Кучињата скитници и гробиштата стасаа на дневен ред во битолскиот општински Совет. За нив дискутираа советниците разгледувајќи ја работата на јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола. Опозицијата обвини дека шинтерската служба нема кадар и доволен број на кафези и запраша дали мртвите кучиња завршуваат како храна на ѕверовите во зоолошката градина.
Имате наведено дека имате на располагање десет боксови, а наведувате дека ќе уловите 300 кучиња.Благојче Котевски, советник.
„Немате интервенирано воопшто во подобрување на условите во работата на шинтерската служба. Немате персонал кој ќе се грижи во таа служба, немате ветеринар. Имате наведено дека имате на располагање десет боксови, а наведувате дека ќе уловите 300 кучиња. Откако кучето ќе биде фатено тоа треба да биде третирано со вакцина за беснило, петовалентна вакција, прочистување од паразити, кастрација. Вакви трошоци во вашата програма нема“, рече Благојче Котевски, советник од опозицијата.
Директорот на „Комуналец“, Зоран Соклевски одговори дека во тек е процедура за обезбедување на ветеринарен лекар, а со кучињата рече дека се однесуваат етички.
„Од пред една недела склучен е договор согласно тендерска постапка со ветеринарна амбуланта. И понатаму таа процедура околу давање на шинтерски услуги, ќе гледаме да се запази законитоста и етичките моменти“, рече Соклевски.
Опозицијата прикажа и фотографии од пониските делови на Светонеделските гробишта во Битола како пливаат во вода кога времето е врнежливо.
„Луѓето кои ги обавуваат обврските како и сите други за плаќање на гробните места, не можат да дојдат до почивалиштето на своите најблиски. Има делови каде што буквално има водени површини меѓу гробовите. Онаму каде што нема вода има кал и ако згазнете ќе заглавите“,рече Наташа Петровска од СДСМ.
Директорот Соклевски одговори дека проблемот ќе го решаваат со артерски бунари.
„Таа локација е проблематична уште при самото проектирање на локацијата пред 60 години. Точно е дека во долниот дел има подземни води кои навистина непријатно изгледаат кога треба да се обавува чин на погребување на покојник. Ако го поплочиме тој дел, водата повторно ќе излезе над плочникот. Размилуваме на неколку места да избушиме артерски бунари како би ја влечеле таа вода“, рече Соклевски.
Инаку ова претпријатие е задолжено и за одржување на комуналната хигиена и градското зеленило во Битола.