Само во минатата година, според извештајот, биле регистрирани 866 илјади баратели на азил. Тоа е за скоро 270 илјади повеќе од претходната 2013 година, или скок од 45 насто.
Како главни причини се наведени вооружените конфликти, влошувањето на безбедносната или хуманитарната ситуација и кршењето на човековите права.
„Во деведесетите години од минатиот век Балканските војни предизвикаа стотици илјади луѓе да ги напуштат нивните домови и да побараат азил. Многу од нив се најдоа како бегалци во индустријализираните земји. Денес бранот вооружени конфликти во светот не поставува пред слични предизвици. Нашиот одговор сега треба да биде великодушен исто како што беше тогаш, да им се дозволи азил и заштита на луѓето кои бегаат од овие страшни конфликти“, наведува високиот комесар за бегалци Антонио Гутерес.
Од Македонија бројот на баратели на азил лани бил намален за 11 насто во споредба со претходната година. Во 2013 од Македонија имало 7 илјади 729, додека во 2014 година 6 илјади 883 лица кои побарале азил во некоја западна земја.
Најмногу баратели на азил има од Сирија, Ирак, Авганистан, Србија и Косово. Од Македонија бројот на баратели на азил лани бил намален за 11 насто во споредба со претходната година. Во 2013 од Македонија имало 7 илјади 729, додека во 2014 година 6 илјади 883 лица кои побарале азил во некоја западна земја.
Пет најпосакувани дестинации се Германија, Соединетите држави, Турција, Шведска и Италија.
Најголем пораст на баратели на азил има во јужна Европа, каде што главно стигнуваат со бродови преку Медитеранот.
Бројот на нови баратели на азил во Германија лани изнесуваше 173 илјади, што е за 58 насто повеќе во споредба со претходната година.
Има и такви кои во Европската унија влегуваат со валидни визи, а потоа илегално остануваат и бараат азил.
Сепак, на оние најсиромашните и најочајните од Африка, Азија и Блискиот Исток патувањето им трае со месеци преку морски и копнен пат што најчесто скапо им го плаќаат на шверцерските банди.
Европската полиција Еуропол соопшти дека деновиве во неколку европски земји биле уапсени осомничени за шверц на околу 10 илјади имигранти од Косово во Европската унија.
Во акцијата биле вклучени 400 полицајци кои уапсиле 77 луѓе во Австрија, Чешка, Франција, Германија, Унгарија, Словачка и Косово. Осомничените главно биле Косовари, Чеси, Словаци, Срби, Босанци и Македонци.
Тие наплаќале околу 2 илјади и осумстотини евра од човек и околу 7 илјади евра од семејство за да им го овозможат нивниот илегален пат од Србија, до Унгарија која е дел од Шенген зоната.