Достапни линкови

Дијалогот во Брисел е само надеж за сериозни преговори


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

ВО Брисел заврши официјалниот прв дијалог меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со посредство на европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит. Договорена е нова средба.

Во Европскиот парламент, попладнево заврши официјалниот прв дијалог меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со посредство на европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит, кој е набљудуван од Дејвид Кулен и Кристина Грау од Европската комисија, а со цел ставање крај на политичката криза во Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Добро е што почнуваат вака на пониско ново, бидејќи техничките работи треба да се договорат на пониско ниво. Потоа во некоја подоцнежна фаза на овој процес сигурно ќе треба приклучување и на повеќе органи, на повисоки тела во партиите, сега за сега мислам дека и нивото и претставеноста е сосема соодветна.
Никола Дујовски, универзитетски професор.

Тројцата претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски и претставниците на СДСМ, Радмила Шеќеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер, имаа кус заеднички состанок посредуван од европратениците.

Претставниците на двете македонски партии не дадоа изјави за медиумите.

Едуард Кукан.
Едуард Кукан.

Во соопштението испратено од канцелариите на Вајгл, Кукан и Ховит се наведува дека е договорено истите соговорници повторно да се сретнат.

Денешниот прв дијалог започна со издвоени средби на македонските претставници со европратениците и претставниците на Еврокомисијата. Потоа се одржа работен ручек на Кукан, Вајгл и Ховит со Радмила Шеќеринска и Никола Попоски, а на крајот и заедничка средба на сите „тројки”.

Домашните аналитичари оценуваат дека средбите меѓу власта и опозицијата во Брисел се позитивен чекор кон создавање предуслови за вистински дијалог, но без големи очекувања од некакво решение и евентуален договор меѓу двете страни.

Мислам дека вистинскиот дијалог ќе биде на едно повисоко ниво. Неминовно ќе биде седнување на маса на Заев и на Груевски, можеби и Ахмети или некој трет формат.
Насер Зибери, политички аналитичар.

Иако поради недостаток на политичка култура наместо ваквата комуникација да се одвива на домашен терен, тоа се прави во Брисел, професор Никола Дујовски, сепак го поздравува почетокот на дијалогот.

„Добро е што почнуваат вака на пониско ново, бидејќи техничките работи треба да се договорат на пониско ниво. Потоа во некоја подоцнежна фаза на овој процес сигурно ќе треба приклучување и на повеќе органи, на повисоки тела во партиите, сега за сега мислам дека и нивото и претставеноста е сосема соодветна.“

Иво Вајгл, Аиво Орав и Ричард Ховит.
Иво Вајгл, Аиво Орав и Ричард Ховит.

И политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека средбата е чекор напред за разрешување на кризата, со оглед на фактот што се досега премиерот Груевски одбиваше да признае дека земјата се наоѓа во политичка криза и тврди дека институциите се стабилни и функционални.

„Не може да се очекува некој резултат во смисла на окончувања на кризата, бидејќи ниту форматот на учесниците, па ни платформата не ја знаеме за што се преговара, но ова е еден почеток на влегување во едни вистински преговори кои мислам дека ќе следат во иднина“, вели Зибери

Процесот ќе биде долг, согласен е и професорот Дујовски. Имајќи ги предвид појдовните позиции на двете страни, односно фактот што СДСМ инсистира на преодна влада и политичка разврска на кризата, а ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со тоа и бара правна завршница, Дујовски очекува тешки и напорни преговори.

„Во овој момент ставовите и на двете партии се исклучително далеку, но смислата на овие разговори го гледам токму во тоа, никој да не биде победник, но и да нема губитници на крајот, вистината е секогаш на половина пат, веројатно и едните и другите би можеле да се обидат да ги приближат ставовите. Од денешен аспект тоа мене ми изгледа многу нереално“, вели Дујовски.

Според Зибери пак, вистинскиот дијалог преку кој може да се постигне подобри резултати треба да се води на повисоко ниво, односно кога на преговарачката маса ќе седнат лидерите на двете партии.

„Мислам дека вистинскиот дијалог ќе биде на едно повисоко ниво. Неминовно ќе биде седнување на маса на Заев и на Груевски, можеби и Ахмети или некој трет формат.“

Инаку владејачката партија во Брисел ја предводи министерот за надворешни работи Никола Попоски заедно со Никола Тодоров и Илија Димовски, а опозицијата ја претставуваат Радмила Шеќеринска, Рената Десковска и Виктор Габер. Tројката европратеници ја сочинуваат Иво Вајгл, кој е и известувач за Македонија во Европарламентот, Едвард Кукан од Европската народна партија и Ричард Ховит од Европските социјалисти и демократи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG