Достапни линкови

Партиски списоци и сервилни директори


РЕК Битола.
РЕК Битола.

Вработувањата по партиски клуч, без критерум за стручност, го доведуваат системот во многу тешка ситуација која продуцира неефикасност, вели професор Темелко Ристовски.

Власта вработува несоодветни партиски кадри, на места кои бараат специфични критериуми. Ова, велат од опозицијата, можело да се слушне од прислушуваните разговори што ги објави во последната т.н. бомба.

Храброста во вакви услови носи ризик да се изгуби работното место. Од етички аспект гледано јас сепак мислам дека луѓето треба да бидат храбри и власта еден ќе сфати дека не може така да се работи.
Темелко Ристовски, универзитетски професор.

Претседателот на општинскиот одбор на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски, истакна дека еден од разговорите покажува како во државната компанија ЕЛЕМ се вработуваат луѓе исклучиво по партиска директива.

Илустрација.
Илустрација.

Тој рече дека од разговорот меѓу шефот на кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протуѓер и тогашниот директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски се слушало дека Протуѓер барал од Чингоски да вработи 9 луѓе по список, како што му пратила кадровата комисија, а дел од луѓето треба да работат и на нуклеарна програма.

Вработувањата во државната администрацијата и во јавните претпријатија се еден од инструментите за привлекување гласачи.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Партиските вработувања се многу опасна социо-патолошка појава, при што не се води сметка за стручноста на апликантите, коментира професор Темелко Ристовски. Тој вели дека за системот да биде ефикасен, потребно е да биде пополнет со луѓе кои што се стручни и кои одлично ја познаваат проблематиката што ја работат. Вработувањата по партиски клуч, системот го доведуваат во многу тешка ситуација која продуцира неефикасност, вели тој.

„Што се однесува конкретно до ЕЛЕМ, таму исклучиво е неопходно да бидат стручни кадри, луѓе коишто ја познаваат проблематиката, тоа се и опасни работи, не може човек што не ги знае тие работи по наредба на власта едноставно да се вработи на тоа место. Тоа може да доведе до катастрофа во системот, така што власта ако сака да направи еден ефикасен систем, мора да ја напушти практиката на партиски вработувања“, вели Ристовски.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини истакнува дека е меѓу луѓето кои веќе девет години укажуваат на неморалното и ненормалното однесување на партијата на власт, но вели снимките од прислушувањето сега ги потврдуваат нивните сомневања дека таа практика била систем на однесување.

„Вработувањата во државната администрацијата и во јавните претпријатија се еден од инструментите за привлекување гласачи“, вели Хајредини.

Во однос на луѓето кои добиваат партиски списоци и се под притисок да вработуваат, професор Ристовски вели дека треба да се охрабрат и да ги одбиваат таквите наредби, иако храброста носи ризик.

„Храброста во вакви услови носи ризик да се изгуби работното место. Од етички аспект гледано јас сепак мислам дека луѓето треба да бидат храбри и власта еден ќе сфати дека не може така да се работи“, вели Ристовски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG