Агонијата на околу 300 вработени во прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ продолжува. Како што тврдат, три години не им е исплатена плата со придонеси. Во фабриката за наменско производство за потребите на одбраната и безбедноста на државата, нема работа. Штрајкот со години беше единствен механизам на вработените за да им се исплати аванс за плата. Но, кога и овие мерки веќе немаат ефект, работниците сега наместо барања испраќаат молби до власта.
Го молиме премиерот и неговите соработници, да не вклопат ако е можно, во новите мерки сега што ги презентира за постари лица, значи да ни го плаќа стажот до пензионирање, тоа како една варијанта.Трајче Стојаноски, претседател на Синдикатот во „Еурокомпозит“.
„Ние вработените во „Еурокомпозит“ сме на мислење дека премиерот не ги знае изворно проблемите во нашата фирма, затоа го покануваме да дојде и лично на средба да чуе од нас. Ова што му пренесуваат заменици, некои членови на Управен одбор, сето тоа се шминки, дека кај нас мед и млеко тече“,вели Борко Томески, член на синдикалната организација во фирмата.
Вработените се незадоволни од раководството на фирмата.
„Сметаме дека Бордот на директори којшто го постави Владата не известува соодветно за реалната ситуација во фирмата и не знаат зошто штрајкуваме, зошто протестираме. Во ваква ситуација во која се наоѓаме без работа, без пари за 2015-та година, до каде ќе дојдеме не знаеме“, реагира Ицко Маркоски, исто така член на синдикалната организација на „Еурокомпозит“.
Вработените во „Еурокомпозит“ се ни на небо, ни на земја, вработени се, пријавени се, а не ги уживаат правата од законот за работни односи и другите права што им следат на работниците.Лазар Ангелески, претседател на Регионалната канцеларија на ССМ во Прилеп.
Од Синдикатот на фирмата го молат премиерот и вработените во овој загубар да бидат опфатени со новите мерки за згрижување на повозрасните граѓани.
„Го молиме премиерот и неговите соработници, да не вклопат ако е можно, во новите мерки сега што ги презентира за постари лица, значи да ни го плаќа стажот до пензионирање, тоа како една варијанта. Второ, исплата на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за овие три години што се поминати, па потоа да ни се обезбеди социјален пакет за вишокот работници“, замолува Трајче Стојаноски, првиот синдикалец во „Еурокомпозит“.
Од Регионалната канцеларија на ССМ во Прилеп, сметаат дека е крајно време Владата да најде конечно решение за загубарот, зашто фирмата е целосно во државна сопственост.
„Вработените во „Еурокомпозит“ се ни на небо, ни на земја, вработени се, пријавени се, а не ги уживаат правата од законот за работни односи и другите права што им следат на работниците, односно земаат некакви аванси што не се плата, не им се плаќа здравствено осигурување кое што е најголем проблем во моментов, бидејќи работниците сами ги обезбедуваат парите за лечење. Крајно време е да се изнајде некое решение, бидејќи оваа е државна фирма и не можеме на никого друг да се обратиме, освен на сопственикот“, вели Лазар Ангелески, претседател на Регионалната канцеларија на ССМ во Прилеп.
Според најавите од „Еурокомпозит“ до крајот на овој месец, ќе биде објавен трет по ред тендер за продажба на фирмата на стратегиски инвеститор. Други детали за иднината на компанијата не се соопштуваат.