Владата, кои веќе беа објавени во медиумите, како и сите останати докази собрани со посебни истражни мерки да бидат изоставени од списите на предметот.

Одбраната побара да бидат издвоени доказите прибавени со посебни истражни мерки, бидејќи дозволата за нив, како што беше истакнато, била незаконски издадена, односно дека нема немало потпишана наредба од судија, ниту пак заведено барање за истите.

Обвинителот Златко Биковски, пак, на почетокот на рочиштето истакна дека по завршената истрага која ја спровело обвинителството целосно се потврдило дека осомничените со дејствијата кои ги презеле ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар. Тој за приговорите на одбраната истакна дека се неосновани.

Советот за оценка на обвинителниот акт треба во наредните денови да одлучи дали ќе има судење или предметот ќе биде вратен во истрага.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG