Достапни линкови

Митинг за останување на Груевски на власт


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Под мотото Македонија силна, а во организација на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, вечерва пред македонското собрание се одржува провладин митинг.

Ден по анти-владиниот протест за оставка на Владата, вечерва во 20 часот ќе се одржи уште еден народен собир, овој пат под мотото Македонија силна, а во организација на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.

Вчера имавме митинг на СДСМ за да се покаже поддршка на СДСМ, односно на Заев и на неговите барања. Денеска имаме друг митинг, на ВМРО-ДПМНЕ, каде што ќе се покаже поддршка на она што го застапува ВМРО-ДПМНЕ. И тоа е тоа.
Владимир Божиновски, политички аналитичар.

За политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вечерашниот протест има за цел да ја покаже поддршката на владините политики.

„Вчера имавме митинг на СДСМ за да се покаже поддршка на СДСМ, односно на Заев и на неговите барања. Денеска имаме друг митинг, на ВМРО-ДПМНЕ, каде што ќе се покаже поддршка на она што го застапува ВМРО-ДПМНЕ. И тоа е тоа“, вели Божиновски.

Власта по нејзин терк наумила дека вечерва треба да го докаже легитимитетот. Односно да докаже дека и она има свои приврзаници во оваа држава и со бројки да докаже дека не треба да си замине Груевски.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Тоа што митингот е само ден откако се случи големиот анти-владин протест за Божиносвки не е спорно. Убеден е дека до инциденти нема да дојде, оти различни се локациите на кои се поддржувачите на Заев и на Груевски.

Според професор Алајдин Демири, пак, целта на протестот е власта да го докаже својот легитимитет.

„Власта по нејзин терк наумила дека вечерва треба да го докаже легитимитетот. Односно да докаже дека и она има свои приврзаници во оваа држава и со бројки да докаже дека не треба да си замине Груевски“, вели тој.

Она што е познато е дека собирот ќе се одржи пред македонското собрание и според најавите тој треба да биде мирен, ненасилен и силен од аспект на присутноста на граѓаните. Во контекст на бројноста, Демири не се сомнева, но според него тоа е очекувано ако се имаат предвид притисоците врз како што вели партизираната администрација.

„Тие притисоци се перманентна појава на оваа власт. Нив ги има од предизборието, изборните денови и пост-изборите. Тие се начин на работа на власта. Цело време се врши огромен притисок врз народот, се прават списоци, се носат докази дека списоците се реализирани итн. Не знам прецизна бројка за тоа колкава е јавната администрација, но убеден сум дека денеска таа мора и ќе биде присутна на протестот“, вели Демири.

Божиновски, пак, вели дека никој не може да влијае на волјата на граѓаните и дека правото на секој е да одлучи дали ќе протестира или ќе остане дома. Се сомнева дека се вршат притисоци врз администрацијата помасовно да излезат на вечерашниот протест.

„Во Македонија и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се големи партии и тие можат да направат големи митинзи. Петнаесет, дваесет, дваесет и пет илјади луѓе. Бројката веќе не е ни важна. Сите манипулираат со бројките. Не знам кој на кого му прави притисоци. Ако некој сака да отиде на митинг, ќе отиде. Кој може мене да ме принуди да одам на еден или на друг митинг?“, вели Божиновски.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, деновиве изјави дека собирот има за цел ја покаже поддршката на државата во овие тешки моменти, да даде поддршка за сите кои се борат за Македонија, за безбедносните сили, за сите сили кои прават напори Македонија да излезе од оваа криза.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG