Власта ги игнорира барањата на Заев

Опозицијата побара оставки од владата, јавниот обвинител и од раководството на МРТВ. Владата се оглушува на неговите барања.

Владата на Никола Груевски веднаш да поднесе оставка, јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, веднаш да поднесе оставка и раководниот тим на Македонската радиотелевизија веднаш да си поднесе оставка. Ова се трите барања кои претседателот на СДСМ Зоран Заев ги испорача синоќа од Универзалната сала. Трите повикани страни денеска или се недостапни или одговорија негативно на неговото барање.

Во првиот мандат од три години бев фокусиран на реализација на програмата. И за среќа, целата програма се реализираше во целост. Во тие три години воопшто не се впуштав во коментирање на ставови и барања на политички партии. Истото ќе продолжам да го правам и во овој мандат. МРТ нема да дозволам да влезе во дневно политички битки.
Маријан Цветковски, директор на МРТВ.

„Во првиот мандат од три години бев фокусиран на реализација на програмата. И за среќа, целата програма се реализираше во целост. Во тие три години воопшто не се впуштав во коментирање на ставови и барања на политички партии. Истото ќе продолжам да го правам и во овој мандат. МРТ нема да дозволам да влезе во дневно политички битки“, вели директорот на МРТВ Маријан Цветковски.

Од владата и од јавниот обвинител Марко Зврлевски, и покрај обидите, не добивме реакција за барањата на Заев.

Инаку тој синоќа покрај оставки побара и да се формира преодна Влада, којашто ќе имала мандат да ги обезбеди неопходните услови за спроведување слободни, фер и демократски избори. Нејзина обврска, како што рече Заев, би била и да обезбеди целосно раздвојување на владејачките партии од институциите кои сега биле окупирани и нивно департизирање по сите линии.

Сега како што изгледа, тој дури ни на сон не помислува да даде оставка. Тој дури им забранува на сите негови соработници да дадат оставка. Останува само една можност, односно тој да биде разрешен. Е сега треба да се види каква е таа можност и колку е реална. Засега, неговата коалиција има 62 пратеници, односно има мнозинство во парламентот сама, без ДУИ.
Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието.

Според поранешниот претседател на собранието, Стојан Андов, за да се зборува за преодната влада и нејзиното функционирање неопходно е прво Груевски и неговиот кабинет да се тргнат од Илинденска, нешто што од денешна гледна точка не е извесно како би се одвивало.

„Сега како што изгледа, тој дури ни на сон не помислува да даде оставка. Тој дури им забранува на сите негови соработници да дадат оставка. Останува само една можност, односно тој да биде разрешен. Е сега треба да се види каква е таа можност и колку е реална. Засега, неговата коалиција има 62 пратеници, односно има мнозинство во парламентот сама, без ДУИ“, вели Андов.

Варијантата владата да биде разрешена во собранието што ја споменува Андов е можна ако таму се поднесе барање за доверба на владата кое треба да го поднесат најмалку дваесет пратеници. За другата варијанта, интерпелација на нејзините членови се потребни најмалку пет пратеници. Но, за ваквите предлози да поминат, потребно е мнозинство кое засега го има Груевски. Под прашање се доведува и самото поднесување на ваквите механизми ако се земе предвид дека парламентот функционира речиси без опозиција, а опозициската партија на Албанците ДПА веќе го осуди објавувањето на материјалите од Заев и застана против неговите постапки.

Од владиниот коалициски партнер ДУИ, слично како и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, инсистираат дека е важно од каде се снимките, а не нивната содржина, а партијата на Груевски јавно изгледа доста монолитно и речиси по секоја прес-конференција на опозицијата нагласува дека СДСМ сакал целата држава да ја уценува со креирани, монтирани и менувани разговори и да ја преземе власта без поддршка од граѓаните.

Инаку, зборувајќи за составот на преодната Влада, Заев вчера нагласи дека во неа нема да може да учествуваат лица за кои има сомнежи или докази дека на каков било начин учествувале во незаконски и криминални активности. Покрај ова, тој побара и паралелно со целиот овој процес, веднаш да започне и јавна, транспарентна и непристрасна истрага за скандалот со прислушувањето, со вклученост на меѓународната заедница.

Извори на ДУИ за телевизијата 24 Вести велат дека во моментов е рано да се зборува за формирање преодна Влада, но потенцираат дека тоа е засега, иако не сакаат да конкретизираат кога би бил вистинскиот момент за да дадат поддршка.