Достапни линкови

Физичка активност за лицата со интелектуална попреченост


Сите деца кои се вклучени во каква било социјална услуга или во образование, а се со интелектуална попреченост, имаат можност бесплатно да спортуваат во Куманово.

Лицата со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст од Дневниот центар „Порака Наша“, децата од специјалните паралелки во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ и лицата од Дневниот центар под 18-годишна возраст под ингеренции на Министерството за труд и социјална политика, со помош на локалната самоуправа во Куманово и финансиската поддршка од УНДП започнаа со физичка активност. Со нив, освен дефектолози, социјални работници и педагози, работат и професори по физичко и здравствено воспитување, како и физиотерапевт.
Лицата од нашиот Дневен центар двапати неделно одат во спортската сала во О.У. „Толи Зордумис“ каде што ги развиваат спортските вештини, а два дена во неделата професорите доаѓаат во центарот каде што вежбаат заедно со нив.
Благица Димитровска, Дневниот центар за лицата со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст „Порака Наша“ од Куманово.

Благица Димитровска од „Порака Наша“ вели дека сите деца кои се вклучени во каква било социјална услуга или во образование, а се со интелектуална попреченост, имаат можност да спортуваат.

„Така и лицата од нашиот Дневен центар двапати неделно одат во спортската сала во О.У. „Толи Зордумис“ каде што ги развиваат спортските вештини, а два дена во неделата професорите доаѓаат во центарот каде што вежбаат заедно со нив. Физиотерапевтот, пак, работи со оние што имаат проблеми со движењето се прави физикална терапија. Ова е нешто многу полезно, а исто така ја подигаме и јавната свест на општата популација дека овие луѓе можат само ако се поддржани“, вели Димитровска.
Овие лица се препородени. Не само што им се збогати секојдневната содржина на нивниот живот, туку тие се чувствуваат како луѓе. Тие имаат и групни и индивидуални тренинзи. Децата секојдневно се опфатени со овие активности.
Фросина Трајковска, Општина Куманово.

Фросина Трајковска од локалната самоуправа објаснува дека овој проект за лицата со попречености е многу полезен. Тие своите тренери ги прифатиле многу побрзо и полесно од очекуваното.

„Овие лица се препородени. Не само што им се збогати секојдневната содржина на нивниот живот, туку тие се чувствуваат како луѓе. Тие имаат и групни и индивидуални тренинзи. Децата секојдневно се опфатени со овие активности“, вели Трајковска.

Услугите од овој проект ги користат околу 80-ина лица, меѓутоа Трајковска вели дека за професорите кои се тренери на лицата со интелектуална попреченост е предизвик за работа, особено што се дел од дипломираните, а невработени стручни кадри.

Процесот за инклузија на лицата со интелектуална попреченост во Куманово е долг и макотрпен. Родителите кои имаат вакви деца со голема пожртвуваност, изминатата деценија прилично се изборија за надминување на предрасудите и навикнување на јавноста дека и овие лица постојат. Досега многу битки се добиени, но уште многу борби се пред нив. Сепак, како што вели Максим Димитриевски, претседател на општинскиот Совет, Куманово генерално во Република Македонија е лидер во делот на давање помош на оваа категорија лица. Секако дека и Куманово доцни.

„Подобро е некогаш, отколку никогаш. Првенствено Општина Куманово во Република Македонија е лидер во давање помош на оваа група лица, или наши сограѓани со попреченост. Задоволство е кога ќе се донесе одлука за директна или индиректна помош на овие лица и нивните семејства“, вели Димитриевски.

Сепак, добро е што иницијативата на двата дневни центри и на О.У. „Браќа Миладиновци“ е прифатена од Советот, вели тој.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG