Општина Битола ќе се задолжи со два и пол милиони евра кај Светска банка со цел инфраструктурно уредување на некогашната касарна која денес се пренаменува во модерна градска населба. Заемот има грејс период од три години, а граѓаните ќе го исплаќаат до 13 години, заклучно до 2030-та. Ваквата финансиска политика на локалната власт предизвика реакции кај опозицијата, која смета дека општинскиот буџет е доволно голем за да се обезбеди средства за улици во касарната, која е еден од изборните проекти на ВМРО-ДПМНЕ.
Досега оваа власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Талески потроши над 200 милиони евра буџетски пари на граѓаните на Општина Битола. Буџетот за 2015 година е досега најобемниот во историјата на Битола. За оваа година се предвидени 25 милиони евра. Но, овие пари за власта не се доволни.Благојче Котевски, НСДП.
„Досега оваа власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Талески потроши над 200 милиони евра буџетски пари на граѓаните на Општина Битола. Буџетот за 2015 година е досега најобемниот во историјата на Битола. За оваа година се предвидени 25 милиони евра. Но, овие пари за власта не се доволни. Советот ќе донесе одлука за задолжување на општината за нови два и пол милиони евра. Граѓаните на општината заслужуваат да ги добијат одговорите од луѓето што ќе ги задолжат за нови два и пол милиони евра“, изјави Благојче Котевски од НСДП.
Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека кредитот е неопходен, а опозицијата непотребно крева фама.
Повторно прават фама, а се работи за прашање за кое дебатиравме и одлуката ја донесовме лани.Благој Шаклевски, ВМРО-ДПМНЕ.
„Повторно прават фама, а се работи за прашање за кое дебатиравме и одлуката ја донесовме лани. До толку да се немало друга идеја, а од друга страна и потребата за истакнување во јавноста им е голема. При донесувањето на буџетот дискутиравме и за поволниот кредит од Светска банка, а советниците од опозицијата беа анкетирани и од консултанти кои ја изработуваа огромната физибилити студија за потребата од кредитот. Анкетата беше анонимна, но претпоставуваме дека и тие се согласиле дека наменскиот кредит за инфраструктурно уредување на касарната е неопходен“, изјави Благој Шаклевски од ВМРО-ДПМНЕ.
За ваквото долгорочно задолжување, Општина Битола ќе потпише договор за заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансирани со кредит од Светска банка. Парите ќе бидат искористени за изградба на улици во касарната именувани како „Григор Прличев“, „Тодор Скаловски“, „Баница“, „Рокдаил“, „Дедо Иљо Малешевски“ и „Св. Јован Кукузел“. Во моментот во касарната предничи изградбата на станбени згради од страна на градежни претпријатија.