Достапни линкови

Еурокомпозитци преку штрајк до заработените пари


Вработените во Еурокомпозит преку протести бараат исплата на социјални пакети и конечно решение статусот на фирмата.

Верка Стеваноска 34 години работи во прилепската фабрика за наменско производство „Еурокомпозит“. Таму го загубила здравјето, но, вели не може да добие ни инвалидска пензија, ниту има сини картони за лекување.

Јас сум 34 години овде, каде да ја најдам јас мојата енергија и како да живеам понатаму, не ми даваат право на инвалидска пензија.
Верка Стеваноска, вработена во Еурокомпозит.

„Маска носам јас, имам решение со намалена работна способност од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и сега ми велат, да одиш преку трудот, да си добиеш син картон и да се лечиш ако сакаш, јас сум 34 години овде, каде да ја најдам јас мојата енергија и како да живеам понатаму, не ми даваат право на инвалидска пензија“, вели Стеваноска.

Жарко Талески пак има проблеми со видот. Но, без сини картони не може да се оперира.

„Една година ги молам да ми дадат пари за операција за око, не ми даваат пари, велат од заостанатите плати, направив молба, во јануари една година ќе измине, пари уште не ми даваат“, вели Талески.

Во моментов сега треба најмалку три-четворица луѓе да одат на операција, тие треба најмалку по три до четири илјади евра да платат, од каде, од што?
Борко Томески, вработен во Еурокомпозит.

Сите околу 300 работници се жалат, бидејќи речиси 3 години немаат платено здравствено осигурување.

„Во моментов сега треба најмалку три-четворица луѓе да одат на операција, тие треба најмалку по три до четири илјади евра да платат, од каде, од што? И најболно што е, предлог им се дава, да си откажат од работа, да се пријават во трудот, да земат сини картони, да се излекуваат, па наводно дека ќе ги вработат повторно“, вели Борко Томески, исто така вработен во Еурокомпозит.

Придонеси во ПИОМ не се платени според работниците 2,5 години, им се исплаќаат само аванси за плата. На секои 3 - 4 месеци и авансот не го добиваат, па протестот и штрајкот им се практика на вршење притисок, за да дојдат до заработените пари.

„Менаџерскиот тим е за мене виновен, ама менаџерскиот тим го поставува Владата, таа треба да си преземе обврски. Ние сме фирма со државен капитал 100 отсто“, вели Милан Гусакоски.

Од Синдикатот на фабриката посочуваат на двете можни алтернативи, кои ќе значат конечно решавање на маките на вработените.

„Или да се најде стратегиски партнер на фабриката, слично како во Тутунски Комбинат, или да се обезбеди социјален пакет за 100 до 150 работници. Со тоа, мислам дека ќе се намали бројот на вработените и би можело полесно да се обезбедува плата и работа. Ние не можеме да го решиме случајот, единствено да си ги земеме работните книшки и да заминеме“, вели првиот синдикалец, Трајче Стојаноски.

„Еурокомпозит“ е еден од четирите загубари. Агонијата за опстанокот на фабриката и иднината на вработените трае 2 децении.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG