Уште пред календарскиот почеток на пролетта, Општина Кривогаштани наликува на природен резерват на штркови. Преку 1.000 штркови семејства се вселуваат во старите гнезда, во кои живееле до нивното заминува во август минатата година, кога на верскиот празник „Св. Пантелејмон“ во јата заминале во топлите краишта. Штрковите се омилени птици на мештаните. Тие прават свои гнезда и врз куќите, а на децата им се плетат мартинки во чест на нивното доаѓање секоја сезона.
И јас не памтам од кога. Еве имам 60 години и не знам од кога точно доаѓаат, колку време доаѓаат овде. Сега се ставаат мартинки на раката им се врзуваат на децата, за да се радуваат кога ќе дојдат штрковите.Љубомир Мулоски, жител на Кривогаштани.
„И јас не памтам од кога. Еве имам 60 години и не знам од кога точно доаѓаат, колку време доаѓаат овде. Сега се ставаат мартинки на раката им се врзуваат на децата, за да се радуваат кога ќе дојдат штрковите“, вели Љубомир Мулоски, еден од жителите на Кривогаштани.
Но, не само во ова, туку во сите останати населени места во Општината, штрковите се дел од екосистемот во топлите месеци во годината. Гнезда има речиси на секоја бандера.
Тие инстинктивно си го знаат местото каде домувале и си бараат место, каде што им било претходното.Благојче Христоски, ветеринар.
„Во периодот на лежењето, значи на инкубацијата од јајце до единка се грижат двата родители. Во гнездото остануваат 60 до 70 дена, а половата зрелост ја достигнуваат на 3 години, се населуваат претежно во населените места, на високи места каде што да градат гнезда. Тие инстинктивно си го знаат местото каде домувале и си бараат место, каде што им било претходното“, вели дипломираниот ветеринар Благојче Христоски.
За да им го олесни престојот и отстрани ризикот, онаму каде што има седела на критични бандери, локалната власт и ЕВН поставиле безбедносни корпи. Тие се поставени и на други бетонски столбови, со цел да се намамат таму да прават нови гнезда.
Локалната самоуправа размислува и веќе реализира експериментален, истражувачки проект за изградба на штркова населба. Избрани се две пробни локации, во населеното место Кривогаштани по течението на Стара Река и на патот за Крушево во месноста викана „Орлово корито“.
„Да видиме значи во кој дел ќе бидат населени, а потоа тој дел комплетно инфраструктурно ќе го решиме. Планираме да го решиме со донации од претпристапните фондови на Европската Унија, значи со меѓугранична соработка, со донации од страна на невладини организации во Република Македонија, како и средства кои што планирам да ги обезбедам преку Министерството за култура“, вели градоначалникот Тони Заткоски.
Според неговите планови, ако младите штркови своите нови седела ги направат во таа нова населба, тогаш оваа ќе прерасне во вистинска туристичка приказна. Локациите ќе бидат целосно уредени со урбани елементи, просторот хортикултурно уреден, ќе биде средено и коритото на Стара река, поставени канделабри. Двете локации не се избрани случајно, целта е да бидат што поблиску до регионалниот пат за Крушево, со цел сите туристи овде да запираат, да ја посетат штрковата населба и да уживаат во природните убавини.