Иако договор за излез од политичката криза не се гледа, евидентно е дека расте ангажманот на странците, велат аналитичарите. Главните политички субјекти Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, по првата лидерска средба во четвртокот, денеска повторно имаат разговори на кои присуствуваат амбасадорот на САД Џес Бејли и на ЕУ Аиво Орав, а утре Заев и Груевски патуваат во Стразбур на средба со европратениците.
Во овој миг позицијата на Заев е многу поповолна во однос на позицијата на Груевски. Се работи повеќе да се изврши притисок врз Груевски на начин на кој тој ќе се повлече, а од друга страна да се гарантира нешто како ќе се однесува опозицијата и на кој начин тоа ќе се реши.Нано Ружин, универзитетски професор.
Опозицијата бара преодна влада и оставка на Груевски, додека премиерот вели дека нема да поднесе оставка и оти не прифаќа преодна влада која би создала предуслови за фер и демократски избори.
И покрај спротивставените политички ставови на Заев и Груевски аналитичарите велат дека лидерските средби се потребни, но дека очекуваат меѓународниот притисок да зајакне.
„Во овој миг позицијата на Заев е многу поповолна во однос на позицијата на Груевски. Се работи повеќе да се изврши притисок врз Груевски на начин на кој тој ќе се повлече, а од друга страна да се гарантира нешто како ќе се однесува опозицијата и на кој начин тоа ќе се реши. Од друга страна сметам дека Европјаните ќе го подигнат нивото на нивните претставници“, вели професор Нано Ружин.
Со закажаниот состанок денеска и веќе со закажаниот состанок утре може да очекуваме прилично позабележлив притисок на нашите меѓународни партнери, и во наредните денови и недели веќе ќе има појасна слика во кој правец ќе се движиме.Алберт Муслиу, политички аналитичар.
Очигледно е дека кризата во Македонија е веќе европски феномен и сите медиуми настанот во државата го ставаат како прва или втора вест и сето тоа зборува дека Брисел, Берлин и Вашингтон по настаните од аферата „Прислушување“ и она што се случи во Куманово се загрижени и се решени да преземат конкретни чекори за разрешување, дополнува Ружин.
Странците се целосно запознаени со соодносот на силите, како и со случувањата во Куманово и со содржините на т.н бомби на опозицијата.
„Во овој миг целокупната или најголемиот дел од одговорноста се сведува на однесувањето на премиерот Груевски и тој под голем притисок во овој можеби транзиционен период на државата кон едно смирување“, вели Ружин.
Според аналитичарот Алберт Муслиу, епилогот на политичката криза ќе биде резултат на вклучувањето на странците и тој прогнозира дека договорот за разрешување на политичката криза е на повидок.
„Со закажаниот состанок денеска и веќе со закажаниот состанок утре може да очекуваме прилично позабележлив притисок на нашите меѓународни партнери, и во наредните денови и недели веќе ќе има појасна слика во кој правец ќе се движиме.“
Сите се надеваат дека постојат неколку можни сценарија, вели Ружин. Едното е брзо сценарио, што подразбира брза оставка на Груевски и формирање преодна влада, но постојат и други сценарија, а тоа е да се посегне кон сојузници кои не се од ЕУ и трето е она што никој не го сака, општ судир, кој, како што вели, Ружин, нема да се дозволи.
На лидерската средба во четвртокот не беше постигнат никаков договор за излегување од кризата, туку само беше договорено главните политички субјекти да имаат нови разговори.