Тоталната партизација на државата во сите нејзини сегменти, вклучувајќи го образованието, здравството, судството, директно мешање на власта во медиумите и невладиниот сектор, генерираа продлабочување на конфликтите кои ескалираа во целосна поларизација на општеството. Говорот на омраза е институционализиран и тој се прелева на улиците, преку ноќ се формираат ад-хок здруженија со нејасна агенда на делување. Македонија се наоѓа во период на протести и контра-протести, секој обид да се искористи демократското право на мирно протестирање, како што беше организирано од студентите и средношколците за реформи во образованието, завршува со контра протести и контра пленуми на владата.
Тоа се такви остри поделби што опозицијата најчесто се доживува како непријател, па нашиот парламент напати наликува на партиска средба на истомисленици во кој противникот се навредува, се повредува и сатанизира.Гордана Силјановска, универзитетски професор.
По опозицискиот протест на 17 мај, ден потоа владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ одржа контра митинг со кој демонстрираше поддршка за власта. На опозицискиот антивладин камп пред Владата, таа реплицираше со провладин камп спроти Собранието. И од двата кампа со концизна одлука дека ќе останат доследни до крај, едните ќе ја дочекаат оставката на премиерот Никола Груевски, другите ќе седат додека не престане деструктивната политика на опозицијата.
Непомирливиот јаз помеѓу власта и опозицијата создавајќи деструктивни сценарија во кои граѓаните безусловно беа инволвирани години наназад имплицираше крајно недозволена поделба со постојана тензичност и нетрпеливост кон сè што не припаѓа на нивната политичка опција, анализираат експертите.
Ние имаме геостратешки колебања и грешки, што ни ги разнишува навидум јасните определби за евроатланските интеграции, потоа функционирањето или постоењето, односно нефункционирање на таканаречените квази демократските институции и тоа создава лоша слика и кај домашната, но и кај светската јавност.Ѓорѓи Тоновски, универзитетски професор.
Дека состојбата на државата е доведена пред вратата на амбисот говори и фактот што челниците на владејачката гарнитура и опозицијата за политичката криза во недостиг на политичка зрелост сами да го решат проблемот побараа помош од меѓународните организации. И третата лидерска средба под покровителство на ЕУ и на САД заврши без поместување на ставовите и договор за излез од политичката криза.
Универзитетскиот професор од Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска, вели дека Македонија се соочува со длабоки партиски поделби, а најдлабоките се на огнената линија власт-опозиција, бидејќи не се сфаќа дека опозицијата не треба да се перцепира како некој кој опонира, тука дека опозицијата е незаменлив фактор на демократијата. Силјановска констатира дека Парламент без опозиција не е парламент. Таа посочува дека не може да се вежба демократија со истомисленици и прашува како ќе вежба толеранција без оние кои не се претставуваат себе си, туку граѓаните.
Ако ние направиме институциите да немаат политички влијание, тогаш нема ни да има поделби, секој ќе си ја тера својата работа, а арбитер ќе биде институцијата.Александар Цветкоски, НВО АГТИС.
„Тоа се такви остри поделби што опозицијата најчесто се доживува како непријател, па нашиот парламент напати наликува на партиска средба на истомисленици во кој противникот се навредува, се повредува и сатанизира и 25 години на таков начин се одвиваат работите во Македонија. Нема свест за потребата од консензус за важни национални прашања и во тоа истребување ние на некој начин најмногу ги повредуваме граѓаните, оние кои ги гласале, бидејќи се заборава дека легитимитетот извира од граѓаните, а не од партиските елити и дека и по Уставот пратениците треба да гласаат по сопствено уверување, а не по диктатот на лидерот или париското водство“, вели професор Силјановска.
Во овој историски момент Македонија е соочена со поделби на сите основи, сведоци сме на делби по партиски основи, интеретнички делби, делби по основа на геостратешки определби, па и делби по една вештачка дилема дали демократијата или диктатурата се солуција за општествениот развој, па сè до она што е особено жално, што тие делби се рефлектираат врз меѓучовечките односи поединечно или групно, семејно или соседски, вели социологот Ѓорѓи Тоновски.
Последните 20 години плурализам две партии управуваат со државата и власта и едната ја заменува другата, меѓутоа едната се стекнува со преголема моќ, која се злоупотребува и се користи како механизам за уништување на непријателот. Во оваа конотација многу се ризични политичките борби кои често се трансформираат и во етнички судири, односно конфликт и најчесто тоа се случува во рамките на изборите, имаме манипулација на гласачите за да се дојде до политичка победа.Башким Бакиу, Институт за истражување на политики и добро владеење.
„Ова е особено жално, бидејќи тоа најмалку ни треба, бидејќи, иако се силни, но не баш и научно издржани идеите за нашата долга државотворна традиција која според некои досегнува до Александар Македонски, ние сме сепак една млада неискусна во многу аспекти држава. Тоа се одразува на повеќе полиња. Ние имаме геостратешки колебања и грешки, што ни ги разнишува навидум јасните определби за евроатланските интеграции, потоа функционирањето или постоењето, односно нефункционирање на таканаречените квази демократските институции и тоа создава лоша слика и кај домашната, но и кај светската јавност“, вели Тоновски.
Македонија е поделена од политичкиот живот до самата улица, поделбите настануваат од слабите институции. Ако имате слаби институции немате арбитрарно тело, односно некој кој ќе донесува конечен суд, некој во кој ќе верувате. Кога имате пад на довербата во институциите залуден ви е законот, бидејќи луѓето не веруваат дека институциите го спроведуваат законот, смета Александар Цветкоски од невладината организација „АГТИС“.
„Ако имавме институции меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе беа институциите, но затоа што институциите се уништени, ние имаме директен контакт на овие две групи со сите оние луѓе кои ги поддржуваат. Ако ние направиме институциите да немаат политички влијание, тогаш нема ни да има поделби, секој ќе си ја тера својата работа, а арбитер ќе биде институцијата“, вели Цветкоски.
Башким Бакиу од Институтот за истражување на политики и добро владеење, вели дека поделбите од секогаш постоеле, но дека сега испливуваат на површина. Тој смета дека една од најголемите причини што создава поделби и антагонизми е тоа што во Македонија се создадоа две силни струи и опции и во македонскиот и во албанскиот политички блок. Според Бакиу, исклучок претставува тоа што состојбите на антагонизмот се трансформирале и внатре во општеството и се изразува преку поделба на предавници и патриоти, антички и словенски Македонци и слично.
„Последните 20 години плурализам две партии управуваат со државата и власта и едната ја заменува другата, меѓутоа едната се стекнува со преголема моќ, која се злоупотребува и се користи како механизам за уништување на непријателот. Во оваа конотација многу се ризични политичките борби кои често се трансформираат и во етнички судири, односно конфликт и најчесто тоа се случува во рамките на изборите, имаме манипулација на гласачите за да се дојде до политичка победа“, вели тој.
Во овој момент и кај јавноста и кај меѓународниот фактор созрева сознанието дека нешто треба да се направи, почнува да се наѕира светлина на крајот на тунелот, вели социологот Ѓорѓи Тоновски. Излезеното решение, според него, е во дефинитивното превагнување на европската ориентација и на идеите на демократското, мултиетничкото и мултикултурното општество. Тој смета дека настаните во кампот пред Владата се најава за победа на таквите цивилизациски принципи со учество на сите етнички групи, но и класно-социјални слоеви.
„Овие тектонски придвижувања на народот не се само однос на вакви или онакви тенденции на врхушката на власта, туку се однесуваат и на прашањето на лебот и на достоинствениот живот. Во овој момент голема е улогата на таканаречениот странски фактор , тој мора да биде ангажиран што посилно, а ангажманот на странскиот фактор е многу значаен во вакви услови, кога една врхушка се распаѓа од внатре во себе, растргната од скандали, а непомирлива во своето отстапување. На тој начин се во игра многу сценарија. Странскиот фактор мора да биде коректив на квалитетот на процесот дека тој ќе се насочува кон зацртаното од народната волја и посакуваната од народот, која се прелева по улиците и плоштадите низ Македонија во овие интересни времиња“, вели Тоновски.
Професор Гордана Силјановска анализира дека е неможно да дојдеме до точка на помирување ако во црно-белиот свет нема место за другите кои се неутрални, умерени кои и од едните и од другите се етикетирани со погрдни зборови. Таа има впечаток дека наместо да се трага по разумното и по умереното во ова неразумно време, повторно се посегнува по методологијата на сатанизација, омаловажување и навредување.
„Можете вие какви сакате придавки да ставате пред таканаречените револуции, но 21 век не е време на револуции, туку е време за еволуција во која ништо не почнува од оној на власт, туку продолжува од оној претходниот и ништо не може да се одлучи без тој другиот, зошто ние ако продолжиме вака ќе се соочиме со феноменот на апстиненција кога луѓето нема да бидат инспирирани да излезат да гласаат бидејќи немаат избор кога е црно-бел изборот, а мислам дека секогаш кај нас има повеќе луѓе надвор од изборниот процес, одошто внатре“, вели таа.
За надминување на ваквите состојби има многу инструменти од внатре партиска демократија, до отворање на партиските листи за луѓе кои не се партиски членови, туку се симпатизери или се претставници од цивилниот сектор, укажува Силјановска. Таа посочува дека проблем е кога работите се одвиваат само во партиското јадро и во партиското гнездо и кога се е партизирано и етнизирано во државата. Според нејзе, никој нема проблем со интеграцијата на сите нивоа и во сите органи, туку е страшно тоа што клучот за влезот во администрацијата не се стручноста и знаењето, туку блискота до лидерот и до партиското водство кој на некој начин го имаат последниот збор.
„Ние допрва ќе се сочиме со проблеми на почетокот на преговорите, оти ако бирократијата е костурот на секоја држава, тој костур ќе треба товарот на реформите да го издржи, но ако имате скршен костур, партиски деформиран костур, значи допрва ќе се соочиме со тоа. Треба да си го свртиме погледот кон најдобрите, за жал оние кои ја напуштаат Македонија, ние готов производ им даваме на најкомпетитивните демократии, а јас не верувам во приказната дека Македонија може да се крене како Феникс од пепел од луѓе со скромно знаење, со проблематичен морал, со немање перцепција за етичко постапување, оти во интернет ерата натпреварот е многу битен“, вели таа.
Тоновски вели дека треба да се формира основа од која ќе се тргне кон градење на поквалитетни односи и состојби на економски и политички план. Според него, заеднички именител кој ќе ги обедини сите граѓани во оваа ситуација нема и дека секој засебно се грижи за својот интерес.
„Заеднички именител во оваа ситуација нема, Македонија е многу поделена, заеднички именител има кај една или друга група, а на ниво на Македонија нема. Сите различно го гледаат својот интерес и својата позиција во вакви услови. Едните мислат дека го решиле проблемот со тоа што си ги вработиле децата во администрација, а другите сега нека му ја мислат. Нема таков консензус кај народот“, вели тој.
Александар Цветкоски од „АГТИС“ вели дека во САД економијата е Алфа и Омега на сè и дека политичкиот живот трча по богатите, тој забележува дека тоа не е така во Европската унија, таму политичкиот живот е Алфа и Омега, но тие го почитуваат правото и процедурата, додека за жал, Цветкоски посочува дека кај нас не владее ниту едно од овие правила.
„Кај нас нема ни едно, ни друго. Економијата постојано ја уништуваме, на економијата и се наметнува политиката преку инспекции, преку законската пререгулираност на самиот сектор, така и преку корупција. Се знае денеска дека ако си близок до политиката може многу повеќе да заработите, она што не ви следува. Во Македонија секој бара она што не му следува, зошто нема силни институции“, вели тој.
И Башким Бакиу не гледа дека економските проблеми би можеле да бидат заеднички именител кој ќе ги обедини граѓаните, тој посочува дека ниту европските вредности и влегувањето во Европската унија не може да се искористи како инструмент на обединување, бидејќи, според него, клучниот проблем лежи во изборниот систем кој треба да се трансформира и да овозможил политичката моќ да се распредели на различни групи и да се демонополизираат двете политички партии.
Експертите нагласуваат дека демокртија може да даде резултати ако има најмалку три сегменти со подеднаква моќ. Тие се загрижени од фактот што Македонија многу долго живее во моделот на партитократијата кога партиите ја супституираат државата. Силјановска вели дека за Македонија важи максимата „кажи партија, велиш дека тоа е државата“, додавајќи дека не е намерна асоцијацијата со Луј Четиринаесети. Овој султански модел на партии не само што нема различни структури од типот на млади луѓе или жени, туку нема ниту фракции, а номинациите на кандидатите за избори не се одвива низ бурна дебата, туку од лидерот зависи дали ќе бидете горе на листата или долу. Таа посочува дека за разлика од кај нас, во Скандинавските земји се случува кандидатите за избори од горе да паднат во средината на листата или на дното зошто членството согледало дека тие партијата нема да ја претстават во најдобро светло. Дел од експертите за моменталната состојба во државава сметаат дека и меѓународната заедница не е невина. Силјановска вели дека кога ќе држите една земја или регион толку долго, од 2005 година, пред портите на Брисел, не ги охрабрувате демократите и оние коишто знаат, туку ги охрабрувате радикалите и оставате простор за корупција и криминал, додава Силјановска.
„Наместо пост фестум и меѓународната заедница требаше да делува навреме да го интегрира регионот, да стимулира поддршка, а гледате дека она со што најлесно манипулираат балканските лидери под наводници е ветото, византиските игри и тогаш за жал како да нема крај она што за жал е наречено балканизација“, вели Силјановска.