По речиси два часа лидерите на четирите најголеми партии ја завршија денешната лидерска средба во Клубот на пратениците, а од партиите излегоа со речиси идентична изјава - ги брифиравме партиите на Албанците за разговорите минатата недела во Стразбур и во почетокот на идната недела повторно ќе се сретнеме.
На денешната средба се случи информирање на претседателите на ДУИ и на ДПА за разговорите што се случуваа во Стразбур и беше договорено следната средба да се одржи во ваков формат на почетокот на следната недела.Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.
„На денешната средба се случи информирање на претседателите на ДУИ и на ДПА за разговорите што се случуваа во Стразбур и беше договорено следната средба да се одржи во ваков формат на почетокот на следната недела. Поподробни детали и информации во моментов нема да можам ништо да соопштам“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
И лидерот на СДСМ Зоран Заев даде слична изјава. Тој додаде и дека досега никој од страните немал ни можност да смени дел од своите ставови бидејќи преговорите сè уште не биле почнати.
Деталите оставаме ЕУ да ги соопштува преку своите претставници. Така се договоривме за да му дадеме шанса на евентуалниот успех на процесот што би можел да почне, а тоа се преговори. Сè уште се разговара за рамката.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
„Деталите оставаме ЕУ да ги соопштува преку своите претставници. Така се договоривме за да му дадеме шанса на евентуалниот успех на процесот што би можел да почне, а тоа се преговори. Сè уште се разговара за рамката, за форматот, за еден куп детали, темите се номинираат, но никако не сме навлегле во деталите за да може да кажеме дека имаме отпочнато преговарачки процес“, рече Заев кој ги негираше информациите дека по средбата во Стразбур имало нон-пејпер.
И Луан Треси од ДПА потврди дека се разговарало за тоа што зборувале Заев и Груевски минатата недела.
„Како што кажаа и моите претходници, на денешниот состанок се споделија информациите што ги донесоа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Стразбур. Се споделија тие информации со албанските политички партии и се договоривме разговорите да продолжат на почетокот на идната недела кога очекуваме да влеземе и во посуштински разговори“, рече Треси.
Инаку ова е трета лидерска средба во Скопје на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. И на оваа исто како и на минатите присуствуваа амбасадорот на САД Џес Бејли и на ЕУ Аиво Орав. Досега во Брисел неколкупати се сретнуваа тимови од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а минатата недела Груевски и Заев имаа долгочасовна средба во Стразбур.