Многу ветувања, малку пари. По отворањето на аферата „прислушување“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ почна да организира народни собири низ Македонија, на кои премиерот Никола Груевски вети низа погодности за граѓаните. Со оглед на тоа што државната каса само во првите два месеци од годинава е во минус од 75 милиони евра, економистите предвидуваат дека „дедомразовските“ ветувања само ќе ја зголемат таа дупка и оти задолжувањето ќе расте.
Ако се пресметаат и калкулираат фискалните импакти и ефекти на сите најавени мерки на премиерот, да не речам на Дедо Мраз, во секој случај тој дисбаланс ќе биде уште поголем и во блиска иднина веројатно и самиот буџет ќе дојде во една неодржлива состојба.Абдулменаф Беџети, академик.
Премиерот Груевски на партиските собири на владејачката партија во изминатиот месец вети таблет компјутер за студентите, зголемување на студентските и ученички стипендии, зголемување на социјалната помош, зголемување на платите на полицајците, поевтини лекови, целосно обесштетување на земјоделците од поплавените подрачја и ред други погодности.
Академик Абдулменаф Беџети вели дека се најавуваат трошоци поголеми од она што е планирано, а во исто време поради политичката криза може да се очекува намалување на буџетските приходи. Ако ваквата политика продолжи, не може да се очекува ништо друго освен енормно продлабочување на буџетскиот дефицит и значително зголемување на задолженоста на земјата, вели тој.
Ова се одлуки на еден избезумен премиер, ова се одлуки на еден избезумен тим, којшто мисли дека на овој начин, со делење „чоколади“ на граѓаните на Република Македонија од позајмени пари ќе ја задржат власта. Ова дефинитивно е вистинско лудило.Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.
„Има еден изразен тековен дисбаланс во буџетот меѓу јавната потрошувачка и остварувањето на приходите и во овој момент ако се направи пресек. Ако се пресметаат и калкулираат фискалните импакти и ефекти на сите најавени мерки на премиерот, да не речам на Дедо Мраз, во секој случај тој дисбаланс ќе биде уште поголем и во блиска иднина веројатно и самиот буџет ќе дојде во една неодржлива состојба“, вели Беџети.
Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, потсетува на еден од прислушуваните разговори што ги објави опозицијата во кој вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вели дека водат лудачка политика. Очигледно таа политика продолжува, вели Гошев.
„Ова се одлуки на еден избезумен премиер, ова се одлуки на еден избезумен тим, којшто мисли дека на овој начин, со делење „чоколади“ на граѓаните на Република Македонија од позајмени пари ќе ја задржат власта. Ова дефинитивно е вистинско лудило. Тие сега, во паниката да се спасат од политичката и кривична одговорност, дополнително се обидуваат да купат некакви политички поени кај граѓаните, кај сопственото членство за да останат на власт. Ова е натамошно заглавување на граѓаните на Република Македонија со навистина големи последици“, вели Гошев.
Тој посочува дека буџетскиот дефицит повторно ќе биде поголем од планираното и оти јавниот долг, кој и онака веќе е на нетолерантно ниво, ќе се зголемува.
Според податоците на Министерството за финансии, само во првите два месеци од годинава владата потрошила 75 милиони евра повеќе отколку што прибрала од даноци и други давачки, што е една четвртина од буџетскиот дефицит од 300 милиони евра предвиден за целата година. Јавниот долг на крајот на минатата година бил речиси четири милијарди евра, односно скоро 46 отсто од БДП-то. Понови податоци за задолженоста нема. До минатата година, податоците за задолженоста се објавуваа еднаш месечно, но од годинава Министерството за финансии ги објавува тримесечно.