Десет часа по средбата со Никола Груевски и Зоран Заев, тројцата европратеници Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл испратија заедничко соопштение во кое ја поздравуваат „искрената дискусија“ која се водела изминатата ноќ. Пратениците и комесарот Јоханес Хан ги поздравуваат напорите на лидерите на партии да работат кон договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди, се вели во соопштението.
Партиите ја потврдиле нивната определба за ЕУ интеграција и демократските принципи и се согласиле дека на прво место мораат да ги стават интересите на земјата.Заедничко соопштение на европратениците Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл.
Меѓудругото се додава дека партиите ја потврдиле нивната определба за ЕУ интеграција и демократските принципи и се согласиле дека на прво место мораат да ги стават интересите на земјата. Сите страни се согласиле дека е важно да се имаат понатамошни состаноци.
За професор Денко Малески фактот дека на синоќешниот состанок присуствувал и комесарот Јоханес Хан, значи дека се подига нивото на аларм за разрешување на нашиот сериозен проблем. Имаме два света, едниот е светот на европската дипломатија кој инсистира на дијалог и излез од кризата преку преговори, но поставува и свои услови.
„Од друга страна е нашиот свет на длабока поделба, кој отфрла секакви преговори кои би ја инволвирале содржината на прислушуваните разговори пред да има судска разрешница, за која пак опозицијата се сомнева дека ќе биде предолга и пристрасна“, вели Малески.
Она што сега е најважно за меѓународните фактори од Запад, од ЕУ, од Америка, е пиштолите да останат во футрола, да не се посегне по насилство, туку да се бараат какви било можни мирни разврски, а една од нив би можело да биде и тоа.Денко Малески, универзитетски професор.
Во тој свет на длабока поделба и недоверба, сите сценарија се возможни, па дури и она Груевски и Заев да поднесат оставки од функциите, додава Малевски.
„Она што сега е најважно за меѓународните фактори од Запад, од ЕУ, од Америка, е пиштолите да останат во футрола, да не се посегне по насилство, туку да се бараат какви било можни мирни разврски, а една од нив би можело да биде и тоа.“
Инаку вчерашната средба во Стразбур се одвиваше зад затворени врати, но известувачот за Македонија Иво Вајгл оцени дека средбата не била залудна и вредело што се одржала.
Во меѓувреме, пораки и апели за брзо разрешување на политичката криза стигнаа и од НАТО и од Стејт департментот.
„Важно е да се избегнат нови насилства, да бидеме сигурни дека демократските институции се развиени, а владеењето на правото е целосно имплементирано и дека ќе избегнеме ескалација на кризата и на конфликтот во Македонија“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
И од Американскиот Стејт департмент изразија загриженост за актуелната ситуација и упатија апел кон власта и опозицијата да придонесат во решавање на политичката криза. Тие ги повикаа властите да направат прогрес и да одговорат на обвинувањата за владините злоупотреби кои произлегуваат од неодамна објавените резултати. Исто така ја повикаа опозицијата да се врати во Собранието.
Со реакција за случувањата во земјава се огласи и руското министерство за надворешни работи во кое обвинува дека западни организатори се обидувале да ја дестабилизираат земјата.