Одвојување на партијата од државата заради промени

Архивска фотографија.

На земјата ѝ се потреби суштински системски промени, а не само промена на власта. Политичките елити треба да сфатат дека не треба да контролираат сè во општеството и дека треба да бидат и одговорни.

Половина тон експлозив поставила мафијата на автопат пред 23 години во италијанскиот град Палермо заради атентат на тогаш најпознатиот истражен судија и борец против мафијата Џовани Фалконе. Два месеци по убиството на Фалконе, мафијата го уби и неговиот соработник, судијата Паоло Борселино. Двата атентати во деведесеттите ја потресоа Италија и ја извлекоа од рамнодушноста. Коза Ностра стана национален проблем. Сестрата на Џовани Фалконе, Марија, во еден од документарците посветени на работата на нејзиниот брат вели дека - атентатите имаа ефект:

Потоа од првиот, до последниот доказ и аргумент ќе бидат предадени на новиот јавен обвинител, македонскиот Алберто Нисман и на новите судии, македонските Фалконе и Борселино, знаете, оние кои расчистија со криминалите во Италија. Бидејќи овие документи и докази што ѝ ги презентираме на јавноста, се сопственост на Република Македонија и на нејзините граѓани. Е тогаш, Бујрум – институциите на системот нека одговорат на прашањата за правната разрешница на целиот овој случај и процес.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Тоа беше како бумеранг за мафијата, тој терористички чин ги натера луѓето да речат - доста е! Под постојаниот притисок на сè поогорчените граѓани државата конечно мораше да реагира“, рече таа.

Се поставува прашање кои би биле нивните македонски пандани откако лидерот на опозицијата Зоран Заев во средата рече дека на Македонија ѝ се потребни наши Фалконе и Борселино за излез од состојбата во која се наоѓа земјата.

„Потоа од првиот, до последниот доказ и аргумент ќе бидат предадени на новиот јавен обвинител, македонскиот Алберто Нисман и на новите судии, македонските Фалконе и Борселино, знаете, оние кои расчистија со криминалите во Италија. Бидејќи овие документи и докази што ѝ ги презентираме на јавноста, се сопственост на Република Македонија и на нејзините граѓани. Е тогаш, Бујрум – институциите на системот нека одговорат на прашањата за правната разрешница на целиот овој случај и процес“, рече Заев на неодамнешната трибина во Универзалната сала во Скопје.

Самото спомнување поименично на лица, спомнување на нивните семејства на митинг на неговата партија не би можело да се протолкува никако поинаку освен како директна закана кон лицата кои беа поименично споменати.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

Фалконе со својот тим во декември 1987 година смести во затвор 475 италијански мафијаши. Борбата против мафијата за Марија Фалконе стана животна цел па основа фондација која ширум земјата организира предавања за примена на новите методи за борба против мафијата, разработени од фондацијата. Целта е да се пренесат искуството и практиката на Италија во борбата против организираниот криминал на еден од најуспешните борци против криминалните синдикати. Минатата година Министерството за внатрешни работи потпиша меморандум за соработка со фондацијата. МВР и фондацијата „Фалконе“ тогаш се договорија дека ќе соработуваат во областа на научното истражување и обука на стручниот кадар, но и ќе разменуваат искуства и практики.

Од Заев па натака, сè тоа треба да се собере и да се стрпа. Нека ме пуштат да бидам 24 часа министер за внатрешни работи или Јавен обвинител ќе видат како јас ќе ги средам.
Амди Бајрам, пратеник.

По објавената таканаречена осма бомба, како и обвинувањата на Заев дека МВР се обидува да му „намести кривично дело – мито“, Јанкулоска изјави дека неговите тврдења се само обид за заплашување на лицето кое се осмелило да ја пријави корупцијата.

„Самото спомнување поименично на лица, спомнување на нивните семејства на митинг на неговата партија не би можело да се протолкува никако поинаку освен како директна закана кон лицата кои беа поименично споменати“, рече Јанкулоска.

Со други зборови некако како да нè тера сите нас како да сме во пустина, а тој нè тера да замислиме дека пред нас има планина, а никој од нас таа планина не ја гледа.
Никола Груевски, премиер.

Во меѓувреме, пратеникот и дел од владејачкото мнозинство Амди Бајрам се понуди да помогне на свој начин.

„Од Заев па натака, сè тоа треба да се собере и да се стрпа. Нека ме пуштат да бидам 24 часа министер за внатрешни работи или Јавен обвинител ќе видат како јас ќе ги средам“, изјави Амди Бајрам.

До кој степен оди нивниот безобразлук во негирање на снимки кои по нивниот квалитет и по разговорот не можат да бидат ниту фингирани, ниту наместени.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

Криминал, изборен фалсификат, затварање на буџетски дупки, мито и корупција, партиски вработувања и притисоци. Ова се само дел од темите во објавените телефонски разговори за кои опозицијата тврди дека се прислушувани разговори на високи функционери од страна на македонските тајни служби. Заев побара од владините функционери да си поднесат оставка.

„Владата на Никола Груевски веднаш да поднесе оставка! Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, веднаш да поднесе оставка! Раководниот тим на Македонската радио-телевизија веднаш да си поднесе оставка! Бараме, да се формира формат на преодна Влада, којашто ќе има мандат да ги обезбеди неопходните услови за спроведување слободни, фер и демократски избори“, рече Заев.

не е доволна само промена на власта или такви промени кои би биле само шминка, а не суштинска промена, ние треба да имаме промена во свеста на политичките елити, што се обезбедува најдобро преку институционални механизми.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Функционерите, и по еден месец откако почна објавувањето, молчат за содржината на снимките и не планираат да го прифатат барањето на опозицијата.

За обвинувањата на Заев околу изборниот фалсификат, премиерот Никола Груевски ги негира тврдејќи дека станува збор за како што вели некакови креирани материјали.

Мислам дека после ова на граѓаните ќе им биде многу појасно дека мора власта да биде транспарентна, мора да има институции и тела кои ќе ја следат работата на тие што ги бираме, односно функционерите и владата и со тоа во исто време неколкупати ќе расте одговорноста на тие што ќе бидат носители на јавни функции.
Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантски совет на Македонија.

„Со други зборови некако како да нè тера сите нас како да сме во пустина, а тој нè тера да замислиме дека пред нас има планина, а никој од нас таа планина не ја гледа. Преведено со други зборови, сите ние учествувавме на изборите, граѓаните учествуваа на изборите и добро знаат дали имаше или немаше притисоци и закани или што било друго. Одеднаш се појавува Заев со разни креирани материјали со коишто сите граѓани, не само нас, сака да ги убеди дека тие не гласале по сопствена волја, не гласале на начин како што гласале без какви било притисоци, закани или нешто слично што е незаконски, туку дека гласале со притисоци и закани“, изјави Груевски.

Партиите на Албанците во јавноста се трудат да прикажат дека не се инволвирани во аферата. ДУИ не сака да ја коментира содржината на разговорите, од нивната партија постојано се укажува на потребата за странски фактор кој ќе влијае врз разрешување на политичката криза.

Деконтролирање на сè и фокусирање на политичките елити само на определени работи во функција на државата, сè останато, бидејќи тие работи секоја партија на власт ги користи за воспоставување на тотална контрола, тоа го правела и СДСМ претходно, сега го прават овие, така што тоа може да продолжи и понатаму бидејќи основните се така поставени.
Горан Илиќ, универзитетски професор.

Од друга страна, пак, лидерот на ДПА Мендух Тачи вели дека објавените разговори се целосна монтажа и конструкција позната за сојузот на комунисти.

Во ситуација кога власта и опозицијата си ја тераат вистината како вода на своја воденица, со што во јавноста се создаваат два паралелни реалности кои немаат допирна точка се поставува прашањето какви се ефектите од објавените снимки. Аналитичарите велат дека ефектите од објавувањето на снимките во најмала рака се поразувачки за општеството.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека тоа што се објави во медиумите за степенот на манипулации од страна на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и злоупотреба на позициите дава јасна слика до кој степен е дерогиран системот и до кое ниво постои отсуство на морална одговорност, а со тоа се поставува прашањето дали воопшто ќе се постигне и кривична одговорност.

„До кој степен оди нивниот безобразлук во негирање на снимки кои по нивниот квалитет и по разговорот не можат да бидат ниту фингирани, ниту наместени“, вели Стојадиновиќ.

Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека првиот ефект од објавувањето на снимките е зголемување на стравот кај граѓаните од нејасната ситуација, особено кај политички неопределените граѓани.

„Од друга страна, верува дека кај поддржувачите и кај членството на владејачката партија ја подигнува нервозата, затоа што слушаат што наводно се случувало, не верувам дека на целата огромна група им е сеедно, ако тоа се докаже дека е така, дека системот го зеле во своите раце и го користат за лични потреби. Од трета страна, кај опозициските партии се зголемува и ентузијазмот затоа што гледаат некаква сатисфакција од тоа дека причина за константно губење на изборите не била само политичката програма, туку и тешката злоупотреба на системот“, вели Алберт Муслиу.

Тој објаснува дека ефектите се повеќекратни и дополнително со тоа се зголемува тензијата во општеството.

Претседателот на Евро-атлантскиот совет, Исмет Рамадани, пак вели дека главниот ефект од бомбите е тоа што граѓаните во Македонија ќе ја осознаат, како што вели, вистината за начинот на кој досега се владеело во земјава.

„Мислам дека после ова на граѓаните ќе им биде многу појасно дека мора власта да биде транспарентна, мора да има институции и тела кои ќе ја следат работата на тие што ги бираме, односно функционерите и владата и со тоа во исто време неколкупати ќе расте одговорноста на тие што ќе бидат носители на јавни функции“, вели Исмет Рамадани.

Тој додава дека на новите функционери во иднина ќе им биде јасно дека за своите одлуки ќе дојде денот кога ќе треба да одговараат и пред јавноста, а и пред судските органи. Злоупотребата на функциите, изборните манипулации, и корупцијата се основни причини поради кои на ова општество му се потребни системски промени, согласни се аналитичарите.

„Јас мислам дека со оваа системска матрица на функционирање, тоа би одело многу тешко, во тој дел не сум оптимист и сметам дека начинот на ваквото функционирање е искален уште во 90-тите години и треба дефинитивно длабок рез во политичката матрица на секоја политичка лига во Република Македонија, да го направи тој чекор. Тој чекор ќе биде од максимална корист за државата и за граѓаните, бидејќи на таков начин ќе се департизираат институциите, вклучително и МРТВ, судство итн. Тука во прашање е некој покрупен процес на којшто носители можат да бидат луѓе кои имаат висока демократска свест“, вели професор Горан Илиќ.

Тој објаснува дека за да може некоја партија да донесе системски промени во општеството прво треба да сфати дека не треба да контролира сè околу неа.

„Деконтролирање на сè и фокусирање на политичките елити само на определени работи во функција на државата, сè останато, бидејќи тие работи секоја партија на власт ги користи за воспоставување на тотална контрола, тоа го правела и СДСМ претходно, сега го прават овие, така што тоа може да продолжи и понатаму бидејќи основните се така поставени, инаку во иднина секоја политичка елита треба да знае дека нема потреба, ниту смее да контролира се, тоа е најтешко“, вели Илиќ.

Стојадиновиќ вели дека што се однесува до промените кои треба да настанат по овие таканаречени бомби, треба да се размисли добро кој ќе ги спроведува тие реформи.

Потребни се промени во судскиот систем, промени во изборниот систем и изборни единици, потребен е попис кој е основна алатка за спроведување на демократски избори и да се одреди компас во кој правец ќе се движи државата, објаснува Стојадиновиќ.

Аналитичарот Муслиу смета дека е крајно време од оваа политичка криза во која едната страна инсистира само на правна разврска, а другата само на политичка да се извлече поука и да има трета разврска.

„Да биде обврзувачка за сите политички чинители кај нас, да се институционализираат механизми кои ова што се случува сега да не дозволат да се случува во иднина. Според мене, не е доволна само промена на власта или такви промени кои би биле само шминка, а не суштинска промена, ние треба да имаме промена во свеста на политичките елити, што се обезбедува најдобро преку институционални механизми“, вели Муслиу.

Исмет Рамадани вели дека една од промените која е неопходна во системот е зајакнување на механизмите на контрола од страна на парламентарните тела.

„Ние имавме комисија за следење на државната безбедност во рамките на Министерството за внатрешни работи, меѓутоа тоа дури и не функционира и при секој обид да функционира имаше пречки од владејачките структури, односно самото Министерство за внатрешни работи“, вели Рамадани.

Тој додава дека судските органи кои декларативно се независни, требна да вметнат органи во својата хиерархија кои ќе бидат сочинети од одговорни луѓе што ќе овозможат без страв независно функционирање на правниот систем.

Стојадиновиќ вели дека Македонија има капацитет за системски промени, но тешко се доаѓа до него.

„Тој капацитет треба буквално да се ископа, бидејќи во последните осум години, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ тој беше закопан и тоа беше и нивната цел да се закопа капацитетот, затоа што страшно им сметаше“, вели таа.

На трибината во Универзалната сала, заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, излезе со конкретни предлози за тоа што тие ќе прават ако дојдат на власт. Таа објави дека планираат да се фокусираат на деполитизација на институциите, односно дека МРТВ ќе биде независна и оти нема да има нарачани прилози, а министерствата нема да бидат партиски штабови.

На ваквите ветувања, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз гледа како на партиски ставови и ветувања и вели дека не верува во капацитетот на опозицијата за нивно исполнување.

Во меѓувреме се појавија неколку струи кои нудат свои решенија. Форумот на слободните патриоти укажува дека дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Груевски. Поранешните функционери на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Димитров, Владимир Лазаревик и Перо Димшоски апелираа до членството и до граѓаните за заштита на партијата и враќањето на довербата и темелните вредности.

И додека се чека на првиот потег кој ќе води до разрешување на политичката криза околу аферата со прислушување меѓународната заедница речиси секојдневно изразува загриженост за продлабочувањето на кризата.

Странските амбасадори во земјава предлагаат „европски олеснувачи“ и нудат помош, но потенцираат дека решението треба да произлезе од политичките лидери.