Достапни линкови

Столтенберг: НАТО и ЕУ заедно на Балканот


Столтенберг: НАТО и ЕУ заедно во Западен Балкан
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Столтенберг: НАТО и ЕУ заедно во Западен Балкан

Во Западен Балкан има земји со многу предизвици. НАТО и Европската унија ќе продолжат да работат заедно за да им помогнат. Ова го изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во расправата во Европскиот парламент за безбедносните предизвици во Европа.

Спорот со Грција околу името што и отежнува на Македонија да тргне кон членство во НАТО и слабата способност на Босна и Херцеговина за да ги спроведе неопходните реформи, беа само дел од предизвиците на Балканот што шефот на НАТО Столтенберг ги посочи во расправата во Одборот за надворешна политика на европарламентот. Сепак, како што рече, Западен Балкан е зона во која Европската унија и НАТО одлично дејствуваат заедно.

„На Косово има НАТО сили кои се битни за мирот и безбедноста, како и мисија на Европската унија Еулекс која се занимава со редот и законите“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека западнобалканските земји се пример како Европската унија и НАТО ја преземаат одговорноста за стабилизирање на своето соседство, бидејќи имаат морална обврска да дејствуваат но и затоа што со стабилизирање на Балканот ја јакнат сопствената безбедност.

Ние ќе продолжиме заедно да работиме во Западен Балкан, бидејќи тамошните земји се на патот на трансатлантската соработка и треба да им се помогне.
генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

„Ние ќе продолжиме заедно да работиме во Западен Балкан, бидејќи тамошните земји се на патот на трансатлантската соработка и треба да им се помогне“, изјави тој, додавајќи дека НАТО и вети на Црна Гора оти до крајот на годинава ќе даде оценка за поканата за членство и тоа ќе го стори.

Запрашан за воените маневри меѓу Русија и Србија, Столтенберг изјави дека Србија е суверена земја која носи сопствени одлуки и оти таа имала многу маневри и со НАТО.

„Русија спроведува пропагандна кампања и шири многу информации кои даваат целосно погрешна слика на она што се случува. Но, силно верувам дека не би требало на таа пропаганда да одговориме со пропаганда. Треба да ја кажуваме вистината и на долг рок вистината ќе надвладее над пропагандата, изјави Столтенберг.

Според него, НАТО и Европската унија би требало да ги комбинираат напорите со цел земјите членки да станат поотпорни на таканаречената хибридна војна што, според Западот, Русија ја води во Украина. Тука, покрај воена сила се вклучени и сајбер напади, користење на социјалните мрежи и дезинформирање.

Тој повтори дека не гледа оти од Русија доаѓа некаква непосредна закана за некоја членка на НАТО кој ги јакне своите сили за одвраќање.

Сепак, како што рече, Москва со воените потези на истокот на Европа ги загрозува тамошните земји, а како голема опасност за европската безбедност го означи дејствувањето на исламските терористи на Блискиот Исток и јужниот брег на Медитеранот.

Столтенберг оцени дека Европската унија треба да им помогне на пријателските земји како на Јордан во борбата против ширењето на исламскиот екстремизам.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG