Говорејќи на прес - конференција Дејселблум изјави дека било загубено многу време и оти доколку разговорите за условите не започнат, тогаш грчкиот план за реформи нема да ја има поддршката на еврогрупата.
Дејселблум изјави дека реформите што во писмо во минатата недела во општи црти ги изнесе грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис треба најнапред да бидат разгледани на техничко ниво, по што би почнале разговори со сите членки на еврозоната.
„Мојата клучна порака денеска беше дека ние потрошивме две недели очигледно дискутирајќи кој со кого се сретнал, каде и со каков дневен ред, а тоа е целосно губење време. Затоа ние едноставно рековме дека вака веќе не може. Ајде да почнеме в среда во Брисел разговори“, изјави тој по состанокот на министрите за финансии на еврозоната.
Мојата клучна порака денеска беше дека ние потрошивме две недели очигледно дискутирајќи кој со кого се сретнал, каде и со каков дневен ред, а тоа е целосно губење време. Затоа ние едноставно рековме дека вака веќе не може. Ајде да почнеме в среда во Брисел разговори.Јерен Дејселблум, шеф на еврогрупата.
Дејселблум додаде дека некои луѓе ќе бидат во Атина каде што во тамошните институции ќе работат за поефикасно завршување на работата.
Новата крајно левичарска грчка влада сака да им покаже на гласачите дека ги исполнува ветувањата дека нема да работи со таканаречената „тројка“ меѓународни кредитори.
Затоа владата се обидува да ги избегне разговорите со странските инспектори во нивната земја.
„Тројката е сплет на технократи која во Атина ќе влезе во министерствата со своевидна моќ која потсетува на колонијална и ќе се обиде да спроведе програма која се покажа дека не е успешна за крпење на грчката криза. Таа практика е завршена. Тоа е историја“, оцени грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис.
Тројката е сплет на технократи која во Атина ќе влезе во министерствата со своевидна моќ која потсетува на колонијална и ќе се обиде да спроведе програма која се покажа дека не е успешна за крпење на грчката криза. Таа практика е завршена. Тоа е историја.Јанис Варуфакис, министер за финансии на Грција
Како и да е, евро министрите соопштија дека не е практично да се разгледуваат детали за состојбата на грчката економија и на владините финансирања на друго место освен во Атина.
„Грција може да добие помали делови од итниот пакет за финансирање само ако преземе чекори за спроведување на реформите побарани од нејзините меѓународни кредитори“, изјави Дејселблум.
„Не може да има разговори за итна исплата ако нема договор “, рече тој, додавајќи дека тоа подразбира и целосно спроведување на постигнатиот договор.
Исклучена од пазарот на капитал, со замрзнати меѓународни заеми и со пад на даночните приходи, Грција би можела да остане без пари во текот на овој месец.
Сепак, еден грчки официјален претставник изјави дека Атина имала доволно за да ја плати втората од четирите рати од заемот во вредност од 330 милиони долари до крајниот рок 13 март.
Во текот на месецов, односно на 16 и 20 март Грција треба да исплати уште две рати.
Грчкиот министер за финансии Варуфакис во интервју за италијанскиот весник Кориере дела сера изјави дека доколку еврозоната не го одобри планот реформи тогаш неговата влада ќе распише нови избори или референдум.