Достапни линкови

Буџетот се прекројува на партиски митинзи


Ветувањата на премиерот за разни субвенции, помош, трошоци, за кои се потребни државни пари, а кои не се претходно планирани, се поизвесно водат кон ребаланс на буџетот.

Во последниот период Премиерот Никола Груевски на јавните настапи излегува со ветувања за повисоки плати, нови вработувања, социјална помош, компјутери, стипендии, трошоци кои треба да бидат покриени од средства од државниот буџет. Овие издатоци воопшто не се планирани при неговото усвојување кон крајот на минатата година, велат експертите, а нивните проценки се дека во моментов не може со сигурност да се потврди дали во овој период од годината ќе започне постапка за ребаланс на буџетот.

Ќе мора да има ребаланс ако Владата на законски начин сака да ги оствари тие ветувања што ги дала. Ако нема намера да ги исполни, во тој случај можеби и нема да биде потребен ребаланс и ќе тера буџетот како што е оригинално направен.
Ванчо Узунов, универзитетски професор.

Професор Ванчо Узунов од Правниот факултет во Скопје, посочува дека тие ветувања треба да бидат остварени во вториот дел од годината и во услови на нивно исполнување ќе биде потребен ребаланс, кој би се направил на почетокот или крајот на летото.

„Ќе мора да има ребаланс ако Владата на законски начин сака да ги оствари тие ветувања што ги дала. Ако нема намера да ги исполни, во тој случај можеби и нема да биде потребен ребаланс и ќе тера буџетот како што е оригинално направен. Во моментов не може да се каже ништо, но во многу блиска иднина, ако нешто многу не се смени и останат ветувањата на премиерот, ќе мора да има ребаланс“, вели Узунов.

Во однос на ребалансот, Министерот за финансии Зоран Ставрески вчера изјави дека се уште е рано да се размислува за ребаланс и оти во оваа фаза не може да прогнозира дали за такво нешто има потреба. Тој истакна дека треба да се почека еден до два месеци за да се видат приходите и расходите.

Најверодостоен опис на состојбата на јавните финансии, планирањето и распределбата на парите, на крај го даде самиот министер за финансии Зоран Ставрески од она што го слушаме од него. Фактот дека тој игра амбивалентна улога, дека јавно зборува едно, а знае каква е состојбата, тоа е проблем на неговиот морал.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

За поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, во сегашната политичка констелација нема никакво значење прашањето дали треба да се направи ребаланс на буџетот, бидејќи според него таквиот владин предлог во Парламентот ќе претставува само формалност. Тој вели дека не е изненаден што премиерот на партиски митинзи врши различни исплати од буџетот.

„Најверодостоен опис на состојбата на јавните финансии, планирањето и распределбата на парите, на крај го даде самиот министер за финансии Зоран Ставрески од она што го слушаме од него. Фактот дека тој игра амбивалентна улога, дека јавно зборува едно, а знае каква е состојбата, тоа е проблем на неговиот морал. Од стручна гледна точка, повторно Ставрески влегува во стапица. Тој вели - Ќе земеме од едни позиции и ќе префрлиме на други, и тоа не е надлежност ниту на премиерот, ниту на министерот за финансии. Кога ние би имале Парламент каков што немаме, нема да може буџетот на партиски митинг да се промени“, вели Хајредини.

Професор Узунов додава дека многу е важен моментот од каде власта ќе ги најде парите за непланираните трошоци и според него можностите за задолжување ќе бидат намалени, а Владата ќе исполни само дел од ветувањата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG