Европратениците го заменија претседателот Иванов

Архивска фотографија.

Претседателот требаше да ја има улогата на медијатор во кризата меѓу опозицијата и власта, но таа улога ја презеде меѓународната заедница.

Она што треба да биде улога на претседателот Ѓорге Иванов, сега е во рацете на известувачот за Македонија Иво Вајгл и на меѓународната заедница, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи отворајќи ја дилемата зошто на нашите политички првенци од власта и опозицијата им е полесно да седнат во Брисел по понуда на странски дипломат, отколку тоа да биде направено од шефот на државата Иванов? Симболично, Зеколи вели дека претседателот е дел од „светата тројка“ која треба да управува со државата и да се справува со тековните проблеми.

Има простор за претседателот Иванов да преземен некои чекори, цела една лепеза на чекори и тогаш може да се даде надеж дека нема да има потреба за обичен дијалог меѓу власта и опозицијата да патуваме 1.500 килиметри надвор од земјата.
Арсим Зеколи, политички аналитичар.

„Има простор за претседателот Иванов да преземен некои чекори, да свика седница на националниот совет за безбедност, да ги повика водечките личности на најголемите политички партии, но и да стапи во контакт со општествените инструменти, невладините организации, медиумите, со интелектуалците, цела една лепеза на чекори и тогаш може да се даде надеж дека нема да има потреба за обичен дијалог меѓу власта и опозицијата да патуваме 1.500 килиметри надвор од земјата“, вели Зеколи.

Претседателот Иванов на состанок со членовите на комисијата за 24 декември.

Професор Нано Ружин вели дека не може да се очекува поголема ангажираност на претседателот во конкретната политичка криза пред се поради како што вели неговото конформистичко однесување кон состојбите дома.

Тој е незаобиколен фактор во таков вид на криза и Меѓународната заедница практично мисли дека му врши еден вид притисок за да тој каже и направи нешто.
Нано Ружин, универзитетски професор.

„Тој е незаобиколен фактор во таков вид на криза и Меѓународната заедница практично мисли дека му врши еден вид притисок за да тој каже и направи нешто. Но и во неговото последно интервју на една од владините телевизии не отиде повеќе од тоа што ние вообичаено го знаеме, така што тој останува неупотреблив во подобрување на дијалогот меѓу политичките партии“, вели Ружин.

Во интервју за телевизија Сител претседателот Иванов изрази подготвеност да помогне за надминување на актуелната состојба, но сепак истакна дека партиите се тие кои треба да се соочат со реалноста и дека станува збор за капацитетот на политичките партии и на лидерите да покажат колку умеат да се справуваат со ваквите состојби во интерес на државата и на граѓаните.

„Ова не е момент за релативизирање на одговорноста и мислам дека како шеф на државата ќе мора да преземе некои поконкретни чекори за да влее иста мерка на доверба кај двете страни. Претседателот Иванов сепак треба да покаже почит кон оние кои му аплаудираат и кои му се поклонуваат, но како претседател тој треба да покаже малку повеќе ангажман за да обезбеди таква доверба и од другата страна“, вели Зеколи.

Професор Ружин вели дека бриселската средба е почеток на еден долгорочен процес кој ќе според неговите проценки ќе трае до летото. Тој е убеден дека двете спротиставени страни не се во состојба да дојдат до заедничко прифатливо решение и дека токму затоа неопходна е улогата на европските дипломати.

„Мислам дека страните не се во состојба да изнајдат заедничко решение не само без Европската Унија, туку сметам дека со оглед на традицијата и авторитетот, како што впрочем бива и во балканските работи, веројатно ќе дојде до вклучување на Соединетите Држави, но исто така и самиот дијалог и самата слика не може да се ефектира без присуството и на најголемата албанска политичка партија, бидејќи таа е учесник во Владата. Значи, прво постои расположение од ЕУ да се реши кризата, второ страните кои настапија со своите позиции не се во состојба самите да го надминат проблемот, трето претседателот на државата со својата политика самиот е доведен до ситуација да го губи авторитетот и да биде неупотреблив освен за некоја проформа потпис“, изјави Ружин.

И претседателот Иванов го поздравува почетокот на бриселскиот дијалог, затоа што на тој начин како што вели отпочнува процесот кој треба да дојде до некаква завршница. Тој уверува дека до решение се доаѓа единствено преку дијалог и дека доколку има желба, тој е и бил секогаш тука за да излезе во пресрет и да помогне.