Програма на годинашното второ издание на манифестацијата „Заробувачи на смртта“ ќе ја започне Јетмир Мехмеди, кој во рамките на својот музички перформанс ќе изведе неколку класични дела за акустична гитара. По него следува проекцијата на краткометражниот филм „Мемоари“, кој всушност претставува адаптација на истоимениот краток расказ од збирката раскази „Морбидизам“ на Златко Ѓелески, екранизиран од страна на членовите на здружението кои по проекцијата на филмот ќе го елаборираат процесот на преведување на пишаниот збор во филмски јазик.
Поентата е да се употреби јазикот на овие медиуми за да ја искажеме нашата експресија и релациите коишто го имаме, пред сè кон и со самото општество во коешто живееме и кон сето она што е оставено зад нас како културна матрица низ која што ние сакаме да делуваме.Златко Ѓелески, писател.
Следува изложбата на фотографии насловена „ПостМодернистички стрес“ на Ана Аврамоска. Уметницата на оваа постановка нуди 20 фотографии кои отвораат прашања за потрагата по идентитет на обезличениот модерен човек во безмилосниот свет, со помош на севкупната палета на емоции.
Конечно настанот ќе биде комплетиран со промоцијата на новата книга на Златко Ѓелески – „Колекционерот на страв“, составена од две целини: „Некрово“ – новела за тајните на еден мал проколнат град и „Гробницата на живите мртовци“ – збирка на раскази за ликови со испреплетени судбини лоцирани во една загадочна зграда.
Колекционерот на страв“ е сосема поразличен хибрид кој се конкретизира за локациите каде што се чинодејствувањата во самата книга. Односно, таа книга е токму докажување во пракса на сета таа теорија која што ја заговараше „Морбидизам“.Златко Ѓелески, писател.
Писателот Златко Ѓелески, во пресрет на случувањето, вели дека неговата суштина се состои во обидот да го прикажат делувањето на друштвото на уметници насловено како „Заробувачи на смртта“ во контекст на тоа дека се опфатени сите аспекти на уметностите во кои тие делуваат.
„Поентата е да се употреби јазикот на овие медиуми за да ја искажеме нашата експресија и релациите коишто го имаме, пред сè кон и со самото општество во коешто живееме и кон сето она што е оставено зад нас како културна матрица низ која што ние сакаме да делуваме“, вели Ѓелески.
Инаку, „Колекционерот на страв“ е негова втора книга која доаѓа за релативно кратко време по обелоденувањето на деби изданието „Морбидизам“. Говорејќи за делата, авторот вели дека „Морбидизам“ е збирка фокусирана на дисперзирањето на мрежата којашто ја доловува самата жанровска литература и пред сè фантастичниот расказ, притоа експериментирајќи во сите домени во 50-те стории претставени во книгата.
„Колекционерот на страв“ е сосема поразличен хибрид кој се конкретизира за локациите каде што се чинодејствувањата во самата книга. Односно, таа книга е токму докажување во пракса на сета таа теорија која што ја заговараше „Морбидизам“. Делото е поделено во две целини. Првата е лоцирана во едно проколнато мало гратче каде што сè уште виреат преданијата и суеверието пред сè кое е наталожено во пластовите од минатото на самото место и имаме еден лик кој што треба да помине низ сите тие спреги за да се открие себе си навраќајќи се кон сопственото минато и кон минатото на својот град. Значи дејствието е конкретизирано во една локација која што повеќе е негово заробеништво отколку што било. Вториот дел, односно „Гробницата на живите мртовци“, се фокусира на една зграда каде што во секој стан имаме по една приказна за сите тие чудни настани кои што се врзуваат со ликовите кои што живеат во неа“, вели Ѓелески.
Инаку, Златко Ѓелески е роден на 9 февруари 1986 година во Битола. Основно и средно образование завршил во Кичево, а дипломирал на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Во изминативе години тој се јавува како автор и издавач на хорор списанието „Кошмар“ и водител на радиоемисија „Danse Macabre“ која се емитува на Канал 103. Наедно уредник е на веб страната „филмови.мк“ и потписник на голем број филмски и музички рецензии и еден од организаторите на ревијата филмови „Мрак фест“.