Извршниот директор на УНИЦЕФ Ентони Лејк во почетокот на овој месец изјави дека големиот број кризи доведува доста од нив, како во Авганистан, Конго, Нигерија, Пакистан, Сомалија, Судан и Јемен брзо да бидат заборавани или да не успеваат да стигнат на насловните страници.
Во светот околу 230 милиони деца живеат во земји и региони зафатени со вооружени конфликти.
„2014 беше катастрофална за милиони деца“, вели портпаролот на УНИЦЕФ Кристоф Булиерак, додавајќи:
„Деца беа осакатувани, убивани, силувани и како никогаш во поновата историја децата беа цел на едни такви екстремни бруталности. Во моментов имаме 230 милиони деца кои живеат во земји зафатени со конфликти, а 15 милиони се фатени во големи кризи и судири.“
Кога се напаѓаат училишта тогаш дефинитивно станува збор за нешто многу сериозно. Училиштата се рај. Тие мора да бидат своевиден рај за децата. Таму учат, тоа сите го знаеме, но тие таму и растат и се развиваат.
Сериозна закана за децата доаѓа и од смртоносната заразна болест ебола во Западна Африка каде што над 5 милиони биле принудени да не посетуваат училиште.
Во Централно Африканската Република над 2 милиони и 300 илјади деца се во опасност од тамошните верски судири, а над 10 илјади од нив биле регрутирани од разни вооружени групи.
Расте бројот и на загинати деца. Во педесет дневната војна меѓу палестинските сили и Хамас биле убиени 538 деца, додека над 3 илјади и 300 биле ранети.
Во Сирија, според УНИЦЕФ, над 7 милиони деца се погодени од тамошниот конфликт, а само годинава таму имало стотици убиени.
„Можеме исто така да зборуваме за Сирија. 35 училишта беа нападнати при што загинаа над 100 деца. Кога се напаѓаат училишта тогаш дефинитивно станува збор за нешто многу сериозно. Училиштата се рај. Тие мора да бидат своевиден рај за децата. Таму учат, тоа сите го знаеме, но тие таму и растат и се развиваат“, вели Булиерак.
Пред извесно време вооружени талибанци нападнаа едно училиште во Пешавар, Пакистан каде што убија најмалку 130 деца.
УНИЦЕФ порачува дека заштитата на децата треба да биде приоритет во идната година.