Момчило Аврамовски и припаѓа на постарата генерација на македонските академски уметници, коишто сé уште се активни, со потврден творечки континуитет. Роден 1935 година во Куманово, тој првите сознанија за ликовната уметност ги добива од академскиот сликар Кирил Караџа кој со својата педагошка дејност позитивно влијае на многу негови ученици, а кои подоцна станаа значајни имиња во македонската современа уметност. Во непосредното опкружување, во времето на формирање на авторскиот идентитет на Аврамовски, се наоѓаат и неговиот брат Драгутин Аврамовски Гуте, втемелувач на современата македонска графичка уметност, сега светски познатиот сликар Трајче Јанчевски и други.
Оваа серија што ја работев е од оние слики што претходно ги направив со боја. Истите мотиви сега ги направив со графика и тоа линорез. Линорезот е посебна техника што секогаш сум сакал да ја практикувам затоа што тука треба и прецизност и да се одбере содржината да биде за таа намена, за таква графика.Момчило Аврамовски, сликар..
Основите на ликовното образование ги стекнува преку завршување на Училиштето за применета уметност во Скопје, Вишата педагошка школа и Факултетот за ликовна уметност, а едукацијата ја продолжува и со неколку студиски престои во Дизелдорф-Германија, Ротердам-Холандија, како и учества на конгресите за ликовна култура во Париз (ИНСЕА), Будимпешта, Загреб...
Својата прва самостојна изложба ја реализирал во далечната 1962 година за да потем ја продолжи практиката на самостојно претставување на секои две до три години. Солидната ликовна едукација и огромното искуство, познавањето на сликарските технологии како и хетерогениот интерес за сите гранки на ликовното делување Момчило Аврамовски го промовирале во автор со дела работени во повеќе медиуми: слики, цртежи, скулптури и графики. Со триесеттина самостојни постановки и учества на преку сто групни изложби, проекти и колонии, Аврамовски е еден од ретките македонски творци кои и покрај бремето на годините и натаму своето мајсторство нештедливо го споделуваат со ликовната публика.
Оваа изложба посебно ја правам за да може да се види дека и оние кои не сме графичари, работиме графика. Уметникот треба да ги применува сите техники и средства во сето она што може да биде содржина како слика, графика, вајарско дело и т.н.
Од таму нималку не чуди што тој, по Изложбата на минијатури од 2012 година која што беше промовирана во неколку поголеми градови во земјата, неколкуте групни постановки и добиената Ноемвриска награда на Град Куманово за животно дело од областа на уметноста како една од многуте во неговиот плоден творечки живот, се реши својата актуелна преокупација насловена „Чудесен свет“ да и ја понуди на јавноста.
Станува збор за триесеттина графики работени во линорез и комбинирана техника. Притоа кураторот, историчарот на уметност Роберт Цветковски ќе забележи дека концептот којшто го преферира Аврамовски во создавањето на графичките листови е всушност комплексна визуелна цртачка филозофија градена на искуство и емпирија како и на желбата да се открие нешто ново во техничка смисла, да се направи фузија меѓу цртежот и графиката.
„Оваа серија што ја работев е од оние слики што претходно ги направив со боја. Истите мотиви сега ги направив со графика и тоа линорез. Линорезот е посебна техника што секогаш сум сакал да ја практикувам затоа што тука треба и прецизност и да се одбере содржината да биде за таа намена, за таква графика“, знае да каже виталниот Момчило Аврамовски.
Тој дополнува дека кога ги одбрал мотивите не бил сигурен што ќе добие, па затоа пријатно се изненадил од конечниот резултат. Вели дека на целата оваа идеја по малку му кумувал и инаетот предизвикан од некои од неговите колеги, дури и некогашни ученици, кои свесно го „заборавале“ при графичките изложби со образложение „дека сликарите не смеат и неможат да бидат графичари“.
„Оваа изложба посебно ја правам за да може да се види дека и оние кои не сме графичари, работиме графика. Уметникот треба да ги применува сите техники и средства во сето она што може да биде содржина како слика, графика, вајарско дело и т.н.“
Конечно, генералната порака, како што пишува Цветковски, е „интуитивно да разбереме дека Аврамовски светот го толкува како квантно енергетско поле во коешто движењето и промената се вечни како и трансформацијата на материјата во енергијата и обратно. Она што се случува помеѓу овие процеси се нашите животи а уметниците имаат привилегија своите животи да ги раскажат на еден специфичен начин којшто останува и после нивното егзистирање.“