НАТО останува во Авганистан

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

НАТО останува во Авганистан

НАТО ќе го продолжи присуството во Авганистан и по завршувањето на сегашната мисија. Ова е решено на вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во турскиот град Анталија. На состанокот се разговарало и за Украина, како и за справувањето со имигрантите.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на посебен состанок со претставници на Авганистан разменил мислења за тоа како да се изгради натамошното долгорочно партнерство откако ќе заврши сегашната мисија „Решителна поддршка“.

„Се согласивме да го задржиме нашето присуство во Авганистан и натаму. Наша цел е да ги обучуваме авганистанските безбедносни институции за самостојно справување со предизвиците“, изјави Столтенберг.

Според него, мисијата во Авганистан во иднина ќе биде предводена од цивили, а не од воени лица. Шефовите на дипломатиите на НАТО се собраа во Анталија за да дискутираат и за кризата во Украина, но и за заканите од милитантите на Исламската држава на Блискиот Исток и Африка.

Се согласивме да го задржиме нашето присуство во Авганистан и натаму. Наша цел е да ги обучуваме авганистанските безбедносни институции за самостојно справување со предизвиците.
Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Што се однесува до Украина, повикано е на целосно спроведување на договорите од Минск. Според оценката на генералниот секретар Столтенберг, таму примирјето станува се покршливо.

„Во врска со ова особена одговорност има Русија“, рече Столтенберг, наведувајќи дека сега е неопходно да се направат побараните реформи кои ќе бидат клуч за стабилноста на Украина.

На состанокот во Анталија шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер ги обесхрабри очекувањата за брза воена акција против трговијата со луѓе.

„Не треба да имаме илузии дека се додека нема да имаме успех во етаблирањето на стабилноста и на поредокот, главно во Либија, ќе биде многу тешко да се справиме со имигрантите“, изјави тој.

Во Европската унија постои расположеност за борба против трговците со луѓе, меѓу другото и со голема воена акција.

Тоа беше потенцирано на неодамнешниот самит на Европската унија откако стотици имигранти се удавија на Медитеранот во нивниот обид да стигнат до бреговите на Европа.

Европската комисија во средата предложи во тек на две години да преземе 20 илјади имигранти кои ќе бидат распоредени по земјите на Унијата.

Италија и другите јужноевропски земји очајно бараат помош и од другите членки на Унијата во справувањето со големиот бран бегалци.

И додека некои земји како Германија и Австрија го поддржуваат овој систем на квоти за прифаќање на бегалците, други како Данска и Ирска изразија резерви. Британија пак, веќе отворено се изјасни против ваквиот план на Европската комисија.

Според предложената шема, направена врз основа на големината на земјата и економскиот развој, најмногу имигранти би требало да преземе Германија, по што следуваат Франција и Италија.