Зоја Бузалковска со Чеховата „Вујко Вања“ во МНТ

Македонскиот народен театар, во согласност со својата тенденција наново да им даде живот на класиците на светската драматургија, в недела на 15 март, во 20 часот, премиерно ќе ја изведе „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов во режија на Зоја Бузалковска. Во оваа претстава за немоќта на обичниот човек да си го промени животот, неговата неслобода и нереализираност, играат Владо Јовановски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Катина Иванова, Благој Чоревски, Љупка Џундева, Нино Леви и Дарја Ризова.

По безмалку две децении од постановката во Драмски, меѓународниот проект на Слободан Унковски и Бајруш Мјаку од 2008 година, „Вујко Вања“ на Антон Чехов наново ќе осамне на една од домашните театарски сцени. Овојпат во Македонскиот народен театар и тоа во режија на Зоја Бузалковска, која во пресрет на неделната премиера знае да каже дека е „огромна провокација, но и одговорност да се постави Чехов“. Дека со и за „Вујко Вања“ мечтае можеби од почетокот на нејзиното занимавање со театар, дека е пресреќна што конечно дошло времето и што тоа ќе се случи со една таква силна екипа и тоа на новата сцена националната куќа со сите нејзини технички можности.

Чехов во своите белешки доста пишувал за провинцијата во која што и самиот доста долго живеел. Јас зедов неколку негови мисли како идеја водилка за ова што го правиме зашто провинцијата од времето на Чехов некако како да се доближува денес до провинциите на денешницата меѓу кои и оваа нашава. Нашата во однос на, да речеме, светот.
Зоја Бузалковска, режисерка.

„Чехов во своите белешки доста пишувал за провинцијата во која што и самиот доста долго живеел. Јас зедов неколку негови мисли како идеја водилка за ова што го правиме зашто провинцијата од времето на Чехов некако како да се доближува денес до провинциите на денешницата меѓу кои и оваа нашава. Нашата во однос на, да речеме, светот“, вели Бузалковска.

Генијалноста на Чехов е толку голема што навидум сите знаеме сè за него, затоа што пишува едноставно, а големината и генијалноста се токму во едноставноста.
Владо Јовановски, актер.

Таа појаснува дека Чехов е меѓу вечните автори, секогаш актуелни, меѓу оние кои неодминливо можат да се впишат во времето во кое се поставуваат. Истакнува дека ликовите од „Вујко Вања“ се луѓе кои што се заглавени во едно место за да во еден момент крај нив протатнат Сребраков со неговата сопруга и да донесат малку живот во паланката во која „како ништо и да не се случува“ и каде живеат оние чии амбиции и способности замреле во меѓувреме. На тој начин, како што вели таа, ним им е создадена илузија дека можат да фатат приклучок и да го проживеат својот живот на поинаков, поквалитетен начин, за да потоа двојката си замине од таму и ги остави уште подлабоко да потонат во сопствената безнадежност, бесцелност и промашени животи.

„Ние сме слаби луѓе зашто слободата и нереализираноста се некако во нас самите и во нашата немоќ да ги промениме нашите животи и да фатиме приклучок со времето. Тоа се основните преокупации со кои се занимававме и се разбира, ако сакате поинаку, ова е една претстава за љубовта. Една многу едноставна човечка приказна за љубовта“, потенцира режисерката која во МНТ се враќа по повеќе од 15 години од поставувањето на „Песочна сложувалка“.

Од друга страна, во „Вујко Вања“ настапува силна актерска екипа (АКТЕРИШТА, како што ќе забележи Бузалковска), во која што се многупати докажаните Владо Јовановски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Катина Иванова, Нино Леви, Дарја Ризова и како гости доајените Љупка Џундева и Благој Чоревски.

Јовановски, кој ја толкува насловната улога, знае шеговито да каже дека Чехов на нашата сцена во последно време го нема толку многу затоа што „кога ќе се спомне неговото име на актерите им се тресат панталоните“.

„Генијалноста на Чехов е толку голема што навидум сите знаеме сè за него, затоа што пишува едноставно, а големината и генијалноста се токму во едноставноста. Навидум на сите сè ни е јасно, а кога човек ќе навлезе во анализа и ќе навлезе во она што се вика освестување на секоја реплика каде што нема ништо случајно, ниедна случајна запирка, се разбира ако преводот е добар, тогаш навистина човек се соочува со своето незнаење. Со самото тоа и одговорноста се зголемува затоа што врз главата ги чувствуваш сите куфери кој подеднакво е и наш, македонски, балкански, славјански автор, толку во исто време е и јапонски, германски, англиски... Во тоа е големината затоа што пишува за обични луѓе, за нивните заблуди, за се она што го носи животот сублимиран во два и пол часа или во четири чина“, вели Јовановски.

По неколкугодишна пауза на сцена се враќа легендарната Љупка Џундева, која искрено признава дека е убаво што некој најпосле се сетил на неа и дека и покрај бремето на годините воопшто не се двоумела дали да ја прифати улогата. Таа своевремено играла и во стариот скопски театар, но тогаш, како што вели, била премлада да добие улога во пиеса на големиот автор. Во стариот објект на МНТ настапувала само во „Три сестри“.

„Сакам да играм, посебно да го работам Чехов. Нема актер којшто не сака да учествува во некоја негова драма. Мене ми е големо задоволство и тоа што по долго време повторно ќе ја почувствувам сцената, сега веќе новата сцена на МНТ. Тоа за мене не е мала работа“, вели таа.

Благој Чоревски, пак, чија матична сцена е Драмски театар и овде се јавува како гостин, има неколку причини за радост што е дел од оваа екипа од кои за него најголема е таа што пред некаде седум децении неговиот татко Трајко играл во првата претстава на Македонскиот народен театар - „Платон Кречет“.

„Се чувствувам привилегирано и возвишено што се враќам на истата сцена со голем текст на еден од великаните на светската драматургија“, вели тој во пресрет на премиерната изведба на „Вујко Вања.

Инаку, Бузалковска која го потпишува и одбирот на музиката, за оваа претстава има и двајца соработници од странство – кореографот Александар Ацев од Хрватска и дизајнерот на светло Владислав Флоров од Русија. Конечно, таа и Тодор Дајевски ја потпишуваат и сценографијата за проектот, а костимите се дело на Марија Пупучевска.