Груевски најави истрага за „бомбите“ и кадровски промени

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од партискиот конгрес во Куманово, рече дека сака да има „истрага и за нивните прекршувања на законите, но и за она за што нас не обвинуваат“. Тој најави и кадровски промени во својот тим.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски во обраќањето на 15.Конгрес на партијата кој се одржува во Куманово, рече дека и тој сакал истрага за она за што обвинуваат од СДСМ.

Нашиот став е да има истрага и за нивните прекршувања на законите, но и за она за што нас не обвинуваат. Ние сакаме да има истрага, ако во таа истрага се покаже дека некој од нас нешто погрешил, нека одговара во таа истрага. Ние ќе постапуваме европски, иако баш ваков случај нема во Европа каде што шефот на опозицијата со месеци пушта нелегални материјали, а голем број на медиуми ги објавуваат.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашиот став е да има истрага и за нивните прекршувања на законите, но и за она за што нас не обвинуваат. Ние сакаме да има истрага, ако во таа истрага се покаже дека некој од нас нешто погрешил, нека одговара во таа истрага. Ние ќе постапуваме европски, иако баш ваков случај нема во Европа каде што шефот на опозицијата со месеци пушта нелегални материјали, а голем број на медиуми ги објавуваат“, рече Груевски во Куманово.

Тој рече дека „бомбите“ независно колку разговорите се монтирани, лепени и сечени, сепак, им ги збиле редовите во партијата.

Овие четири години и покрај сите грешки успеавме да се задржиме со и меѓу народот. Македонија дефинитивно да ја направиме на народот.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нè потсетија дека нема време и простор за опуштање, дека колку и да е слаба опозицијата секогаш има некој што може да нападне со силно оружје колку и да е тоа нефер или недозволено. Бомбите дополнително нè созреаја и нè направија поконцентрирани за да му служиме на народот. Ова е за сите нас корисна лекција, подобро скокање во ладна вода сега кога не сме се опуштиле, отколку да добиевме ладен туш од граѓаните на следни избори“, рече Груевски.

На конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово Никола Груевски е единствен кандидат за претседател на партијата.

На партискиот конгрес, освен највисоките партиски функционери и 523 делегати од вкупно поканетите 560, присуствуваа и претставници од коалиционите партии, странски дипломати, претставници на медиуми и други гости.

Груевски рече дека партијата која датира 120 години, возобновена пред 25 години, последната деценија е синоним за успех во Република Македонија.

Груевски потсети дека и покрај сите ризици за нејзино уништување, не успеал да ја уништи ниту комунистичкиот режим. Груевски ја спомена и дијаспората која активно се борела за идеологијата на оваа партија. Како прв почесен претседател и најголем дисидент го спомена Драган Богдановски од кумановско, чиишто членови на семејството присуствуваа на Конгресот. Но, и покрај несогласувањата, како што рече Груевски, со првиот претседател Љубчо Георгиевски, тој има голема заслуга, како и Борис Змејковски и другите активисти од минатиот период.

„Изминатите четири години десницата се обедини како никогаш досега. Освен една вонпарламентарна партија за која вратите сè се уште отворени. Останавме обединети во добри и во тешки времиња. Тоа е квалитет на партијата. Внатре се дебатира отворено, надвор настапуваме со силни и заеднички ставови, не како што сега настапува СДСМ“, рече тој.

Груевски рече дека од аспект на политичка партија и напредок, дека во изминатите десет години ВМРО-ДПМНЕ целосно ја освоила десницата, а во иднина ќе се стреми да го освои и центарот. Тој меѓу другото додаде дека партијата е многу зајакната. Бројот на членовите е над 165 илјади како никогаш во историјата.

Тој додаде дека не дека немале грешки, но дека опозицијата немала сериозна програма, не се реформирала кадровски и суштински, дека од опозицијата сметале и сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе му здосадат на народот и така ним ќе им ја врати довербата.

„Ако од нив нешто се памети во овие четири години тоа се навреди, омаловажувања, интриги, конфликти, закани, манипулации, а во последно време и монтажи. Оваа нивна дезориентираност и деструктивност, само ни помогна поцврсто да ја освоиме поддршката на мнозинството на граѓани. Овие четири години и покрај сите грешки успеавме да се задржиме со и меѓу народот. Македонија дефинитивно да ја направиме на народот“, рече тој.

Груевски најави и кадровски промени

„Задоволен сум од достигнувањата во овој период, но одвреме-навреме се потребни освежувања на функционерските места. Тимот што победува не се менува, но дел од играчите, кои се замориле, треба да се одморат некое време“, рече Груевски, додавајќи дека во последниот период имало одредени забелешки за работата на третиот ешалон, при што најави „Нов бран 2015“.

На Конгресот се обратија Абдулаќим Адеми од ДУИ кој, меѓу другото, истакна дека постои квалитет на соработката и на владино и на партиско ниво, без оглед што има несогласувања и отворени прашања.

„Во најголем дел сме успевале да најдеме заеднички јазик. Ова е особено важно што нашата земја се наоѓа на стратешки крстопат за кој мора да бидеме подготвени и активно вклучени и во разврска на проблемите. Најголем дел зависи од нас иние треба да го трасираме патот, зашто најголема е нашата одговорност“, рече тој.

Љубисав Иванов Ѕинго исто така им се обрати на присутните, при што меѓу другото упати критики кон опозицијата, додавајќи дека таа треба да се консолидира, трансформира, но сепак да остане во опозиција.

Утре во попладневните часови делегатите ќе го изберат новиот лидер на партијата.