Во Дневниот центар „Порака Наша“ се учи готвење, но и историја

Во Дневниот центар „Порака Наша“ во Куманово, лицата со попреченост учат кулинарски вештини, пишување, историја.

Широка насмевка, пружена рака и прегратка, чисто детско срце во возрасни луѓе, благородност и добрина, е светот на лицата со интелектуална попреченост постари од 18 години, во Дневниот центар „Порака Наша“ во Куманово. Учителите им се психолог, социјален работник, дефектолог и педагог, но тие се и нивни најдобри пријатели со кои заедно ги подготвуваат оброците. Запрашани сите поодделно велат дека тука им е многу убаво и дека сакаат да доаѓаат. Тука се свои на своето.

Ние секој ден подготвуваме ручек, но не сме подготвувале кифлички, торти, слатки, што за нив е многу интересно. На тој начин ги поттикнуваме дома да им помагаат на нивните мајки. Правевме кифлички, тие се вклучени во целиот процес, од месење тесто до печење. Тоа е ново за нив и интересно им е.
Светлана Милеска Димитриевска, социјален работник.

Светлана Милеска Димитриевска, социјален работник, во изминатиот период со корисниците работи на кулинарски вештини.

„Ние секој ден подготвуваме ручек, но не сме подготвувале кифлички, торти, слатки, што за нив е многу интересно. На тој начин ги поттикнуваме дома да им помагаат на нивните мајки. Правевме кифлички, тие се вклучени во целиот процес, од месење тесто до печење. Тоа е ново за нив и интересно им е“, вели Светлана Милеска Димитриевска.

Тие се снаоѓаат добро бидејќи секојдневно работат в кујна, знаат каде се наоѓа тоа што им треба, меѓутоа откако ќе заврши готвењето Милеска Димитриевска, вели дека се преминува на вештината на пишувањето.

Конкретно кога ќе работиме некоја практична или когнитивна активност, тоа што го работат, временски не се многу посветени, зашто и концентрацијата е помала, сепак, се трудат тоа да го направат што е можно подобро и ги следат упатствата што им се кажани претходно.
Дејан Стојановски, педагог.

„Рецептот го препишуваме секој на свој лист и го носи дома за да го направи дома со помош на родителите.“

Педагогот Дејан Стојановски додава дека во Дневниот центар се работи по месечна програма, а освен што се учат нови работи, корисниците треба и да ги повторуваат старите. По осумгодишно работење со корисниците резултатите се евидентни, меѓусебно подобро се разбираат, корисниците се трудат да дадат максимум од себе.

„Конкретно кога ќе работиме некоја практична или когнитивна активност, тоа што го работат, временски не се многу посветени, зашто и концентрацијата е помала, сепак, се трудат тоа да го направат што е можно подобро и ги следат упатствата што им се кажани претходно.“

РСЕ: Колку трае нивната меморија?

„Трае, но се разбира дека забораваат, затоа е потребно повторување. Веројатно така е и со нас.“

Дефектологот Фросина Симоновска вели дека во зимските месеци се ограничени во социјалните и активностите во производствениот процес. Во февруари организирале продажна изложба во соработка со Црвен крст. А штом ќе се подобрат временските прилики корисниците ќе излезат од центарот.

„Се уште разгледуваме каде да одиме и што да посетиме во рамките на нашите социјални активности. Во ноември бевме во селото Скачковце во манастирот што корисниците ги остави без здив. Настојуваме да посетиме такви места кои што на корисниците ќе им останат во долго сеќавање.“

Психологот Мартина Костовска раскажува дека од психолошки аспект настојува да ги разбуди некои способности кои што на корисниците би им користеле во иднина. Според неа, овие лица се едни од најсоцијализираните што ги видела од оваа категорија. Освен што можат сами да се облекуваат и да се грижат за личната хигиена, да мијат садови, во тек се обуки за самостојно движење низ градот.

„Една од поновите работи е што дел од нив ги интересира историја. На пример, сега да го викнам Марјан и тој ќе ви каже за Гоце Делчев, кога и каде е роден, против кого се борел, бараат слики да се печатат од Делчев, од Јане Сандански. Некогаш гледаме филмови, некогаш читаме за биографија на нашите револуционери. Еден корисник знае за Константин Миладинов и за песната „Т,га за југ“. Му објаснив зошто е напишана и како, па тој секое утро доаѓа и ги кажува стиховите „ Да видам Охрид, Струга да видам“. А глумата и музиката особено ги интересираат.“

Некои од нив, според Костовска во центарот научиле да пишуваат и да бројат. Успехот и напредокот на овие лица со попречености ги исполнува и радува и нив самите, но и оние кои со нив поминуваат по пет работни денови во седмицата.