Достапни линкови

За донирана опрема нема трансфери на пари


Едно е купување опрема плус одредена провизија, друго е донација, објаснуваат антикорупционерите. Но настрана од тоа институциите, по вчерашната „бомба“, не ја негираа автентичноста на разговорите.

Брзите реакции на ВМРО-ДПМНЕ, на Министерството за внатрешни работи и на директорот на УБК Сашо Мијалков по вчерашната бомба на опозицијата за прв пат покажаа дека фокусот на писмените соопштенија е на содржината на разговорите кои вчера беа презентирани.

Самото коментирање од нивна страна, значи признавање дека се дел од тие прислушувани разговори. Факт е дека нема бегање од тоа, содржината на тие материјали сепак ќе биде еден аргумент плус за кој тие ќе мора да одговараат.
Исмет Рамадани, политички аналитичар.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека тоа што во соопштенијата се наведува дека во презентираниот материјал не станувало збор за корупција или поткуп, туку за донација за која биле испочитувани сите законски процедури, би можело и да се сфати како признавање на автентичноста на разговорите.

„Самото коментирање од нивна страна, значи признавање дека се дел од тие прислушувани разговори. Факт е дека нема бегање од тоа, содржината на тие материјали сепак ќе биде еден аргумент плус за кој тие ќе мора да одговараат“, вели Рамадани.

Според Рамадани правдањето на страните кои беа споменати во прислушуваните разговори само покажува дека тие се заплеткани во една мрежа од која ќе биде тешко да се извлечат. Ако се уверени дека со сценариото Заев му нанесува директна штета на безбедносниот систем на државата, зошто тогаш не превземат соодветни мерки кон него, прашува Рамадани.

Парични донации не се даваат, тоа се грантови. Ако некоја институција или држава реши да даде грант, одредена сума на пари да се користат за нешто, но во случајот кога станува збор за донации тогаш донациите се во опрема.
Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси интернешнал и поранешна прва антикорупционеркс.

„Тие се свесни дека како што се одвива ситуацијата не оди во нивен прилог, на крајот на краиштата имаме две ситуации кои добиваат меѓународна ситуација.“

Претседателката на Транспаренси интернешнал и поранешна прва антикорупционерка Слаѓана Тасева објаснува дека ако станува збор за донирана опрема како што тврди министерството, тогаш воопшто нема никакви трансфери на пари.

„Парични донации не се даваат, тоа се грантови. Ако некоја институција или држава реши да даде грант, одредена сума на пари да се користат за нешто, но во случајот кога станува збор за донации тогаш донациите се во опрема“, вели Тасева.

Таа вели дека од она што го слушаме во разговорите јасно е дека станува збор за провизија која треба да легне на сметки кои не се на Министерството за внатрешни работи, туку слушаме комуникација со други физички и правни лица на чиишто сметки треба да легнат одредени средства.

„Според она што беше презентирано во тие снимки, станува збор за набавка на опрема, а не за донација којашто навистина е многу скапа и којашто за да се набави од одреден производител или трговец, најчесто тие преговараат со нудење провизија“, вели Тасева.

Според упатените има случаи кога спецификите на донацијата може да се чуваат и како државна тајна, доколку на пример се работи за некаков заштитетен производ, но начелно треба да биде јавно достапна информацијата за тоа каков тип на опрема е набавувана, односно донирана и во колкави суми.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG