Вознемиреност се шири по запалените возила во Битола

Опожарувањето на неколку возила во Битола ги вознемири граѓаните, велат дека градот сега им наликува на Бејрут.

Последните потпалувања на автомобили низ Битола предизвикаа вознемираност меѓу битолчани. За три дена намерно беа запалени две возила, а пожарот зафати уште четири други, или вкупно шест автомобили. Сите беа претежно нови возила, произведени најмногу пред седум години, а беа запалени во доцните саати, од два до три часот по полноќ, додека беа паркирани пред зградите во кои живеат сопствениците. Во анкетата битолчани велат дека градот со ваквите инциденти наликува на Бејрут.

Ова е намерно направено да не заплашат за да застанеме со критиките. Но, јас мислам дека нема да застани овој народ, се свести. Ова стана веќе Бејрут во Битола.
Анкетиран граѓанин.

„Ова е намерно направено да не заплашат за да застанеме со критиките. Но, јас мислам дека нема да застани овој народ, се свести. Ова стана веќе Бејрут во Битола.“

„Слушнавме големи бучави, како бомби да паѓаат. Ми беше многу страв, не излегов, си реков куќа гори. Излегоа надвор членовите од семејството, рекоа коли горат. Од едната кола се запали другата. Како велат поради сурото и сувото оди. Се слушнаа четири-пет пати детонации, јас дека од срцето сум болна, си реков готово ќе припаднам.“

На фејсбук пишував против власта, нели сме демократска држава, тоа во наводници ќе го ставиме и најверојатно од таму се некои провокации.
Марјан Јовановски, сопственик на едно од запалените возила.

„Ова не доведува во ситуација да се плашиме за внуците.“

„Ова почна да не плаши. Стравуваме возилата да ги оставиме пред зграда. Не знаеме каде да ги носиме. Можат за некој изнесен став на фејсбук или пошироко можат да те загрозат да ти го запалат возилото“, велат анкетираните битолчани.

Од полиција велат дека работат на откривање на сторителите и мотивите. Досега сослушани се повеќе битолчани,а до едно од возилата биле пронајдени хирушки ракавици и фантомка.

Потпалувањата го поттикнаа политичките препукувања. Оштетените сопственици на возилата Јасминка Кочовска и Марјан Јовановски велат дека се активисти на СДСМ.

„Досега сме немале никакви закани освен што сме против власта и сме членови на СДСМ.“

„На фејсбук пишував против власта, нели сме демократска држава, тоа во наводници ќе го ставиме и најверојатно од таму се некои провокации.“

Од ВМРО-ДПМНЕ отфрлаат било каква вмешаност во инцидентите.

„Да ги поттикнеме истражните органи што поскоро да ги расветлат ваквите конкретни случаи за да нема вакви политички злонамерни манипулации и народот да не наседнува на вакви провокации“, рече портпаролот Благој Шаклевски.

Досега Битола е на прво место во државата по број на запалени автомобили во последните неполни две ипол години. Запалени се 23 возила, на второ место е Скопје со 16 возила.