Борба против корупцијата колку да се рече

Институциите недоволно реагираат во борбата против корупцијата, оценува стручната јавност. Индиции за корупцијата провејуваат и во дел од прислушуваните разговори кои ги објавува опозицијата.

Дека корупцијата е сериозен проблем на кој треба да му погледнеме во очи и недвосмислено да се бориме против него, покажуваат и дел од бомбите на опозицијата во чии разговори слушнавме дека и високи владини функционери биле вклучени во коруптивно-криминални активности. Донации, договарања на провизии, исплата на милионски суми на банкарски сметки и слично беа само дел од содржината на прислушуваните разговори кои допреа до јавноста. Но, и покрај одекот на бомбите во јавноста, впечатокот на упатените е дека надлежните институции не преземаат доволно мерки за да ги истражат наводите во разговорите.

Начинот, односно формите на кои се манифестираат тие се различни, преку тендерите, преку мито и корупција, преку злоупотреба на службената должност, преку пречекорување на службените овластувања, и така натаму, сите тие се најзначајни форми низ кои се манифестира оваа мошне штетна појава на државата.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

Факт е дека корупцијата царува во Македонија, вели професор Осман Кадриу, според кого, различни се само формите низ кои таа се манифестира.

„Начинот, односно формите на кои се манифестираат тие се различни, преку тендерите, преку мито и корупција, преку злоупотреба на службената должност, преку пречекорување на службените овластувања, и така натаму, сите тие се најзначајни форми низ кои се манифестира оваа мошне штетна појава на државата, со која појава се подготвуваат економските теми на земјата и тоа перманентно се случува“, вели Кадриу.

Како најповикано тука е Јавното обвинителство од кое што преку наши извештаи и наши дописи баравме од обвинителите Марко Зврлевски и Јован Илиевски да покажат минимум доблест и чувство на одговорност и да поднесат оставки од своите функции, бидејќи навистина не преземаат ништо во врска со овие објави од страна на опозицијата.
Ана Јаневска-Делева, извршен директор на Транспарентност Македонија.

Надлежни институции во борбата против корупцијата се органите на прогонот, односно МВР и Јавното обвинителство, објаснува Кадриу, посочувајќи дека од одговорност не е изземена и Антикорупциската комисија, која досега се нема изјаснето за случаите со прислушуваните разговори.

„Имаме закон ние за таа комисија, таа има надлежности, како се остваруваат надлежностите околу покренувањето на постапката е фактичко прашање, тие поднесуваат и соодветни извештаи, годишни извештаи пред Собранието, затоа што одговара за својата работа пред Собранието и извештаите поминуваат без речиси никакви забелешки, а има забелешки по однос на нивната неактивност околу покренувањето на постапките за корупцијата и борбата против корупцијата“, вели Кадриу.

Дејствијата кои се поврзани со јавни набавки, со тендери, со договори, има институции што се специјално формирани за таа работа, значи Управата за финансиско разузнавање треба да направи анализа на тоа како се спроведувале финансиските трансакции и дали постои трага во финансиските институции во Македонија и надвор, оние што се споменуваат, за таков тип на трансакција.
Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнал - Македонија.

Македонија е навлечена во сериозна политичка криза, довербата на институциите е крајно разнишана, а малкумина веруваат во правна разрешница на случајот со прислушувањето, без притоа да има елементарна политичка разрешница, вели Ана Јаневска-Делева, извршен директор на Транспарентност Македонија.

„Како најповикано тука е Јавното обвинителство од кое што преку наши извештаи и наши дописи баравме од обвинителите Марко Зврлевски и Јован Илиевски да покажат минимум доблест и чувство на одговорност и да поднесат оставки од своите функции, бидејќи навистина не преземаат ништо во врска со овие објави од страна на опозицијата“, вели таа.

Јас мислам дека прво за ова треба да се нафати Обвинителот и да собира документација и да постапува по најавата на опозицијата, во случај кога еве за такви провизии, за такви злоупотреби Обвинителот во разумен рок што го имаат според закон не преземе ништо, тогаш Антикорупциската комисија би се вклучила и би го прашала Обвинителството зошто досега нема, дали има или до каде е ситуацијата.
Ариф Муса, поранешен антикорупционер.

Во ваква ситуација има работа за повеќе институции. Најповикана институција е Јавното обвинителство, а можат да се вклучат и повеќе институции кои ја имаат улогата на контрола и проверка, вели Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнал - Македонија.

„Дејствијата кои се поврзани со јавни набавки, со тендери, со договори, има институции што се специјално формирани за таа работа, значи Управата за финансиско разузнавање треба да направи анализа на тоа како се спроведувале финансиските трансакции и дали постои трага во финансиските институции во Македонија и надвор, оние што се споменуваат, за таков тип на трансакција. Тука е и Министерството за внатрешни работи од аспект на проверка на индициите за сторени кривични дела, каде што може веднаш да се започне да се анализираат овие прашања“, вели Тасева.

Потсетуваме дека под корупција меѓу другото се подразбира и состојба во која институциите се „приватизирани“ за интересите на политичките парии на власт и поединци и сакаме да укажеме дека тоа доведува до неурамнотежена и нелегитимна политичка моќ која се користи за остварување на поединечни интереси, наспроти општиот и интересот на граѓаните.
Миша Поповиќ, политички аналитичар.

Јаневска-Делева, пак, вели дека во вакви услови Државната комисија за спречување на корупцијата е одговорна затоа што е институција која треба да покренува постапки за испитување на имотна состојба на сите министри кои се повикани и за кои слушаме дека имале некаква корист од државата, во вид на провизии или слично.

„Да, тие треба да постапуваат по слушнат глас и луѓето коишто тоа го објавуваат, односно оние наречените „свиркачи“ според законот за спречување на корупција се заштитени од понатамошно гонење, меѓутоа ете Државната комисија за спречување корупција веќе подолг период е неактивна, така што не можеме да очекуваме дека сега, иако е нивна обврска да направат нешто и еве како пример да покренат постапка за испитување на потеклото на имотот и имотната состојба на сите тие што ги слушнавме во прислушуваните разговори, на сите тие зделки што ги склучувале и да не е сето тоа вистина, сепак како нивна законска обврска е да преземат нешто“, вели таа.

Има, има, сега е сè со пари, ако сакаш нешто да завршиш, треба да му дадеш па да биде работата успешна, инаку не.
Анкетиран граѓанин.

Од друга страна, пак, поранешниот член на Антикорупциската комисија, Ариф Муса вели дека Комисијата не е повикана да ги отвори овие случаи. За нив треба да постапува Јавниот обвинител, а само доколку тој ништо не направи, тогаш реагира Антикорупциската, наведува Муса.

„Јас мислам дека прво за ова треба да се нафати Обвинителот и да собира документација и да постапува по најавата на опозицијата, во случај кога еве за такви провизии, за такви злоупотреби Обвинителот во разумен рок што го имаат според закон не преземе ништо, тогаш Антикорупциската комисија би се вклучила и би го прашала Обвинителството зошто досега нема, дали има или до каде е ситуацијата“, вели Муса.

Ако е директен случај, само 12 отсто пријавиле, друго си одмолчале, е тие што одмолчеле се подготвени и натаму да го негуваат проблемот, зошто да не заклучиме и така.
Мирјана Димовска, Комисија за спречување на корупцијата.

За Тасева, пак, несфатливо е однесувањето на Антикорупциската комисија во услови кога постојат сериозни индиции кои укажуваат на тоа дека се случиле коруптивни настани.

„Молкот и непостапувањето од страна на членовите на Комисијата го доведува под прашање постоењето на самата Комисија, тоа е недозволено и би рекла дури незаконско однесување“, вели Тасева.

Преку платформа за борба против корупцијата, неодамна 15 невладини организации упатија повик до надлежните институции да постапат по наводните злоупотреби, незаконито постапување, корупција и нарушување на човековите права кои се наведуваат во објавените телефонски разговори. Тие побараа содржината на снимките да биде внимателно испитана, бидејќи без разлика кој е изворот на снимените разговори, содржината сугерира постоење на корупција, вклучително и масовна злоупотреба на службената положба.

„Потсетуваме дека под корупција меѓу другото се подразбира и состојба во која институциите се „приватизирани“ за интересите на политичките парии на власт и поединци и сакаме да укажеме дека тоа доведува до неурамнотежена и нелегитимна политичка моќ која се користи за остварување на поединечни интереси, наспроти општиот и интересот на граѓаните. Таквата состојба, дополнета со состојбата на контролирани медиуми се нарекува заробена држава во која е оневозможено владеењето на правото“, изјави Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“

Тасева вели дека се обратиле до Јавното обвинителство и Комисијата за спречување на корупцијата и притоа побарале во рок од 30 дена да се произнесат за наводите од разговорите. На прашањето дали досега има некаква реакција од нив, Тасева вели:

„Следниот ден по прес-конференцијата што ја одржа Платформата, слушнавме реакција од Јавното обвинителство коешто тогаш објави дека случаите се поделени на 17 јавни обвинители итн., коишто веќе почнале да постапуваат. Сè уште рокот и формално трае, но и оној рок што ние им го дадовме, да кажат што прават и во која насока одат тие активности, додека од страна на државната комисија за спречување на корупцијата едноставно не слушнавме ништо, тие луѓе како да не живеат во оваа држава, како да немаат обврска“, вели Тасева.

Дека корупцијата е присутна во речиси секој сегмент од општеството, потврдуваат и случајно анкетираните граѓани. Велат дека во денешно време не можеш да завршиш работа во суд или во здравство, ако не понудиш мито или некаква соодветна противуслуга.

„Корумпираност има многу, таква е воопшто ситуацијата во Македонија.“

„Има, има, сега е сè со пари, ако сакаш нешто да завршиш, треба да му дадеш па да биде работата успешна, инаку не.“

„Ќе те погледнат по облеката, ако им одговараш, ќе те погледнат, ако не им одговараш, нема да те погледнат,“ велат анкетираните граѓани.

До вакви слични одговори дошле и при последните истражувања на јавното мислење во рамките на твининг проектот Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата кој го реализира Државната комисија за спречување на корупцијата и германската сојузна служба за администрација. Мирјана Димовска од Комисијата за спречување на корупцијата вели дека истражувањата покажале дека, иако знаат дека корупцијата е штетна и криминална појава, една третина од граѓаните тоа свесно би го направиле, а една третина, пак, се изјасниле дека воопшто не го разбираат овој проблем. На прашањето која е најпрепознатливата форма на корупција, најголем процент од испитаниците одговориле дека тоа е митото, а по него следуваат и противуслугата, како и подароците и наградите. Според Димовска, загрижува процентот на млади луѓе кои противуслугата ја сметаат за нормална појава, па оттука ја сугерира потребата од едукативни содржини од оваа област во образовниот процес.

Истото истражување покажало дека дури 60 проценти од испитаниците сметаат дека корупцијата е многу распространета во македонското општество, а како најкорумпирани сектори и понатаму ги посочуваат здравството и судството, по што следуваат образование, полиција и администрација. На прашањето кои се причините за постоење на корупцијата, повеќето одговориле дека тоа се ниските плати, даноците и другите давачки, неефикасноста на институциите и непрецизноста на законите. Дури 41 процент од испитаниците одговориле дека институциите кои треба да се справата со овој проблем се неефикасни, а исто толкав процент сметаат дека се делумно ефикасни. Димовска посочува дека корупцијата добива сè пософистицирани форми на постоење, а додава и дека е загрижувачки фактот што само 12 проценти од испитаниците одговориле дека би пријавиле корупција.

„Ако е директен случај, само 12 отсто пријавиле, друго си одмолчале, е тие што одмолчеле се подготвени и натаму да го негуваат проблемот, зошто да не заклучиме и така“, прашува Димовска.

Повикувајќи се на едно истражување за проценка на корупцијата, а во соработка со МЦМС, Јаневска-Делева укажува на тоа дека граѓаните ја рангираат корупцијата како проблем дури на петтото место. Тоа вели таа покажува дека за граѓаните ова зло е многу помало од проблемите од егзистенцијална природа.

„Од тоа можеме да заклучиме дека навистина владее едно мислење меѓу граѓаните дека – да постои корупција, меѓутоа имаат поголеми егзистенцијални проблеми, да корупцијата ја ставаат на подолно место, на 5-то место“, вели таа.

Ако ние имаме појава во која постои корупција на високото ниво на власта и ако сето тоа се протега надолу низ институциите, тогаш луѓето самите стануваат соучесници во коруптивниот синџир, предупредува Тасева.

„Очигледно дека ако прават нешто за тие над нив, тие ќе направат и нешто за себе, дополнително тука придонесува и политизацијата на институциите каде што не се оди на професионализација и да се инсистира на професионален интегритет, туку се оди на послушност и политизација и тогаш обичниот граѓанин, оној што не е ниту во институциите, тој е изложен на состојбата дека мора да се приклони на таквото однесување, тој нема избор“, вели Тасева.

Професор Кадриу, пак, вели дека граѓаните се свесни дека оваа појава не е нормална, туку дека се збунети поради тоа што не реагираат повиканите институции.

„Не дека тие ја прифаќаат оваа појава како нормална, апсолутно не, меѓутоа гледаат дека исто треба да реагираат, да преземат соодветни мерки, а не реагираат и сега на граѓаните останува само да ги користат оние формите на протести, на манифестации, демонстрации, да укажуваат и да бараат одговорност од органите за прогон, зошто не преземаат вакви мерки“, вели Кадриу.

Борбата против корупцијата почнува во моментот кога ќе се признае дека ја има во нашата земја, заклучуваат нашите соговорници. Оценувајќи дека секогаш е можно да се направи повеќе и да се очекува поголеми резултати во оваа област, тие посочуваат дека е потребен системски пристап односно вклучување на сите општествени чинители, но и поголема политичка заложба од политичките субјекти.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 11 април годинава.