Партиските вработувања и квалитетот на образованието поттикнаа жестока дискусија во битолскиот Совет. Опозицијата обвини дека по партиски клуч во изминатите години имало повеќе вработувања, а советничкото мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ одговори дека за нив не е важна партиската припадност, па вработувале и членови на опозицијата.
Не може во образовни институции каде учат децата од најмала возраст да се вработуваат парти.ски војници.Горан Козаров, советник од СДСМ.
Горан Козаров и Наташа Петровска, советници од СДСМ критикуваа одредени професори за недолично однесување и преместување на партиски неподобрниот наставен кадар по други општини.
„Не може да биде наставникот или професорот, а по 16 часот да биде на фејсбук и да се договара и да излегува со учениците. Не може навечер да се дружиме, а другиот ден да продаваме големина дека сме професори. Измешани се работите. Не може во образовни институции каде учат децата од најмала возраст да се вработуваат партиски војници. Ние не сме против вработувања, дај боже да има што повеќе вработувања. Но, да се вработуваат кадри преземени од други градови и општини и да доаѓаат во Битола преземени од паркови и шуми заради проект на Владата, тоа е нон сенс. Треба да внимаваме кого вработуваме и каде“, рече Козаров.
Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ниту еден од нив не избрка од работа, туку на сите им даде решенија за вработување.Илче Димовски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во медицинско училиште имате вработен со полно работно време, со четири часа, а останатите слободни активности. Има добиено решение на неопределено време. Или колеги со 20 годишно работно искуство беа преместени во Демир Хисар, а нови вработени во гимназијата, станува збор за ист наставен предмет“, рече Петровска.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека никој од вработениот наставен кадар кој е опозиционерски настроен не го оставиле без работа, напротив во својот мандат вработиле и припадници на СДСМ.
„Еве јас бев советник во првиот состав на советот кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт 2004-2005 година, на сопартијците СДСМ не им имаше дадено решение за трајно вработување. Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ниту еден од нив не избрка од работа, туку на сите им даде решенија за вработување. Математички гледано дали овие се партиски активисти или оние се подобро образовани, тоа не е ни важно. Важно е луѓето да добиваат месечни примања и да имаат нормален живот“, рече Илче Димовски, советник од ВМРО-ДПМНЕ Битола.