„Улица љубов“ е циклус во формирање и јас очекувам уште многу слики од оваа серија. Барем така чувствувам сега и тој порив за сликање е многу силен. Едвај чекам да заврши изложбата и пак да му се вратам на атељето.
Верувам дека ова е само почеток на серијалот. Овие слики што ќе бидат изложени во Галерија МКЦ се работени во последниве година дена, така што се надевам оти овој циклус ќе трае уште многу повеќе.Ване Костуранов, уметник.
Вака ликовниот уметник Ване Костуранов ќе ја започне сторијата во пресрет на својата нова, десетта самостојна изложба што треба да биде отворена овој четврток, на 12 март, во 20 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.
„Верувам дека ова е само почеток на серијалот. Овие слики што ќе бидат изложени во Галерија МКЦ се работени во последниве година дена, така што се надевам оти овој циклус ќе трае уште многу повеќе“, вели Костуранов.
Сега се куќи, но едновремено и личности на некој начин. Тоа што исто така е слично се и разиграноста, колоритот, радоста и љубовта што тие со себе ги носат.Ване Костуранов, уметник.
Постановката инаку доаѓа по две години од претставувањето на „Небо во лицата“ и за неа авторот знае да каже дека промената се состои во тоа дека овој пат се претставени куќи наместо луѓе. Сепак, како што појаснува, чувствува дека во многу нешта станува збор всушност за некој спој на луѓето и куќите што ги работел пред некаде десеттина, можеби дванаесет години.
„Сега се куќи, но едновремено и личности на некој начин. Тоа што исто така е слично се и разиграноста, колоритот, радоста и љубовта што тие со себе ги носат“, вели тој.
Кога влегувам во атеље, тоа е процес на осамување и процес на прочистување од сите тие нешта што стојат на површина. И ако притоа слезете подлабоко во вас и она што ви е најважно, она што ви остава најмногу впечаток, најмногу ве допира, мислам дека тоа едноставно излегува на платното. Барем јас така чувствувам. Не можам да тврдам до крај.Ване Костуранов, уметник.
Говорејќи за сопственото творештво, Костуранов забележува дека во него, во последниве неколку години, очебијно е влијанието на раѓањето на неговите деца. Откако тие дошле на свет, сликите му станале поколоритни и полни со љубов. Се обидувал тоа да си го објасни во контекст на сета грдотија на времето во кое живееме, за да конечно констатира дека во процесот на работа на виделина излегува неговата со ништо недопрена интима.
„Кога влегувам во атеље, тоа е процес на осамување и процес на прочистување од сите тие нешта што стојат на површина. И ако притоа слезете подлабоко во вас и она што ви е најважно, она што ви остава најмногу впечаток, најмногу ве допира, мислам дека тоа едноставно излегува на платното. Барем јас така чувствувам. Не можам да тврдам до крај“, вели уметникот.
Роден 1979 година во Струмица, Ване Костуранов активно се занимава со сликарство петнаесетина години. Учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и 9 самостојни. Уште како дете повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Од таму тој несомнено е сликар – поет. Пишува поезија со бои. Неговите платна се песни, а секој нов циклус и нова стихозбирка натопена со емоции.
„Тој мој недостаток од умеење со зборови веројатно е пренасочен кон умеење со бои. Така да тоа што го чувствувам, да кажеме таа поезија што сакам некому да му ја пренесам, ја пренесувам со боите. Е, сега колку успешно го правам тоа тоа е друг муабет“, вели Костуранов.
Во контекст на ова, повеќе од разбирливо е што и оваа негова изложба во МКЦ ќе ја отвори неговиот пријател од детството, поетот Никола Маџиров.
„Со Никола сме првин добри пријатели и се знаеме многу, многу одамна. Потем сме другари, комшии, кумови... Поврзани сме на многу начини. Сепак, она што нè упатува еден на друг најверојатно е сензибилитетот. Изгледа дека се наоѓаме на иста бранова должина. Неговата поезија, не само мене, туку мислам дека нема човек што не го допира силно, така да навистина има безброј причини зошто токму тој се јавува како говорник на моите изложби“, вели Костуранов.
Инаку, по Скопје, во април „Улица љубов“ ќе биде изложена во Струмица, а потем уште во неколку градови низ Македонија за што преговорите се во тек. Во меѓувреме сликите на Костуранов се достапни он-лајн за сите што сакаат да ги видат и како што вели самиот „нешто посебно не размислувал за нивно физичко претставување на интернационалната сцена со забелешка дека во иднина е отворен за секаков вид соработка“.
„Доколку дојде до некаква сериозна понуда од некого веројатно би го направил и тој чекор. Сепак, морам да кажам, дека како уметник јас не размислувам така „менаџерски“ и сам да тргнам во поход. Некако оставам сликите сами да си го направат тоа и да се изборат за своето место“, вели Костуранов.