Достапни линкови

Ќе има ли преодна влада и со или без Груевски?


Неколку опции се во игра за изгледот на преодната влада. Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека на чело на таа влада нема да биде Никола Груевски. Аналитичарот Владимир Божиновски, вели дека до преодна влада нема да дојде.

Техничка, експертска, концентрациона, широка...Експертите објаснуваат дека постојат неколку модалитети за тоа како би изгледала евентуалната преодна влада, која веќе некое време се споменува како можно излезно решение од политичката криза. Кој модел ќе се одбере зависи од тоа што ќе се договорат власта и опозицијата, вели политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, кој е уврен дека на чело на таа влада нема да биде повторно премиерот Никола Груевски.

Можна, а веројатно и најдобра варијанта би била експертска влада со авторитети кои имаат личен интегритет и кои и се познати на јавноста.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

„Можна, а веројатно и најдобра варијанта би била експертска влада со авторитети кои имаат личен интегритет и кои и се познати на јавноста. Не може да се рече дека тие ќе бидат до крај политички неутрални зошто политичката обоеност може да биде присутна и кај нив, меѓутоа тука преовладува нивниот личен интегритет и таквата влада би можела најдобро да ја извлече земјата од политичката криза“, вели Рамадани.

Заменик претседателката и претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска и Зоран Заев на лидерска средба.
Заменик претседателката и претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска и Зоран Заев на лидерска средба.

Не постојат големи разлики меѓу експертската и техничката влада. Тие би биле утврдени во политичкиот договор и би се однесувале на обемот и надлежностите на таа Влада.

„Ако се договараат главните политички партии дека оваа експертска влада може да има и надлежности кои зафаќаат и политички сегмент, тогаш мислам дека се ќе зависи од договорот односно од обемот на оние кои ќе ја водат таквата влада. Тоа ќе зависи од договорот меѓу медијаторот и главните политички партии“, вели Рамадани.

Намалена е, се разбира. Поминаа митинзите, имаше еден па друг, си се поништија едниот со другиот, сега имаме еден камп, па друг камп, ни во едниот ни во другиот не гледам некаква сериозна раздвиженост и некаков притисок.
Владимир Божиновски, политички аналитичар.

За разлика од мислењето на Рамадани, политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, вели дека до преодна влада нема да дојде. Таквото решение би значело дека Зоран Заев е победник, а не двете страни, кои од компромисот треба да бидат подеднакво среќни, односно несреќни.

„Тоа се некакви модалитети, техничка, експертска, концентрациона, влада на национален спас каде што сите претставници на политичките партии би биле дел од власта. Со оглед дека тоа во моментот е невозможно, не е сериозно да дискутираме за модалитетите на таква влада. Тоа не е ниту хипотетички можно“, уверува Божиновски.

Во меѓувреме експертите велат дека после средбата на Заев и Груевски во Стразбур забележително е намалување на напнатоста меѓу двете страни, иако се се уште нема приближување на ставовите и можен договор.

„Намалена е, се разбира. Поминаа митинзите, имаше еден па друг, си се поништија едниот со другиот, сега имаме еден камп, па друг камп, ни во едниот ни во другиот не гледам некаква сериозна раздвиженост и некаков притисок. Мислам дека ситуацијата би требало полека да се нормализира, барем што се однесува до излегувањето на луѓе на улица“, вели Божиновски.

„Мислам дека веќе ЕУ со помош на САД влегуваат во тие преговори и некакво медијаторство со свои компетенции и двете страни ќе мора да бидат послушни во одредени насоки како треба понатаму да се однесуваат“, вели Рамадани.

И во анкета на нашата веб страница на прашањето кое е веројатно решение за излез од политичката криза, забележителна е тенденцијата на изедначување на процентите кај граѓаните кои мислат дека излезот е улична демократија и оние кои мислат дека тоа е политичкиот договор. Четириесет проценти од граѓаните одговориле дека решение од кризата е уличната демократија, а 32,5 отсто дека излезот е политичкиот договор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG